Осмомартовски марш – Жените и во 2019 и натаму нееднакви со мажите
март 8, 2019
Жените во земјава и во 2019 година не се еднакви со мажите на социјално, економско и политичко ниво. Тие и понатаму се пообразовани, но остануваат помалку активни на пазарот на трудот. Насилството врз жените и девојките е жална вистина во Република Северна Македонија, а стереотипите, насилството и мизогенијата кон жените во приватната сфера, но и во јавниот дискурс продолжуваат и не се адресираат, порача денеска Снешка Илиќ од Платформата за родова еднаквост, неформална мрежа на македонски граѓански организации за женски права составена од 22 организации и мрежи, која денеска трета година по ред организира марш по повод Меѓународниот ден на жената, овој пат под мотото „Дали е среќен 8 Март?“
Маршот почна од паркот Жена борец, во него учествуваат околу 300 жени, но и мажи кои го поддржуваат унапредувањето на нивните права, меѓу нив министрите за труд и социјална политика, за здравство и за информатичко општество, Мила Царовска, Венко Филипче и Дамјан Манчевски, пратенички, кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска, јавни личности.
Парламентот веднаш и без одложување да ги донесе законите за прекин на бременоста, за антидискриминација и за социјална заштита, финансии и институционална поддршка од Владата за унапредување на правата на жените, афирмативни мерки за вклучување на жените на пазарот на трудот и механизми за заштита од дискриминација на работното место по родова основа, итно отстранување на дискриминаторските критериуми во националната програма за рурален развој, ефикасна заштита од насилство, итни реформи во здравството за унапредување на репродуктивноста, се дел од барањата кои учесниците во овој марш ги упатија до властите на централно и на локално ниво.
-Државата и понатаму само декларативно се залага за родовата еднаквост и женските права. Оваа година бараме од локалната и извршната власт да покажат вистинска системска и финансиска заложба за унапредување на родовата еднаквост и женските права. Бараме женскиот глас не само да се слушне, туку да се стави во практика, порача Илиќ.
Забележа дека не се работи системски на решавање на проблемите во однос на родовата нееднаквост, а како позитивен чекор го спомена ратификувањето на Истанбулската конвенција, но додаде дека за жал се уште постојат суштински проблеми – во 43 општини се уште нема гинеколози, над 60 проценти од жените се неактивни на пазарот на труд, иако во поголем дел се магистри и докторки на науки.
Салија Бекир Халим од Иницијативата на жени Ромки од Шуто Оризари се пожали на повеќекратна дискриминација врз Ромките – поради тоа што се жени, поради нивниот социоекономски статус и поради нивната етничка припадност, а побара државата веднаш да преземе конкретни мерки за да се стави крај на малолетничките бракови, на незаконска наплата од страна на матичните гинеколози и конечно да се донесе законот за заштита од дискриминација.
За претставниците на власта, кои беа на маршот, унапредувањето на правата е евидентно, се преземаат мерки, се подобруваат состојбите и пред се при креирањето на политиките и носењето на законите се зимаат предвид сугестиите и препораките од невладиниот сектор.
Министерката Царовска нагласи дека е во постојана комуникација со граѓанските организации, заедно работеле на сите реформи закони, кои се однесуваат на унапредување на правата на граѓаните, меѓу кои и социјалните права, недискриминација и детска заштита.
Царовска смета дека ќе постигне консензус за новиот закон за антидискриминација, за кој вчера пратениците расправаа, но не беше усвоен поради немање кворум.
Министерот Филипче, кој носеше маица со напис „феминист“ се осврна на здравствената заштита на жените, пред се на недостигот на гинеколози во некои општини.
Во некои општини воопшто нема гинеколог, во некои нема добар пристап, а во некои гинекологот опслужува голем број пациентки. Генерално во земјава има доволен број гинеколози во однос на бројот на жители, но како што рече Филипче, проблемот е лошата дистрибуција.
Учесниците во маршот од Паркот „Жена борец“ маршираа преку Плоштадот „Македонија“, Камениот Мост, па се до плоштадот „Филип Втори“.