Ден на чoвековите права: Достоинство, слобода и правда за сите
декември 10, 2022
Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември, годинава, се одбележува под мотото „Достоинство, слобода и правда за сите’’, афирмирајќи ја потребата од признавањето на достоинството и на еднаквите и неотуѓиви права на сите членови на човечкото семејство како основа на слободата, правдата и мирот во светот.
На денешен ден во 1948 година, Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои Универзалната декларација за човековите права. Во децениите по нејзиното усвојување таа стана основа за системот на заштита на човековите права кој денес се фокусира и на ранливите групи како што се лицата со попреченост, домородните народи и мигрантите.
Сепак, повеќе од седум децениии подоцна, идеалот за слобода и правда за сите сѐ уште е недостижен, а глобалната криза предизвикана од војната во Украина и другите конфликти ширум светот го направи уште подалечен. Маргинализираните, ранливите и сиромашните најсилно ги чувствуваат ефектите од кризата поради дискриминацијата на која се изложени. Продолжува општествената поларизација што е резултат на дезинформациите и лажните вести во дигиталниот простор, каде се случува досега невидена поделеност меѓу луѓето насекаде низ светот, со огромни последици, пред сѐ, врз солидарноста кон послабите и нивото во јавната комуникација.
Во Северна Македонија, продолжува структурната дискриминација, која е највидлива во односот кон Ромите, лицата со попреченост, сексуалните и родовите малцинства, жените, лицата во затворени институции. Жените се повеќе подложени на насилство и во физичкиот простор и на интернет.
Дискриминаторските практики во државава се препознаваат и во несоодветното постапување на надлежните институции околу говорот на омраза. Нешто што особено загрижува е целосното игнорирање на кривичните дела од омраза кон маргинализирани заедници.