Интервју на Уранија Пировска за Перспективи 2019 на Цивил медиа – Без реформи, не е чудно граѓаните повторно да излезат на улиците.
„Јасно е дека 2018 година беше обележана со една засилена меѓународна активност. Тоа беше време кога и ние како граѓански сектор бевме во исчекување да видиме што ќе се случи понатаму, и морам да кажам дека сите бевме и до некоја мера толерантни во однос на пропустите коишто се случуваа, а главно се однесуваа на реформите. Меѓутоа и тоа заврши. Ги видовме сите циркуси кога станува збор за пазарењата за гласањето на Преспанскиот договор, бегството на Груевски, коешто за мене ќе биде настан којшто секогаш ќе ме потсетува на 2018 година, и, секако, Законот за амнестија“, вели Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет, во разговор со ЦИВИЛ Медиа за Перспективи 2019.
Во однос на реформите, Пировска вели дека 2019 година ја започнуваме со се уште неисполнет план, 3-6-9, и оној План 18, неисполнети суштествени реформски зафати.
„Да не заборавиме дека Законот за недискриминација, којшто беше во фокусот на граѓанскиот сектор години наназад, сега е заглавен во собраниска процедура. И по однос на овој закон очигледно постои одредено пазарење помеѓу партиите, па се споменуваат некакви религиозни чувства коишто ќе биле доведени во прашање со спроведувањето на овој закон. Доколку Владата не покаже успех во однос на реформите, односно не ги воспостави темелите на правната држава и не се бори остро против корупцијата, против дискриминацијата и сите други принципи за коишто ние се заложуваме нема да биде чудно граѓаните повторно да го искажат својот револт на улиците, како крајно демократско средство во борбата за нивните права“, вели Пировска.
Што се однесува пак до очекувањата од 2019 и перспективите, Пировска вели дека пред претседателските избори се останато ќе биде ставено во заден план само за да се спроведе кампањата и предизборната еуфорија во која граѓанскиот сектор, па и медиумите ќе се бават со инциденти и говор на омраза, како и секогаш.
„Не можам да не размислувам дека има перспектива, бидејќи премногу вложивме за Македонија да тргне напред. Ние повторно ќе го дадеме својот придонес и ќе помогнеме за да може да се дојде до некаков исход во реформите, за да можеме да продолжиме по оној пат за којшто сме се заложиле и сме и дале поддршка на оваа Влада“, заклучи Пировска.
Биљана Јордановска (разговор, фотографија и монтажа)
обработка на текст: Маја Ивановска
камера: Дехран Муратов