февруари 4, 2015

По кој закон постапува јавното обвинителство?

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се огласи со соопштение од 03.02.2015 година за случувањата поврзани со објавувањето и дистрибуирањето на снимките од средбите помеѓу Претседателот на Владата Никола Груевски и лидерот на СДСМ Зоран Заев. Притоа, ОЈО се осврнува само на начинот на кој што се дошло до снимките и изрично се потенцира дека ќе следат реперкусии за оние кои што ќе ги објавуваат материјалите, во случајот медиумите.

Хелсиншкиот комитет по повод соопштението на ОЈО цени дека е потребно да се истакне дека согласно член 18 од Законот за кривична постапка јавното обвинителство е должно да преземе кривично гонење ако постојат докази дека е сторено кривично дело за кое се гони по службена должност во членот. Апсурдно е што ОЈО имајќи ги предвид досегашните информации во овој случај не соопштува дали има намера и дали нешто презема во врска со материјалот во кој наводно се говори за сериозен криминал и корупција извршен од страна на високи државни функционери. Суштествено е во случајов да се утврди постоењето или непостоењето на ваквите материјали, а не да се дефокусира предметот на постапување само на следење на постапката и начинот на кој се сочинети снимките и нивното понатамошно дистрибуирање. Хелсиншкиот комитет исто така потсетува на уставната гаарнција за заштита на слободата на јавно информирање, слободниот пристап кон информациите и слободата на примање и пренесување информации.

Наводите во соопштението на ОЈО кои се однесуваат токму на овие слободи е симптоматично и може да биде толкувано како начин за спречување на понатамошно разоткривање на кривични дела чие расветлување е од особен интерес, а е должност на секој и согласно членот 273 од Законот за кривичната постапка – Пријавување на кривични дела, каде е утврдено дека секој треба да пријави кривично дело за кое се гони по службена должност.

Во врска со заканата за санкционирање на изнесување на материјали и докази во член 289 и 299 од Законот за кривичната постапка се забранува обзнанување на преземените дејствија и документи или изјави добиени во текот на постапката, но не се забранува објавување на материјали кои може да станат предмет на постапка! Затоа прашуваме на кој закон тоа се повикува јавното обвинителство и дали со ова се става во нечија одбрана, што не е негова работа, бидејќи обвинителството напротив мора да ги испита сите извори и гласини и мора да гони за обвинувања за криминал, а не да брани некого.