Центарот за граѓански комуникации и Лила Милиќ се добитници на државната награда „Мето Јовановски“ за човекови права
декември 10, 2024
На Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември, во Собранието на Република Северна Македонија свечено беше врачена државната награда „Мето Јовановски“ за 2024 година, чии лауреати се Центарот за граѓански комуникации и Лила Милиќ
„Иницијатор за востановување на оваа награда беше Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој годинава го одбележува својот 30 – годишен јубилеј. Неговата визија за оваа награда што го носи името на почитуваниот Мето Јовановски, првиот претседател на Хелсиншкиот комитет беше да се поттикнат и охрабрат поединците и организациите во нивната борба против сите негативни феномени во нашето општество.
Затоа голема чест ми e и се гордеам што сум член на овој Организациски одбор за доделување на наградата, чиишто што членови имаа и храброст и доблест, гласајќи токму за овие кандидати да посочат на двата најболни проблеми во македонското општество: корупцијата и дискриминацијата.
Центарот за граѓански комуникации и Лила Милиќ со своите активности целосно ја заслужуваат оваа висока државна награда, секојдневно придонесувајќи за поправедно општество“, рече Александра Бубевска, членка на Организациониот одбор за доделување на наградата.
Од името на Центарот за граѓански комуникации се обрати Герман Филков кој рече дека оваа награда има неколкукратно значење за организацијата, но уште повеќе за целото општество.
„Прво, затоа што значи афирмирање на правото на пристап до информации – едно од основните човекови права, признаено во меѓународните повелби, декларации и документи и, секако, во нашиот Устав. Право, кое е предуслов и овозможува понатаму остварување и на другите човекови права, а кое до сега не беше толку признато и пошироко афирмирано.
Второто значење, што наградата претставува потстрек за натамошна транспарентност и уште полесен пристап на граѓаните до информациите кои им овозможуваат да учествуваат во создавањето политики и носењето одлуки, од кои натаму зависи квалитетот на животот на граѓаните, за трошењето на нивните пари, за барање одговорност и отчетност од властите, за добивање навремени и квалитетни јавни услуги.
Во име на активиската Лила Милиќ, наградата му беше врачена на Славчо Димитров, кој ја пренесе нејзината порака:
„Денешниот ден има историско значење – за прв пат во нашата држава, трансродова личност добива вакво високо признание. Оваа награда „Мето Јовановски“ не е само потврда за мојата посветеност, туку и за храброста и истрајноста на целата трансродова заедница.
Наградата не е само признание за моите напори, туку и порака дека правдата, еднаквоста и инклузивноста се можни. Таа е доказ дека секој човек, независно од идентитетот, може да биде дел од општествениот прогрес.
Иако денес не сум физички присутна, мојот глас секогаш ќе биде со оние кои се борат за правда и еднаквост, па затоа од овој момент пишуваме нова историја – историја на видливост, гордост и препознавање“, стои во пораката од активистката Лила Милиќ.
Со државната награда „Мето Јовановски“ се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.