Ден на човековите права: Наши права, наша иднина – сега!

декември 10, 2024

Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември, годинава, се одбележува под мотото „Наши права, наша иднина – сега!“, афирмирајќи ја можноста да ги поттикнат поединците и заедниците да создадат подобро утре и фокусирајќи се на тоа дека човековите права играат клучна улога како превентивна, заштитна и трансформативна сила во решавањето на најголемите грижи на светот денес.

На денешен ден во 1948 година, Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои Универзалната декларација за човековите права. Во децениите по нејзиното усвојување таа стана основа за системот на заштита и унапредувањето на човековите права кој денес се фокусира и на ранливите групи.

Сепак, денес, повеќе од 70 години подоцна, идеалот за правда и слобода за сите сѐ уште е недостижен, а глобалната криза предизвикана од војната во Украина, хуманитарната криза во Палестина и другите конфликти ширум светот, овој стремеж го направи уште подалечен. Маргинализираните, ранливите и сиромашните најсилно ги чувствуваат ефектите од кризата поради дискриминацијата на која се изложени. И понатаму се продлабочува општествената поларизација со огромни последици, пред сѐ, врз солидарноста кон послабите и врз нивото во јавната комуникација, каде се чини веќе нема разлика помеѓу лагата и вистината.

Во нашето општество се присутни сите овие глобални проблеми, но во некои области и во поголема мерка. Загрижувачка е долгогодишната структурна дискриминација, која е највидлива во односот кон Ромите, луѓето со попреченост, сексуалните и родовите малцинства, жените, луѓето во затворени институции.

Сведочиме на зајакнувањето на антиродовите движења и политичката нестабилност, кои ги разоруваат темелите на човековите права: антиродовото движење активно се залага против основните принципи на човековите права, а политичката нестабилност ги пренасочува ресурсите, вниманието и средствата кон други „приоритетни“ проблеми.

Се’ уште не се постапува соодветно од страна на надлежните институции во врска со говорот на омраза. А кривичните дела од омраза кон маргинализираните заедници целосно се игнорираат.

Во свет каде што се множат конфликтите и кризите, 10 Декември – симболично ги потсетува државите и луѓето дека треба непоколебливо да се посветат на визијата за заедничките вредности на еден подобар свет: човековите права и солидарноста.