Хелсиншки комитет: Да ги поддржиме бегалците во нивната борба за опстанок

јуни 20, 2019

На Светскиот ден на бегалците, Хелсиншкиот комитет за човекови права потсетува на состојбата со бегалската криза во нашата земја. Следејќи ги случувањата во текот на минатата година, може да се заклучи дека со оглед на зголемувањето на движењето на мигрантите и бегалците низ нерегуларните патишта, бегалската криза не смее да се смета за завршена. Од друга страна, како што е констатирано и во Годишниот извештај на Комитетот за 2018 година, официјалниот број на бегалци и мигранти присутни во камповите беше релативно низок.

Во однос на постапувањето на надлежните институции, забележано е подобрување споредено со претходните години, особено кај откривањето и гонењето на криумчарските групи. Сепак, во одредени инстанци, надлежните институции продолжија воспоставени практики што се спротивни на принципите и стандардите за човекови права пропишани во меѓународните документи. Сметаме дека хуманитарната помош и заштитата од безбедносни ризици мораат да им се обезбедат на сите бегалци и мигранти, со цел да се избегне нивното дополнително ставање во ризик. На бегалците и мигрантите што транзитираат низ државата не смее да им се ограничува слободата на движење и противправно да се држат во притвор како сведоци во кривична постапка против криумчарите.

Ѝ покрај тоа што бегалската криза е сложено политичко прашање со кое што се соочува целиот свет, тоа што ѝ преостанува на државата е да продолжи да ги гради своите капацитети за непречено гарантирање и уживање на основните човекови права и слободи на сите луѓе на нејзината територија, без оглед од каде доаѓаат и каде одат. Комитетот препорачува напуштање на практиката на нелегално, групно „депортирање“ бегалци и мигранти кон соседните земји без воспоставена прекугранична соработка со безбедносните служби.

Хелсиншкиот комитет смета дека се неопходни мерки за влијание врз јавното мислење за бегалската криза, со оглед на забележаното високо ниво на ксенофобија помеѓу граѓаните.

Иако во помал број во споредба со претходните години, повиците на насилство, навредите и ксенофобичниот говор кон бегалците и мигрантите и понатаму се присутни во јавноста.