ноември 18, 2013

Одржан петтиот Марш на толеранцијата

На 16 ноември, 2013 година, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и ЛГБТИ Центарот за поддршка во соработка со уште четиринаесет други невладини организации, по петти пат го организираа Маршот на толеранцијата одлучувајќи заедно да му кажат НЕ на насилството кое станува дел од секојдневието на нашето општество.Маршот, кој се одржа под слоганот „Македонија има љубов за сите – Насилството не почнало и нема да заврши со мене!“ и чија цел беше одбележувањето на Меѓународниот ден на толеранцијата, беше посветен на правото на живот ослободен од насилство.

Симболично во пет минути до дванаесет часот пред Владата на Република Македонија, овогодинешниот Марш започна со кратко излагање на претставници од секоја од организациите кои земаа учество во настанот, каде од аспектот на својот делокруг ги претставија предизвиците на насилното однесување со кое секојдневно се соочуваат. Иако говорите се разликуваа, пораката во нив беше иста – НЕ за насилството, НЕ за молкот на институциите, НЕ за неказнивоста на насилниците!