Извештај за реформите во кривичноправното законодавство

јануари 30, 2019

Во рамките на проектот „За правда“ се одржа брифинг за новинари на кој беа споделени досегашните наоди произлезени од следењето на Стратегијата за реформи во правосудството (2017 – 2022) и Акцискиот план. Овој проект го спроведуваат шест граѓански здруженија (Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, како носител на проектот, и Институтот за човекови права, Институтот за европски политики, Здружението на млади правници на Македонија, Коалицијата сите за правично судење, Центарот за правни истражувања и анализи како партнери), а финансиски е поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Спроведувањето на реформите во правосудниот систем во Република Македонија е еден од суштествените услови за интеграција во ЕУ, со оглед на тоа дека Поглавјето 23 е најзначајното поглавје во процесот на пристапување кон ЕУ. Извештајот на граѓанските организации го пренесуваме во целост:

Реформите на кривичното законодавство, односно последните измени на КЗ и донесувањето на новиот Закон за прекршоците

Закон за измени и дополнувања на Кривичниот законик на РМ (донесен, објавен)

На крајот од минатата година се донесе Закон за измени и дополнувања на Кривичниот Законик на РМ. Дел од интервенциите се позитивни и суштински измени на кривичноправнaта материја, меѓутоа дел од измените и дополнувањата, без да бидат оправдани соодветно како од предлагачите, така и од законодавецот, оставаат простор за шпекулации, особено околу вистинската причина за нивното носење:

Како позитивна измена и дополнување на КЗ ја истакнуваме инкриминацијата на криминалот сторен од омраза и воведувањето на омразата како квалификаторен елемент во одредени кривични дела. Иако и претходно постоеше генерална одредба со која се одредуваше отежнителна околност за делата сторени од омраза поради одредена заштитна карактеристика на жртвата, во пракса се случуваше да не бидат препознаени како такви.

Со новите измени и дополнувања на КЗ, се дава јасна дефиниција што претставува криминал од омраза. Како заштитна карактеристика, покрај раса, боја на кожа, националност, етничко потекло, религија или уверување, политичко уверување, ментална или телесна попреченост, пол, родов идентитет, како посебна карактеристика е наведена и сексуалната ориентација. Досегашното следење на инцидентите сторени од омраза покажува дека луѓето од ЛГБТИ заедницата многу често се жртви на кривични дела од омраза. Измените значат дека на сторителите на кривични дела сторени од омраза може да им бидат изречени потешки казни.

Како позитивни ги оценуваме и дополнувањата на КЗ со два нови члена кои се од големо значење за обезбедување на ефикасност и континуитет во истрагите, особено во високопрофилираните случаи какви што се предметите кои ги водат СЈО и ОЈО-ГОКК. Тоа е член 368-а насловен како „Попречување на правдата“, со кој се врши инкриминација на какво било влијаење врз сведок, вештак, судија, обвинител, службено лице или ним блиски лица. Во таа насока е и членот 369-а – „Откривање на идентитет на загрозен или заштитен сведок, соработник на правда или жртва која се јавува во својство на сведок“, со кој се зајакнува заштитата на сведоците во постапките.

Од друга страна констатираме спорни моменти со измените на членот 275-в од КЗ, во кој, во ставот 3 зборот „пет“ се заменува со зборот „четири“, а се однесува на минималната утврдена казна за тоа конкретно кривично дело. Овие измени би можеле да влијаат на постапките во врска со предметите кои ги води СЈО, како и да имаат долгорочни негативни последици во поглед на ефикасноста на борбата против криминалитетот на „белите јаки“. Тука би потенцирале дека со ваквата интервенција на законодавецот во член 275-в став 3 од КЗ, директно се влијае на можноста за побрзо застарување на кривичното дело. Последиците од оваа измена директно ќе се одразат врз предметот на СЈО познат како „Труст“, односно делата наместо да застарат во 2031 година, ќе застарат во 2021 година.

Во истата насока, додавањето на членот 279-а „даночна измама“, може да влијае врз постапките на СЈО, односно битието на делото се поклопува со описот на делото во обвинението на СЈО во врска со предметот „Тотал“. Бидејќи новиот член предвидува помали санкции од постоечкиот член под кој до сега беше заведен предметот, повторно се поставува прашањето за застарување на делото.

Застареноста на овие дела во никој случај не е пречка за конфискација на нелегално стекнатиот имот, како и на имотот кој е зголемен како резултат на располагањето со нелегално стекнатиот имот, бидејќи конфискацијата не е врзана за кривичната постапка и може да се изрече и во случаите каде што од правни или фактички причини не е возможен кривичен прогон. Сепак, неопходно е да се напомене дека ЗКП не го пропишува начинот на водење на оваа постапка, учесниците во постапката, нивните права, должности и овластувања и сл., со што, иако постојат услови за конфискација вон кривична постапка, сепак во пракса истото би било неизводливо без соодветна интервенција од Собранието во текстот на ЗКП.

Закон за прекршоци (нов закон сè уште не е донесен)

Според Стратегијата и Акцискиот план на Владата за реформа на правосудниот сектор, Законот за прекршоци требаше да биде усвоен во септември 2018 година. Со законот се предвидува надминување на проблемите кои настанаа со примената на Законот за прекршоци од 2015, oдносно се намалува висината на прекршочните санкции, се намалува периодот на застареност на прекршочното гонење и прекршочните санкции и итн. До ноември 2018 година, предлог законот беше усогласуван со наодите и препораките на Извештајот на оценската мисија за административна правда на Европската комисија, а во моментов тој се наоѓа во собраниска процедура.

Во предлог Законот за прекршоци, најважни моменти се воведување на нова санкција – забраната за користење на субвенции и други средства обезбедени од Буџетот на РМ, како и намалувањето на глобите за физичките лица за 75%. Со новото решение минималната глоба за физичко лице е 15 евра, а максималната глоба ќе биде 250 евра, наместо досегашните 1.000 евра, додека за одговорно лице во правно лице и службено лице, глоба во распон од 15 до 500 евра.

Во однос на правните лица, при одмерување на глобата, ќе се води сметка за приходот остварен во претходната година, за број на вработени и за претходно санкционирање за исти или слични прекршоци. Во Законот, за првпат при одредување на висината на глобите, се прави градација помеѓу малите, средните и големите претпријатија.

Меѓу другите новини што се воведуваат со новиот Закон за прекршоци е и изрекувањето на опомена за лесни прекршоци пред изрекувањето на глоба. Ако се усвои овој закон, тоа ќе значи дека со него ќе треба да се усогласат околу 200 материјални закони со кои се утврдени прекршоци.

Реформите на судскиот систем, односно процесот на измени на Законот за судовите и Законот за Судскиот совет

Закон за судови (во собраниска процедура)

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судовите ги адресира препораките дадени од Венецијанската комисија во мислењето од 2015 година и мислењето од октомври 2018 година, препораките на ГРЕКО, препораките на експертската група предводена од Прибе и препораките од оценската мисија на ТАИКС за обука на судиите и јавните обвинители. Постоеше инклузивен процес во Министерството за правда во однос на подготовката на овие измени.

Со предлог измените на Законот за судови се прецизираат критериумите за дисциплинска одговорност и критериуми за разрешување на судиите, односно се поставени јасни и прецизни основи за утврдување на одговорност на судиите. Изменети на Законот за судови од мај 2018 година, кои се однесуваат на основите на одговорност на судиите не ги адресираа препораките на Венецијанската комисија од 2015 година.

Со предлог измените се воведуваат гаранции за судиите во случај на нивно упатување во друг суд или распоредување во друг оддел. Во постојниот закон се предвидува дека судија може да биде упатен или распределен најмногу една година, во предлог измените се воведува ограничување до кога ќе се смета таа една година, односно со предлог решението судијата може да биде упатен во друг суд или распределен во друг оддел најмногу еднаш во 5 години.

Измени се направени и во делот на критериумите за избор и унапредување на судиите. Со предлог измените се адресираат препораките на експертската група предводена од Прибе и се ограничува можноста на влез во судството исклучиво преку Академијата за судии и јавни обвинители. Се воведува и можноста судија во меѓународен суд кој ги исполнува основните критериуми за избор на судија, да биде избран во сите инстанци на судството. Можноста за мобилност на судиите, односно можноста за конкурирање во друг суд од ист степен е исто така предвидена во предложените измени на законот.

Со предлог измените се воведува категорија на млади судии до две години стаж кои ќе судат полесни предмети.

Со предложените измени на Законот за судови Основните судови во Кичево, Кавадарци и Гевгелија добиваат проширена надлежност од 01 јануари 2021 година. Сепак потребно е да се испита дали овој период е долг за овие основни судови да почнат да судат потешки дела, со оглед на бројот на судии и бројот на судска служба со кои располагаат овие судови.

Пред да се пристапи кон измени во судската мрежа, беше најавена анализа од страна на Министерството за правда, што не беше објавена. Потребна е детална анализа особено во однос на оптимизирање и рационализирање на судската мрежа, како и за поставеноста на управното судство. Потребно е делата за организиран криминал да се судат во повеќе центри, не само во Одделението за организиран криминал и корупција во Основниот суд Скопје 1 со стварна надлежност за целата територија на РМ.

Закон за Советот на јавни обвинители (сè уште се чека на предлог-закон)

До сега нема предлог измени на Законот за Советот на јавните обвинители и покрај целите во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор и роковите во акцискиот план.

Очекуваме јавна расправа по однос на Предлог Законот за Судски совет кој е во собраниска процедура бидејќи на претходните дебати се дискутираше по однос на некои законски измени (различни од овој нов предлог закон),

Не е предвидена депрофесионализација на членовите на судскиот совет и покрај целите во Стратегијата и најавите дека таа реформа ќе биде спроведена токму сега, во овој трет бран измени на регулативата за Судскиот совет.“

М.В