февруари 2, 2015

Насилство врз или од страна на претставници на највисоките државни органи?

Во периодот од 23 до 31 јануари 2015 г., од страна на специјални полициски единици, по наредба на судија на претходна постапка, извршени се претреси на домови и работно место за наводно сторени кривични дела „Шпионажа“, „Неовластено држење на оружје“, „Прикажување на порнографски материјал на дете“ и „Насилство спрема претставници на највисоките државни органи“. Осомничени за овие дела се З.В., С.В., Б.П. и З.З (лидер на најголемата опозициска партија). Приведувањето на З.В. како и во други случаи беше изведено на начин кој го повредува принципот на пресумпција на невиност. Прво, самиот чин на приведување од страна на МВР беше снимен и споделен со медиумите без прикривање на идентитетот на осомничениот. Второ, МВР самостојно и без координација со ОЈО (која според новиот Закон за кривичната постапка е задолжителна) посочи на наводно кривично дело кое според ОЈО не е предмет на истрага (Прикажување на порнографски материјал на дете). Трето, именувањето на полициската акција „Пуч“ претставува јасна повреда на пресумпцијата на невиност со што се врши своевиден притисок врз правосудните органи и се манипулира јавноста.

За кривичното дело „Насилство спрема претставници на највисоките државни органи“ за кое што се товарат сите осомничени, Кривичниот законик утврдува дека го сторува оној „што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија со сила или со сериозна закана ќе го спречи нешто или ќе го присили нешто да стори или да не стори во вршењето на неговата должност претседателот на (…) Владата“. Од обраќањето до јавноста на претседателот на Владата од 31 јануари 2015 г., во кое тој ги образложува причините и тајмингот за отпочнувањето на истражната постапка, се наметнува заклучокот дека на тој начин од страна на Владата или премиерот лично се врши директно влијание врз одлучувањето на истражните и на правосудните органи. Ова особено затоа што претседателот на Владата во изјавата посочи дека тој лично донел одлука за поведување постапка против својот најголем политички опонент, бидејќи му се заканувал „дека ќе го обелодени криминалот на власта“. Ќе потсетиме дека според важечките прописи (Законот за Полиција и Законот за кривичната постапка) во Република Македонија важи т.н. принцип на легалитет на кривичното гонење, според кој полицијата и јавното обвинителство се должни секогаш да поведат постапка, ако се исполнети законските услови, што не смее да зависи од опортуноста на политичката одлука! Дотолку повеќе, ова важи и за сите евентуални кривични дела за кои постојат докази во спорните материјали кои се одземени во полициската постапка.

Имајќи предвид дека лидерот на најголемата опозициска партија месеци наназад посочуваше дека има на располагање материјал за корупција и друг криминал од страна на власта, произлегува дека не може да станува збор за лична закана, односно насилство спрема претседателот на Владата како еден од највисоките државни органи. Впрочем, во случајов очигледно е дека осомничените не се гонат за противзаконито прислушување, снимање и сл., а и да постои таков материјал тој според практиката на Судот за човекови права во Стразбур (Шенк против Швајцарија, Жалба 10862/84) не е автоматски неупотреблив за докажување на криминал, како што тоа би било случај кога ќе се утврди незаконито прислушување или снимање од страна на полицијата или други органи со слични овластувања. во меѓународното право постои тренд да не се гонат и да се заштитуваат лицата (т.н. whistleblowers–соработници на правдата) кои ќе обелоденат злоупотреби и друг криминал. Оваа заштита се обезбедува и преку Конвенцијата против корупција на Обединетите нации (Член 32) и Казнената конвенција за корупција на Советот на Европа (Член 22) кои предвидуваат посебна заштита на сведоци од одмазда или заплашување.

Намерата на лидерот на најголемата опозициска партија да обелодени материјал со кој што би се докажало криминално и коруптивно однесување на власта е апсурдно да се третира како напад врз уставниот поредок и насилство врз претставници на државните органи. Ваквиот материјал може да биде само од јавен интерес ако се има предвид дека власта за своите постапки одговора пред граѓаните од кои што е избрана. Хелсиншкиот комитет не ја пренебрегнува околноста ваквиот материјал да биде утврдуван во судска постапка, но загрижени сме од можноста со поведувањето на постапката спрема осомничените да се скријат или на друг начин „неутрализираат“ доказите за корупција и криминал на актуелната власт, преку обидите тие да се прикажат како незаконити, да се класифицираат како тајни и сл. Поаѓајќи од претходно наведеното, а поучени од претходните случаи на притисоци и влијанија врз судството и јавното обвинителство, инсистираме да се обезбедат услови за транспарентно водење на постапката, под мониторинг на меѓународните организации и невладините организации што се бават со борба против корупцијата и со заштита на човековите права и слободи.