декември 13, 2023
Мрежа за заштита од дискриминација: Собранието да избере независни кандидати/ки за КСЗД кои ги исполнуваат законските критериуми, а не да прави избор по партиски клуч
На 18 декември, 2023 во салата Борис Трајковски во Собранието на РСМ ќе се одржи Јавна расправа за утврдување на предлог листа од пријавените кандидати по Одлуката за објавување јавен оглас за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Собранието ја објави и листата на пријавени кандидати заедно со документите кои ги приложиле до Комисијата за прашањата за изборите и именувањата.
Од првичниот преглед на кандидатите, утврдуваме дека помеѓу нив има независни експерти, со долгогодишно докажано искуство во областа на антидискриминацијата и човековите права. Оттука, сметаме дека Собранието може да направи избор на квалитетни кандидати кои уште повеќе ќе ја унапредат работата на КСЗД. Законските критериуми за избор на членови на КСЗД се: седум години работно искуство од областа на човековите права од кои пет години во областа на еднаквост и недискриминација; 240 ЕКТС кредити; да е државјанин/ка на РСМ; во моментот на изборот со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна затвор од над шест месеци или забрана за вршење на професија, дејност или должност и да не е носител на функција во политичка партија. Бараме Комисијата за прашањата за изборите и именувањата воопшто да не ги земе предвид кандидатите за кои е јасно дека не ги исполнуваат законските критериуми и да не ги повика на интервју. На ваков начин ќе се превенира незаконски избор на кандидати кои не исполнуваат критериуми, а воедно ќе остави простор за дискусија и за избор на најдобрите кандидати од пријавените.
Го повторуваме клучното барање: Собранието да избере независни канидадти/ки по заслуга кои ги исполнуваат законските критериуми, а да не прави избор по партиски клуч.
КСЗД е независно тело за еднаквост чија ефикасност, непристрасност и исполнување на надлежностите е директно зависно од знаењата, екпертизата и интегритетот на комисионерите/ките. Кандидати кои немаат знаења и се избрани по партиски клуч не можат да штитат и да превенираат од дискриминација, особено имајќи предвид дека тие мандатот го должат на партиите, а не на сопственото знаења и искуство. Оттука, наместо еднаквоста на граѓаните, овие кандидати ќе ги штитат партиските и личните интереси од позиција на членови на КСЗД.
Потсетуваме дека КСЗД упеа да се промовира како ефикасна институција, а резултатите од работата беа препознаени и од страна на меѓународната заедница и Европската Комисија. Европската Комисија континуирано бара да се доекипира КСЗД и да се изберат членови по мерит. Избор на партиски кадри без искуство и знаење од областа значи ризикување на досега постигнатите резултати од областа на антидискриминација, клучна и за процесот на интергација во ЕУ.
Потсетуваме на законската обрвска членовите на Комисијата да го одразуваат составот на општеството во целина и при изборот на членовите да се применуваат принципите за соодветна застапеност на сите општествени групи, начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците и родово балансирано учество. Оттука, бараме Собранието да избере минимум 3 жени, како и припадници на други маргинализирани групи како лица со попреченост, ЛГБТИ, Роми и други, кои ги исполнуваат законските критериуми.