Никогаш повеќе значи никогаш повеќе, за сите
јули 25, 2025

Во изминатите две години, пред очите на светот се случува најдокументираниот геноцид во историјата на човештвото. Геноцид, кој е гласно осуден од страна на меѓународната заедница, како меѓународните тела, така и поединечните држави, глобалната академска и експертска јавност, активистите и бранителите на човековите права.
Сепак, политичките структури со своето дејстување или придонесуваат кон неговото продолжување, или молчат со цел политичко позиционирање до десничкарските профашистички сили кои во моментот го ставија правото на живот, пристапот до храна, вода и медицинска помош на ниво на луксуз, а се работи всушност за загарантирани права на секое човечко битие според меѓународното и националното право.
Хелсиншкиот комитет за човекови права ја осудува одлуката на Собранието за неизгласување на Резолуцијата со која се бара Израел да овозможи влез на храна и медицински средства за цивилите во Газа.
Република Северна Македонија е потписничка на Женевските конвенции од 12ти август 1949 и дополнителните протоколи од 1977 и 2005, Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството за геноцид едногласно усвоена од Генералното собрание на Обединетите нации на 9 декември 1948 година како Резолуција 260. Според тоа државата се обрвзува да го почитува меѓунардоното хуманитарно право и да носи одлуки кои се во согласност со овие документи. Оттука зачудува фактот што за волку важно хуманитарно прашање, во Собранието не беше отворена никаква дебата и не беше дадено образложение зошто најголемиот дел од пратениците гласаа против.
Во време на дисперзирани регионални војни, антидемократски движења и ништење на вредноста на човековиот живот и достоинство, оваа одлука ја позиционира Република Северна Македонија на страна на оние кои во најмала рака речено ги кршат човековите права на најбрутален начин.
Наместо да се дејстува и да се одлучува со цел да се намали страдањето на преживеаните во Газа, нашите пратеници, со оваа одлука, придонесоа кон продложувањето на тоа страдање односно системско истребување, во моментов со изгладнување на популација од два милиони цивили, меѓу кои новороденчиња и деца.
Историјата се повторува, а молкот на меѓународната заедница која замиже пред Холокаустот, геноцидот во БиХ, геноцидот во Руанда, апартхајдот во Јужна Африка е погласен од било кога. Ги повикуваме властите во нашата држава со своите одлуки да не застануваат на страната на истребувачите, со што стануваат соучесници во злосторствата против човештвото туку да застанат на страната на хуманизмот, солидарноста и заштитата на оние кои што се најранливи.
Никогаш повеќе значи никогаш повеќе, за сите.


