Фемицидот во Велес е доказ за игнорантскиот однос на надлежните кон насилството

септември 16, 2025

На 15 септември 2025 година во Велес се случи двојно убиство: 39‑годишен маж од Скопје ja нападна со нож својатa поранешна партнерка (31 година) и нејзиниот татко, а потоа изврши самоубиство. Според медиумите, случајот бил добро познат на велешката полиција бидејќи жртвата претходно го пријавувала за насилство и закани по нејзиниот живот. Иако му била изречена забрана за приближување и неодамна завршил судски процес за „загрозување на сигурноста“ и „телесна повреда“, институциите не успеале да ја заштитат жртватa

Оваа трагедија — e уште еден пример на фемицид. Северна Македонија во 2023 година ги измени одредбите на Кривичниот законик и за прв пат конкретно ги дефинира и криминализира фемицидот, женското генитално осакатување, прогонувањето и сексуалното вознемирување. Овие измени беа поздравени како чекор напред во регионалните напори за препознавање на фемицидот; Северна Македонија стана првата држава во Западен Балкан што го криминализира фемицидот и воведе нови кривични дела поврзани со родово базирано насилство.

Сепак, најновиот случај покажува дека самата законска рамка не е доволна без ефикасно спроведување, соодветни протоколи и одговорност на институциите.

Овој случај е уште една потврда дека:

  • МВР и Центрите за социјална работа немаат развиени и ефикасни алатки за процена на ризик;
  • Пријавите на жените жртви не се третираат со сериозност и итност;
  • Системот повторно ја препуштил жената сама на насилникот, поради што имаме уште еден случај кој заврши со фатални последици.

Како Платформа, сме морално обврзани да повикаме на одговорност и да ја надминеме рамката на едноставни реакции. Нашата заедничка реакција и барањата се насочени кон четири области:

  1. Итна, темелна и објективна истрага за тоа кој сè бил должен да постапи по пријавите на жртвата, почитувајќи го принципот на  должно внимание, и со тоа да го превенира двојното убиство;
  2. Одговорност и санкции за сите надлежни лица кои не постапиле согласно закон;
  3. Итно започнување со јакнење на капцитетите за процена на ризик во МВР и ЦСР, кои ќе овозможат рано препознавање, соодветна процена на ризик и спречување на вакви случаи.
  4. Алоцирање на доволно финансиски средства за обезбедување на сеопфатна заштита на жените жртви на насилство, односно воспоставување и обезбедување одржливост на специјализираните услуги за помош и поддршка на жените и децата жртви на родово базирано и семејно насилство.

Фемицидите не се „изолирани случаи“ – тие се директна последица на игнорантскиот однос на државата кон насилството врз жените. Секоја непреземена мерка, секое игнорирање на пријава, секое одложено постапување чини живот. Животот на оваа жена можеше и мораше да биде спасен. Системот мора да понесе одговорност.