април 24, 2015

Хелсиншкиот комитет го осудува попречувањето на правото на слобода на изразување

Хелсиншкиот комитет за човекови права обезбеди бесплатна правна помош на граѓанскиот активист Никола Наумовски, кој денеска беше попречен во практикување на правото на слободно изразување. Имено, додека Никола Наумовски лепел налепници со содржина против законските измени за хонорарците на јавно место, бил спречен од страна на новинар кој работи во Радио слободна Македонија да го изрази својот став. Новинарот освен вербално и физички го нападнал Никола Наумовски, поради што била повикана полиција. За целиот настан постои видео запис. Претставници од Хелсиншкиот комитет беа повикани од страна на Никола Наумовски и го следеа постапувањето на полицијата. Дополнително, барање за разговор беше добиено и од страна на новинарот, кој најави дека до Хелсиншкиот комитет ќе испрати претставка за настанот и ќе бара правна помош. Поради настанатиот инцидент, Хелсиншкиот комитет изразува загриженост за ограничувањето на правото на слободно изразување на посочениот активист и ќе продолжи да овозможува бесплатна правна помош во конкретниот случај, но и во сите случаи кога е ограничена слободата на изразување и нејзиното практикување.