Хелсиншки комитет: Надлежните мора итно да создадат услови за образование и за децата со попреченост
Хелсиншки комитет за човекови права, Скопје апелира до сите релевантни институции, кои одлучуваат за начинот на работа на училиштата во новата учебна година, да ги земат предвид и потребите на децата со попреченост, односно да обезбедат соодветни услови за нивно непречено вклучување во образовниот процес.
„Уште со почетокот на пандемијата на ковид-19, децата со посебни образовни потреби, а особено децата со попреченост, се соочија со бројни предизвици во образовниот процес. Онлајн платформите за учење на далечина, кои го заменија редовното образование, ги исклучуваа најголемиот дел од децата со попреченост. Организацијата на Обединетите нации укажа на опасноста од зголемена ексклузија на децата со попреченост во процесот на образование како резултат на моменталната криза. Се проценува дека овие деца ќе имаат најмалку корист од примената на алтернативните решенија за учење на далечина, на што се надоврзува недостатокот од поддршка во домот, непристапноста до интернет, непостоењето на пристапен софтвер и наставни материјали“, порачува Хелсиншки комитет.
Имајќи предвид дека сè уште не е објавен оглас за избор на образовни асистенти, право кое во текот на претходната учебна година можеа да го користат само мал број деца од сите оние кои имаа потреба, постојат индиции дека и со почетокот на новата учебна година децата со попреченост нема да бидат во можност да го користат ова право, се вели во соопштението.
Хелсиншки комитет потсетува дека и на прагот на новата учебна година се уште голем дел од учениците немаат пристап до интернет и компјутерска опрема, ниту до соодветни наставни материјали за реализирање на онлајн настава.