јануари 29, 2019

Сите препораки од Хелсиншкиот комитет влегоа во финалниот извештај од УПР

Работната група при Советот за човекови права на Обединетите Нации на денешната 32-ра седница ќе го усвои извештајот од третиот периодичен преглед (УПР) за состојбата со човековите права во Република Македонија. Извештајот содржи 169 препораки на десетина теми/прашања.

Хелсиншкиот комитет за човекови права учествуваше во изработка на два извештаи (еден посебен и еден во рамки на Мрежата за заштита на права на Ромите) со кои ја информираше работната група при Советот за човекови права на ООН за состојбите со човековите права на Ромите, лицата со физичка, интелектуална и комбинирана попреченост, жените од руралните средини и бегалците (мигрантите).

Комитетот побара од Советот за човекови права да и препорача на државата да ја подобри состојбата со инклузија во образованието преку подобрување на пристапот до предучилишно образование, намалување на Роми ученици во специјално образование и нивна инклузија во редовното образование, подобрување на пристап до домување со носење Закон за социјално домување, како и подобрување на пристапот и квалитетот на пренатална и антенатална здравствена заштита во подрачјата каде што живеат Роми.

Понатаму, се бара унапредување на законската рамка, институционална и вонинституционална социјална заштита, редефинирање на условите за остварување парични надоместоци согласно Законот за социјална заштита, домување, подобрување на пристап и квалитет до здравство, подобрување на образовниот систем со воведување образовни помагала на Брајово писмо и додефинирање на инклузивното образование и воведување на квоти за правична застапеност на лица со попреченост во јавната администрација.

Воедно, Комитетот побара од Советот да ѝ предложи на државата да го унапреди рушењето на родови стереотипи со менување на курикулумот и менување на учебниците во основното образование, воведување на сексуално образование, подобрување на пристапот до предучилишно образование со отворање нови градинки во руралните средини, подобрување на пристапот и квалитетот на сексуално и репродуктивно здравје со ставање орална контрацепција на позитивна листа на лекови и ангажирање мобилни гинеколошки тимови во руралните подрачја, подобрување на меѓу институционалната соработка во врска со пријавување и постапување по случаи на семејно насилство.

На крај, Комитетот побара од Советот да и препорача на државата воспоставување систем за регистрација на сите бегалци и мигранти кои транзитираат во земјата, со цел подобрување на заштитата на човековите права, гарантирање на правото за барање на азил за сите бегалци и мигранти, сензибилизација и обука на полициските службеници за постапување во случаи со мигранти и бегалци.

Сите препораки од извештаите на Хелсиншкиот комитет влегоа во финалниот извештај од третиот периодичен преглед за состојбата со човековите права во државата на Советот за човекови права при Обединетите нации.

Државата најдоцна до јуни треба да се изјасни кои препораки ги прифаќа, а кои не, кои смета дека веќе ги спроведува, а кои останува да се спроведат до следниот периодичен преглед.