ПОКАНА: Третман кон лицата со ментални здравствени проблеми во Западниот Балкан
јануари 28, 2019
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија има чест да ве покани на завршна конференција во рамки на проектот „Регионално дејствување за подобрување на третманот кон лицата со ментални здравствени проблеми“, поддржан од страна на Швајцарската Конфедерација, претставувана од Министерството за надворешни работи, преку Одделот за човекова безбедност, а спроведен во партнерство со Албанскиот хелсиншки комитет, Српскиот хелсиншки комитет и Косовскиот центар за рехабилитација на жртви од тортура.
Конференцијата ќе се одржи на 29 јануари 2016 година (петок), од 9:45 до 12:45, во Хотел Арка, Скопје.
Тим од осум експерти, составен од двајца претставници од секоја партнерска организација, придружуван од еден преведувач ги посетија: Институтот за форензична психијатрија во Приштина, Центарот за психијатриска рехабилитација во Штимље, Форензичната психијатрија во рамки на Затворот Круја, Психијатриската болница во Елбасан, Специјалната затворска болница во Белград, Специјалната болница за психијатриски болести во Вршац, Психијатриската болница во Скопје (Бардовци) и Психијатриската болница во Демир Хисар.
Целта на посетите беше согледување на материјалните услови на установите преку посета на просториите за сместување, дневен престој и рекреација, како и разговори со директорите, дел од останатиот персонал на установите и кратки разговори со дел од пациентите.
На конференцијата ќе се презентираат заклучните согледувања од посетите на психијатриските установи во регионот, како и препораки за надминување на идентификуваните проблеми.
Би ни претставувало особено задоволство доколку претставник на Вашата организација/институција присуствува на овој настан.
Ве молиме Вашето присуство да го потврдите на sanja.barlakovska@mhc.org.mk, или на 02/3119-073 и 078/252-812.