ноември 20, 2013

Меѓународен ден на децата

Согласно резолуцијата 836 (IX) донесена на 14 декември 1954 година од страна на Генералното Собрание на Обединетите нации, денес се одбележува Меѓународниот ден на децата. Денешниот ден пред се се однесува на донесувањето на Меѓународната декларација за правата на детето која што беше изгласана од државите-членки на ООН на 20 ноември 1959 година како необврзувачки документ за 30 години подоцна да биде донесена Конвенцијата за правата на детето во 1989 година и подоцна донесувањето на трите Опционални протоколи со кои државите се обврзуваат да ја унапредат и зацврстат националната правна рамка во насока на обезбедување подобри услови и заштита на децата на одредена територија.

Потребата од заштитата на правата на децата произлегува од фактот дека тие претставуваат високо ранлива општествена група која што лесно може да биде изложена на злоупотреба и насилство. Согласно ООН, децата се изложени на насилство, експлоатација, виктимизација од страна на возрасните секојдневно но и на глад, болести и недостаток на социо-економски услови за здрав и активен живот во државите кои се сметаат за сиромашни или пак држави во развој. Дополнителен проблем на децата е пристапот до образованието кое во многу држави се јавува како резултат на економска депривација на државите овозможувајки соодветна околина за искористување на детски работен труд преку просење, работа во фабрики и работа во сексуалната нелегална индустрија. Несомнено еден од најголемите проблеми со кои се соочува светот е и трговијата со деца и органи, трговија која е најзастапена во средини каде што децата немаат услови за добивање на лични документи.

И во Република Македонија децата се соочуваат со опасноста да станат жртви на нелегална трговија со деца и органи, подведување и присилна сексуална работа и искористување на детскиот работен труд преку работа на улица. Како најранлива и воедно маргинализирана група се децата од ромската заедница кои се соочуваат со проблеми при водење на матична евиденција на новороденчиња и издавање на лични документи. Недостатокот на лични документи ги става децата во нерамноправна положба и оневозможува да имаат еднаков пристап до права и слободи. Меѓутоа како најголем проблем кој сериозно треба да не загрижи како општество е злоупотребата на т.н. „фантом-деца“ кои не се заведени во матичната евиденција и немаат лични документи со што се изложени на висок ризик од киднапирање, препродавање и злоупотреба на детскиот труд преку најлошите форми како што е работата на улица (питачење и сексуална работа).

Преку отворањето на дневните центри за децата од улица во 2004 година, Република Македонија направи чекор кон заштита на правата на оваа ранлива група, меѓутоа присуството на децата надвор од образовниот систем како и од системот за матична евиденција сеуште претставуваат проблем. Овој ден се одбележува воедно и да се потсети државата дека приоритет на заштита е токму оваа ранлива група како што всушност и најдобро ни посочува следната порака од Генералниот Секретар на ООН изнесена на Светскиот самит за деца во 2001 година:

„Еднаш сите ние бевме деца. И ние треба да ја делиме истата желба за унапредување на добробитот на нашите деца. Тоа беше и ќе остане универзална аспирација на целото човештво“.