„Дали Северна Македонија е фер земја?“
На конференцијата на тема „Дали Северна Македонија е фер земја? Како институциите заеднички да ја унапредат борбата против дискриминацијата“ во организација на Центарот за управување со промени, а со поддршка на Комисијата за спречување и заштита од дискириминација (КСЗД) воведни обраќања имаа претседателот Стево Пендаровски, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, народниот правобранител, Насер Зибери, претседателот на КСЗД, Исмаил Камбери, Н.Е. амбасадор на Обединетото Кралство во РСМ, Метју Лосон и Неда Малеска – Сачмароска, извршна директорка на ЦУП. Она што го констатираа речиси сите говорници на конференцијата е дека една од најголемите закани за заштитата на човековите права и борбата против дискриминацијата е големата недоверба на граѓаните во институциите. Според резултатите од истражувањето на Центарот за промени, две третини од испитаниците не би поднеле претставка заради дискриминација затоа што не веруваат дека надлежните институции можат да им помогнат.
Истражувањето на Центарот за управување со промени (ЦУП) покажува дека 45,5 отсто од испитаниците кои искусиле дискриминација или познаваат некој кој искусил дискриминација ја идентификуваат политичката припадност како главен основ за дискриминирање, кажа извршната директорка на ЦУП, Неда Малеска-Сачмароска на денешната конференција
Според Неда Малеска-Сачмароска, етничката или религиозната димензија, која игра голема улога во нашиот политички систем, овој пат не избива во прв план. Дискриминацијата врз основа на политичка припадност е најзастапена во областа на вработувањето, пристапот до работно место, напредувањето и губењето на работното место.
„Постои едно раслојување и по партиска и по етничка припадност, каде што политичките партии успеваат да обезбедат работа и вработување, единствено на своите приврзаници и во етнички македонски и етнички албанскиот блок. Ова говори дека администрацијата се смета за политички плен, а политиката е еден од најбрзите и најдобрите начини да се дојде до работна позиција во нашето општество и да се обезбеди социјален статус“, рече Малеска-Сачмароска.
Како дел од дискусијата со невладиниот сектор, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска порача дека најмногу граѓани што се обраќаат до Комитетот сметаат дека се дискриминирани и по етничка и по политичка основа. „Овие форми на дискриминација граѓаните најмногу ги препознаваат заради тоа што политиката и дневно политичките случувања успеаја да ги надвладеат другите области од живеењето на граѓаните. По правило веќе граѓаните сметаат дека не успеваат да се вработат затоа што не се блиски со партиите на власт. Граѓаните сосема оправдано сметаат така затоа што начинот на регрутирање на кадарот сè уште се врши врз основа на партиска припадност“, рече Пировска. Таа кажа дека граѓани поднесуваат претставки за дискриминација, а всушност се работи за нееднаков третман. Исто така, голем број граѓани сè уште сметаат дека не можат да се вработат заради нивната етничка припадност. „Сме ги испитувале случаите и сме дошле до заклучок дека не може да зборуваме за дискриминација. Ова е поразително заради тоа што голем број ранливи групи кои во изминатиот период трпеа директна дискриминација не беа свесни дека се жртви на дискриминација. На пример, жените Ромки кои со години немаа гинеколог во општината Шуто Оризори, граѓаните кои беа корисници на ХИВ програмата, таа група е исто така дискриминирана, потоа лицата со цистична фиброза, ЛГБТИ заедницата зарем сите тие не се секојдневно дискриминирани? Но поради недовербата во институциите ниту го пријавуваат тоа, ниту зборуваат за тоа. Главниот проблем е партократскиот систем кој што владее во државната администрација и тоа што државните службеници сметаат дека граѓаните постојат за нив, а не обратно“, рече Пировска и потенцираше дека за да се смени системот мора да се промени начинот на кој се регрутираат кадрите. „Непристрасноста, експертизата и квалитетот е потребно да ги почувствуваат граѓаните. А покрај тоа и чувството за човековите права и емпатијата“.
Пировска порача дека е потребна поголема ефикасност на трудовиот инспекторат и проширување на неговите надлежности. „Ние треба да ја јакнеме културата, а таа се јакне со тоа што инстиуциите треба вложиваат во меритократскиот систем на вработување, притоа кога станува збор за дискркримиација по етничка основа, треба да се прашаме колку се вложува во запознавањето на културите на другите во заедницата. Ниедна влада досега не вложи во тоа да ги спои етничките заедници и да ги негува различните култури“, рече Пировска.
На крајот од Конференцијата беше донесена заедничка изјава во која се вели:
„Како институции кои работат на спречување и борба против дискриминацијата во Република Северна Македонија, ја препознаваме важноста за соработка во постигнувањето на нашите заеднички цели. Посветени сме да работиме заедно на ефективен и координиран начин за да го подобриме нашето влијание во општеството. Преку заедничка зголемена соработка, имаме за цел подобро да ги разбереме потребите и грижите на граѓаните, особено оние кои се најранливи на дискриминација и да развиеме поефективни политики и иницијативи кои се однесуваат на овие прашања. Се стремиме кон градење поголема доверба во државните институции како значаен фактор за нашиот успех. Целиме кон поинтензивна комуникација и транспарентност со јавноста и придонес од граѓанските организации, експертите и засегнатите страни“.
Потписници на оваа изјава се Министерство за труд и социјална политика, Народниот правобранител на Република Северна Македонија, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Центарот за управување со промени, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Коалицијата „Сите за фер судење“ и Мрежата за заштита од дискриминација.
Конференцијата е дел од проектот „Борба против дискриминацијата преку поддршка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација“, финансиран од Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британската амбасада Скопје, а имплементиран од Центарот за управување со промени.