декември 10, 2022

Ленче Здравкин и Денис Јанкуловски добитници на државната награда „Мето Јовановски“ за човекови права

На Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември, во Собранието на Република Северна Македонија свечено беа доделени државните награди „Мето Јовановски“, највисокото признание за долгогодишни остварувања во областа  на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.

„Она што им е заедничко на двајцата наши годинешни добитници на државната награда „Мето Јовановски“, хуманитарците и активисти Ленче Здравкин и Денис Јанкуловски е високата свест за потребата да им се помогне на оние што се во неволја,  потребата да се заштитат правата на оние на кои им се загрозени можностите за достоинствен и правичен живот. Заедничко им  длабокото чувство за солидарност со другите луѓе, со оние кои се ранливи и маргинализирани во општествто, а токму солидарнста е еден од основните принципи на човековите права“, беше речено на доделувањето.

Во име на Организациониот одбор за доделување на наградата ,,Мето Јовановски”, одлуката ја образложи извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска.

„Годинава им доделуваме награди на луѓето кои што покажаа висока свест за човековите права, пожртвуваност во напорите да им помогнат на оние што се најранливи најмаргинализирани. Оваа година одлучивме да доделиме две награди затоа што сметавме дека овие двајца луѓе им помогнаа на оние кои навистина се маргинализирани – мигрантите и лицата со нетипичен развој. Двајцата добитници се познати на македонската јавност, Ленче Здравкин „Ангелот од Велес“ која во екот на најголемата бегалска криза ги отвори вратите на својот дом, ги хранеше, им помагаше на бегалците да ја поминат голготата во внивните животи и да го спасат својот живот. Таа и ден денс е активна и им помага на социјално загрозените семејства. Денис Јанкуловски, човекот познат како „Космонаутко“ во времето на ковидот, човекот кој што со своите пораки до јавноста ги охрабруваше пациентите, но и подучуваше како соодветно да се однесуваме во една таква криза. Меѓутоа, ние не му ја даваме наградат заради таа негова активност, туку заради неговите активност за инклузија на лицата со нетипичен развој. Тој започна во 2018 година, неговите настани ја ширеа насмевката кај децата со нетипичен развој. Тие се „светлината во неговиот живот“, како што тој вели.

Човековите права сè помалку се на цена. Човечкиот живот е сè помалку вреден, глобалните случувања го потврдуваат тоа.  Мора да ги наградиме луѓето кои самоиницијативно ќе покажат дека имаат свесност за човековите права. Тие понатаму треба да ги мотивираат и другите луѓе да го сторат тоа. Во Македонија е потребна таква иницијатива, таква активност“, рече Пировска.

Ленче Здравкин потсети на значењето на Меѓународниот ден на човековите права и истакна дека со секоја кампања и со вложен труд од секој од нас правиме мало поместување на нештата.

„Нашиот глас треба да стигне колку што е можно подалеку. Да ја градиме јавната свест бидејќи не постои толеранција за кршење на човековото право. Секоја координирана активност од општеството, од тебе, од мене, од сите заедно има клучно влијание во справувањето со кршењето на секое човеково право, рече Здравкин. Апелираше до сите органи и останатите чинители во општеството да ги спроведуваат и почитуваат законите“, рече Здравкин.

Јанкуловски изрази благодарност за наградата и порача дека лицата со атипичен развој заслужуваат и мора да ги имаат истите човекови права, како и секој од нас, а тоа да не биде само на хартија.