јуни 28, 2019

Зошто парада?

Во деновиве пред одржувањето на првата парада на гордоста сведоци сме на постојаното повторување на прашањето: Зошто Парада? Зошто бодење очи со различноста? Тоа ли е приоритет? Зарем немаме поважни проблеми од колку да се бавиме со педерите и лезбејките? Со што се повредени нивните права, па кој им брани да се сакаат??

Лавината коментари и искривенни перцепции непосредно пред парадата го достигна својот врв со бруталниот говор на омраза поради изјавата на Министерот за здравство дека операцијата за промена на пол, ќе биде на товар на фондот. Министерството за здравство после неколку часа излезе со соопштение со кое извести дека ваквата одлука е повлечена.

Главниот аргумент на оние со спротивен став е секако ненужноста на таквите медицински интервенции и секако мерење на вага на приоритетите:деца а и болни од најтешки болести се приоритет, а не “ нечиј каприц“.

Пишувајќи го текстов размислувам за сите години борба против предрасуди и стереотипи за сите различности во нашето општество, сите напади, дисквалификации на нашата борба и секако постојаниот говор на омраза. Размислувајќи, од минута во минута сум се поубедена дека парадата е нешто што неопходно мора да му се случи на ова општество. Мора и треба, затоа што конечно треба да се излеат сите стравови на оние кои што всушност мразат затоа што не разбираат! Острите резови секогаш се болни, но го отстрануваат она што е гнило, она што е болно. Сите кои што мислат дека едни човекови права се поважни од другите, треба да сфатат дека парадата на гордоста е протест за правото на живот, право на себство, личен избор, што во основа е право на еднаквост во уживањето на правата. Никој не бара промена на пол од каприц туку од нужност да биде тоа што чувствува дека е! Затоа што секоја има право да живее според својот избор и никој тој избор на личноста не може и не смее да и го оспори. Поддршката на парадата е важна затоа што борбата за било кое човеково право е поддеднакво важно и тука е бесмислено да се дебатира! Нашата борба е борба за ослободување од ограниченоста во уживањето на правата, на поделбата на ние и оние “обратните“, борба за слобода да бидеме она што сме и сакаме да бидеме! Поддршката е важна да дојде од сите, без оглед на сексуалната ориентација и родовиот идентите, затоа што борбата за човековите права не подразбира тргнување од личниот интерес или определба туку од чувството за правда и правичност! Конечно, се додека постојат луѓе кои поради какви било причини/разлики, се помалце еднакви, никој од нас не е слободен и не може да смета на почитување на кое било друго право.

Уранија Пировска