Хелсиншки комитет одбележува 30 години борба за унапредување и заштита на човековите права

декември 10, 2024

Хелсиншкиот комитет за човекови права оваа година го прославува својот 30 – годишен јубилеј, одбележувајќи го симболично на Денот на потпишувањето на Универзалната декларација за човекови права, 10 декември.

На свеченоста на Правниот факултет во Скопје, присутните професори, правници, претставници на граѓанските организации и на медиумите и бројните гости  имаа можност да видат дел од документарниот филм на Борјан Јовановски, во кој првиот претседател и основачот на македонскиот Хелсиншки комитет за човекови права, Мето Јовановски се потсетува на почетоците, растот и предизвиците при основањето на организацијата.

Отварајќи го свечениот настан, Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права порача: „Ние сме, сме биле и верувам дека  и во иднина ќе бидеме соочувани со предизвици, ризици и напади врз нашата егзистенција. Но тоа успешно го надминавме. Самата бројка од 30 години зборува за капацитетот и движечката сила која може да ги надмине сите предизвици и сите ризици за нејзиното постоење. На луѓето во  Хелсиншкиот комитет единствена цел секогаш им е борбата за каузата, а тоа е заштитата на човековите права. Не било секогаш лесно, ниту денес не е лесно, но преку своето дејствување успеавме секогаш да го следиме пулсот на граѓаните, на она што се случува во општествено политичкиот живот и точно да се насочиме на оние аспекти кои што директно ги погодуваат човековите права. Нашиот фокус секогаш бил свртен кон ранливите, маргинализираните и кон оние феномени кои директно ги загрозуваат човековите права“. Таа го нагласи и значењето на платформите за следење на говорот на омраза и кривичните дела од омраза, кои од 2013 година постојат со поддршка на Мисијата на ОБСЕ.

Умер Ал –Катиб, раководител на Одделот за човекова димензија во Мисијата на ОБСЕ – Скопје рече дека овој јубилеј го отелоттворува духот на солидарноста што го води Хелсиншкиот комитет, кој има витален придонес во Сверна Македонија, Западен Балкан и генерално целиот балкански регион. Тој им се заблагодари на сите членови, претседатели на Хелсиншкиот комитет кој низ овие три децени стана вистински пример за тоа што значи да се биде чувар на човековите права.  ОБСЕ и Хелсиншкот комитет споделуваат исти вредности и во овие изминати 30 години нашето партнерство го издржа тестот на времето, Вашите напори да ги промовирате човековите права, владеењето на правото, толеранцијата се основа на соработката со Мисијата на ОБСЕ. Хелсиншкиот комитет помогна да се обликува јавниот дискурс и оставивте белег на политиките и законите кои ги одразуваат вредностите што ги негуваме“, исткана претставникот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Живееме во време во кое во сите држави, човековите права се повредуваат, се оштетуваат и оспоруваат на повеќе начини и со разни дејствувања, а она што е најпроблематично е што оштетувањето на човековите права се случува од страна на органите на власта.

Уставниот судија Осман Кадриу, поранешен претседател на Хелсиншкиот комитет рече дека организацијата има место кое не може да се заобиколи кога станува збор за заштитата на човековите права, посебен придонес на Комитетот е за конкретните групи граѓани шиишто права успеал да ги заштити. Кадриу рече дека особено е придонесот на Комитетот за статусот на затворените лица, за застапеноста при вработувањето. Тој кажа дека Хелсиншкиот комитет има поднесено најголем број на барања и иницијативи до Уставниот суд, барајќи да се преиспитаат одредени закони и нивната усогласеност со Уставот на државата.

Професорот Гордан Калајџиев потсети на развојот на Хелсиншкиот комитет за човекови права. „Пред 20 и повеќе години, мисијата на Комитетот беше многу деликатна, почна да се гради плуралистичката демократија, нашата историска улога беше да дадеме придонес за тоа  централната идеја на правната држава да бидат човековите права и тоа да биде владеење на правото.  И тогаш и сега предизвик беше поделбата на власта – нешто што нашитеполитичари никогаш не го разбраа. Во тоа време се боревме за демократија и некои права кои денеска се сосема усвоени како правата на малцинствата, во тоа време фокус беа бруталноста на полицијата, независното судство и дадовме придонес поссодветно да се имплементираат овие права. Со тек на времето дојдоа на ред и другите права, како родовите права, семејното насилство, некои теми беа актуелни, некои ни ги наметнувавме иако не беа прифатени. Општеството растеше како што растевме и ние и станавме професионална организација“, рече Калајџиев и додаде дека невладиниот сектор ги презел и сите значајни истражувања од областа на човековите права. Калајџиев апелираше да се почитува поделбата на власта зашто без тоа нема демократија и не може само со добра волја да се градиопштество без корупција и злоупотреби.

Неда Здравева, претседателка на Хелсиншкиот комитет истакна дека во изминатите 4 години, Хелсиншкиот комитет успеал да обезбеди бесплатна правна помош за над 1000 граѓани, регистрирал илјадници  јавни говори на омраза и  неколку дела од омраза, напишал десетици соопштенија до јавноста истакнувајќи ги недостатоците во развојот на општествениот и политичкиот систем во државата и да ги повика властите совесно и одговорно да ја вршат својата работа во остварувањето и заштитата на човековите права. Комитетот згрижил многу луѓе од ЛГБТИ заедницата во Сигурната куќа,  Комитетот постојано работи на тоа да се прифати дека жените се ранлива категорија во општеството.

„Не успеавме да ја убедиме јавноста дека неколку голи задници за време на Парадата на гордоста не е нешто страшно, но страшно за општеството е кога судиите кријат предмети. Можеби успеавме да докажеме дека жените се жртви на семејно насилство, ама не успеавме да спречиме реконструкција на силување како доказно средство. Не успеавме во иницијативите за законодавни измени, особено во кривичното законодавство, како и  во иницијативите пред Уставниот суд. Не успеавме во намерите да конечно во ова општество сите станат свесни дека кога се остваруваат и зголемуваат нечии права тоа не е на штета на нечии други права“, рече Здравева и додаде дека е сигурна дека и овие цели што досега не се реализирале, во иднина ќе бидат сигурно остварени.

.

2