Остра реакција на Хелсиншкиот комитет и Македонското здружение на млади правници за случајот во Психијатриската болница во Демир Хисар
октомври 3, 2023
Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници се згрозени и остро реагираат за најновиот случај на 17-годишно момче со аутизам кое било врзувано во Психијатриската болница во Демир Хисар и од тоа има рани на рацете и нозете.
Ова ја покажува крајно загрижувачката состојба во психијатриските болници, особено кога се работи за насилство и несоодветно и нехумано постапување кон пациентите. Шокантни се сознанијата дека луѓето се изложени на крајно нехуман третман што е спротивно на сите меѓународни принципи и стандарди, закони и меѓународни конвенции.
Нехуманото постапување и малтретирање на пациентите во болницата во Демир Хисар го нотираше Европски комитет за спречување на тортура и нечовечки или понижувачко постапување или казнување (CPT)во извештајот за Република Северна Македонија: „Комитетот мора да ја изрази својата сериозна загриженост за веродостојните наводи од пациенти на различни одделенија кои биле врзувани за кревет со метални синџири и катанци. Таква практика не е прифатлива и се смета за нечовечко и понижувачко постапување“.
И Извештајот за 2022 година на Народниот правобранител, го потврдува нехуманото постапување: „При посетата во една од работните простории на персоналот беа пронајдени кожени ремени за фиксација за коишто беше истакнато дека не се користат, како и метален синџир со катанче за заклучување на просториите кога има вознемирени пациенти. Во друга просторија беше забележан и цврст, дебел кабел за што вработените немаа одговор зошто е таму, ниту која му е намената. Имајќи предвид дека ваквите средства може да послужат за заплашување, малтретирање или друго несоодветно постапување спрема пациентите, тимот на НПМ истакна дека е потребно тие веднаш да се отстранат.“
Хелсиншкиот комитет и Македонското здружението на млади правници ќе поднесат претставка до Државниот санитарен и здравствен инспекторат да го испита случајот во рамките на своите надлежности, а во следниот период ќе спроведат мониторинг посети во сите психијатриски установи во нашата земја.
Воедно, апелираме до сите граѓани кои имаат сознанија за слични случаи на нехуман однос на институциите да пријават и да добијат бесплатна правна помош.