март 2, 2018

Асани мора да биде под истрага за напад врз службено лице

По вчерашниот напад над полицајката од страна на Бекир Асани, функционер на ДУИ, при извршување на работна задача, денешниот исказ на полицајката кој излезе во јавност е дека постоел само вербален напад врз неа и дека таа самата се здобила со повреда при удар во специјалното возило пајак. Министерството за внатрешни работи против лицето Бекир Асани поднесе прекршочна пријава за нарушување на јавниот ред и мир, наместо кривична пријава за кривично дело „Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста” од член 383 од Кривичниот законик.

Согласно изјавата на полицајката, таа била вербално нападната додека ја вршела својата должност на проверка и контрола на неправилно паркирани возила меѓу кои било и возилото на напаѓачот, Бекир Асани. По агресивното однесување и вербално напаѓање, од страна на полицајката било повикано засилување, а подоцна и медицинска помош, бидејќи како што таа кажува самата се удрила со левата рака во возилото од пајак службата. Со овој опис на настаните, сметаме дека исполнето е битието на кривичното дело „Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста” согласно кое: „Тој што ќе нападне или сериозно се заканува дека ќе нападне службено лице или лице кое помага при вршење работи на јавната безбедност или заштита на уставниот поредок на Република Македонија што се однесуваат на спречување или откривање кривично дело, фаќање на сторител на кривично дело, чување на јавниот ред и мир или чување на лице лишено од слобода, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години. Став 2: „Ако при извршувањето на делото од став 1 сторителот се заканува со употреба на оружје или друго опасно орудие, го малтретира или го навредува службеното лице или лицето кое помага или телесно го повреди, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.” Во никој случај не може само физичкиот напад да се смета за исполнување на битието на делото, бидејќи самата одредба од Кривичниот законик потврдува дека за напад се смета и заканата, малтретирањето и навредата..

Останува прашањето зошто МВР нема поднесено кривична пријава против лицето Бекир Асани за кривично дело „Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста” од член 383 од Кривичниот законик, имајќи предвид дека исполнето е битието на ова кривично дело. Понатаму што има преземено Секторот за внатрешна контрола во врска со овој случај, дали е разговарано со нападната полицајка и што е утврдено од разговорот со неа. Напоменуваме дека напаѓањето на полицајката и третирањето на овој случај повлекува и прашања за справувањето со случаите кога се работи за жени припаднички на полицијата и повлекува во најмала рака сомнеж за заштитата која им се дава на полицајките. За овие прашања Хелсиншкиот комитет ќе се обрати и писмено до МВР и Секторот за внатрешна контрола, а во меѓувреме исконтактирана беше и Секцијата на жени при Македонскиот полициски синдикат и понудена беше правна помош за случајот од страната на правниот тим во Комитетот.