декември 10, 2021

Стремежот кон еднаквоста мора да опстои

Денот на човековите права годинава се одбележува под слоганот ,,Сите луѓе, сите еднакви’’, афирмирајќи ја потребата од намалување на нееднаквоста, како клучен предизвик во борбата за унапредување на правата на луѓето низ целиот свет. На денешен ден во 1948 година, Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои Универзалната декларација за човековите права, а еднаквоста како фундаментален принцип е одредена уште во првиот член од овој темелен документ: ,,Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права’’.

Повеќе од седум децениии подоцна, идеалот на еднаквоста сѐ уште е недостижен, а се чини дека глобалната криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот го направи уште подалечен. Изминативе две години ги исфрлија на површина бројните последици од нееднаквиот третман на луѓето во рамки на едно општество, а нееднаквоста се рефлектира и помеѓу земјите со различен степен на развој. Маргинализираните, ранливите и сиромашните поединци и групи најсилно ги чувствуваат ефектите од здравствената и економската криза поради дискриминацијата на која се подложени, а која се одразува во пристапот до добра и услуги, во нивото на здравствена и друга заштита и во остварувањето на социо-економските права. Нееднаквата дистрибуција на вакцини низ светот сѐ уште ги отсликува огромните разлики меѓу државите. Од друга страна, како резултат на дезинформациските кампањи и манипулации во дигиталниот простор, се случува досега невидена поларизација на луѓето насекаде низ светот, со огромни последици, пред сѐ, врз јавното здравје, како и врз општествената кохезија, солидарноста кон послабите и нивото во јавната комуникација.

Во нашиот контекст, структурната дискриминација и понатаму е највидлива во односот кон Ромите, лицата со попреченост, сексуалните и родовите малцинства, жените, лицата во затворени институции. Пандемијата го продлабочи веќе постоечкиот родов јаз на пазарот на трудот, односно од почетокот на пандемијата без работа останале повеќе жени отколку мажи. Жените се повеќе подложени на насилство и во физичкиот простор, и на интернет. Дискриминаторските практики во државава се препознаваат и во несоодветното постапување на надлежните институции околу говорот на омраза, без оглед дали е на етничка основа или е во форма на ксенофобија кон бегалци и мигранти. Нешто што особено нѐ загрижува е целосното игнорирање на кривичните дека од омраза кон маргинализирани заедници, како што е непостапувањето на обвинителството за насилничките напади врз ЛГБТИ заедницата. Насилството во која било форма не смее да се толерира и да поминува несанкционирано од соодветните државни органи, затоа што тоа ги уништува шансите за каква било еднаквост.

Во изминатиов период, позитивен исчекор е работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, но потребно е решавање на нејзините финансиски и организациски предизвици за да може целосно да ја исполнува својата значајна функција. Иако улогата на институциите е клучна, сепак борбата за исполнување на стремежите содржани во Декларацијата за човекови права мора да се води на ниво на целото општество. И во оваа прилика нагласуваме дека образованието е клучен фактор, кој може да влијае во насока на суштинска промена и искоренување на предрасудите и затоа реформите во овој сектор мора да бидат темелни и сеопфатни. Исто така, особено важна е улогата на медиумите и начинот на кој тие ги третираат прашањата поврзани со почитувањето на човековите права.

Принципите на еднаквост и недискриминација се сржта на одржливиот развој и како такви се дел од Глобалните цели и Агендата 2030, која има за цел да стави крај на сиромаштијата и гладот, да ги оствари човековите права за сите луѓе, да постигне родова еднаквост и зајакнување на сите жени и девојки и да трајно да ја заштити Земјата и нејзините природни ресурси. Toa подразбира изнаоѓање решенија за длабоко вкоренетите форми на дискриминација кои ги погодуваат најранливите луѓе во општествата. Оптимизмот мора да се задржи.