јули 17, 2020

На стечајците од Охис и Дервишот и Смртта им судат, а што (кому) згрешија тие?

На стечајците од Охис и Дервишот и Смртта им судат, а што (кому) згрешија тие? title

Спасе Николов Адвокат

На стечајците од Охис и Дервишот и Смртта им судат, а што (кому) згрешија тие?

(Спасе Николов, адвокат од Скопје, про-боно застапник на стечајците од Охис)

Толпата има свој јазик поинаков од јазикот со кој се служи секој од луѓето. Личи на зуење на пчели или ржење, се губат зборовите, а останува заедничкиот звук, се губат поединечните расположенија, а заедничките стануваат опасни” – Меша Селимовиќ.

Со што ѝ згрешија тие на државата за да бидат осуденици кои со години протестираат во потрага по надоместок за чесно одработеното? Наместо надоместок, доведени се до беда и очај, напатени, гладни, изнемоштени и заглавени во валканиот лавиринт на криминалот и транзициските олигарси кои пропаста на фабриката ја видоа како одлична можност да го зголемат својот капитал. Го раскрмчија целиот имот за сметка на несреќата на работниците, играјќи си со илјадници човечки судбини „без око да им трепне“.

Стечајците од Охис, веќе одамна не ги напуштаат улиците пред Владата на Република Македонија. Секојдневно, со нивните проблеми се запознава и македонската јавност, меѓутоа надлежните остануваат неми и глуви на нивните барања. Оние кои одлучуваат се тие кои се збогатуваат на сметка на стечајците, притоа не покажувајќи ни трошка човечност и грижа за нивните сериозни егзистенцијални, но и здравствени проблеми. Сепак, „Охисовци” не се откажуваат од нивните барања, со надеж дека правдата мора да победи и покрај тоа што изгледа како капка во морето полно со криминал и корупција.

Почетокот на голготата

Во октомври 2013 година, речиси сите вработени во „Охис“ беа прогласени за технолошки вишок. Тие беа упатени во Агенцијата за вработување, без исплатени плати и придонеси. На улица останаа илјадници вработени, истите оние вработени кои своите деца ги крстеа по името на фабриката(се надевам дека и денес се живи и здрави Наум, Борче и Биљана „тројката од Охис”, како и нивните родители, поранешни Охисовци).

Охис ја немаше „среќата” како многу други општествени претпријатија да добие доминантен сопственик од редовите на првите некогашни директори, туку едноставно акциите останаа кај вработените. Покрај напорите со зголемување на акционерскиот капитал по пат на конверзија поради подмирени обврски на вработените да се исплатат плати, државата сѐ уште не успеа да ги исплати заостанатите нето (вкупно 8 без придонеси) и бруто (вкупно 16 со се придонеси) плати (вкупно 24).

Во текот на 2016 година поради исклучително лошата состојба во која се наоѓаше Охис и доспеан долг од над 13 милиони евра, друштвото беше исклучено од котација на акциите на Македонската берза, па по пријава на Владата на Р. Македонија и УЈП како најголеми доверители во месец април е отпочната стечајната постапка. За стечаен управник на: АД Охис Скопје, Охис Билјана ДООЕЛ Скопје, Охис Пеом ДООЕЛ Скопје, Охис Филком ДООЕЛ Скопје, Охис Производство ДООЕЛ Скопје, Охис Пва фар ДООЕЛ Скопје, Охис Трансфер ДООЕЛ Скопје и Охис Пласдор ДООЕЛ Скопје е назначен г-дин Маринко Саздовски, а за стечаен управник на Охис Пласт М е назначен г-дин Живко Калковски.

Молкум, без никаква транспарентност и на криминален начин АД Охис тогаш заминал во стечај. Стечајот на АД Охис бил огласен во Службен Весник, било огласено и на огласна табла во АД Охис, но пристапот за вработените бил забранет, било објавено и во дневен печат, но никој не ги информирал поранешните вработени, ниту пак ги повикал како доверители да ги пријават своите побарувања. Луѓето изгубија!!! Од т.н. „рекла казала” муабети меѓу поранешните вработени, тие дознаваат дека имаат право во рок од 8 дена да поднесат барање до суд за да ги пријават своите побарувања по основ на неисплатени плати и придонеси.

Жална е таа држава кога има средства за бизнисмените, а нема за најранливата категорија на граѓани. А уште поголема е загубата на државата, бидејќи токму овие граѓани ја градеа независноста, беа експерти во областите што ги работеа, а брендовите што ги произведуваа беа светски познати и признаени.

Наместо плати-правни лавиринти

Дел од поранешните вработени, уште по објавувањето на стечајната постапка, во првата половина на 2016 година, барајќи спас од безизлезноста по препорака на нивен колега, ополномоштиле адвокат за да ги заштитат своите права во стечајната постапка. Доставиле потребна документација, потпишале полномошно и платиле награда на адвокатот за да може да ги пријави побарувањата кои поранешните вработени ги имале кон АД Охис и друштвата со ограничена одговорност основани од АД Охис. На второто рочиште адвокатот потврдил дека во врска со оние вработени кои биле изоставени од списокот ги поднел барањата за нивните побарувањата, но стечајниот управник истите не ги пријавил и ги ставил во фиока. На тоа пак, стечајниот управник негодувал и велел дека адвокатот воопшто не поднел барање и не ги пријавил побарувањата на дел од бившите вработени.

Стечајниот управник, г-дин Маринко Саздовски на средба со Народниот правобранител, г-дин Иџет Мемети, информирал дека постојат побарувања по основ на плати и придонеси кои не ги пријавиле вработените, меѓутоа дека тие се пријавени од страна на Управата за јавни приходи. За таа цел, на сметката на Управата за јавни приходи уплатени се 24.128.319,00 денари кои треба да бидат распределени на вработените по основ на плати за месец јули 2012 година и тоа на сите ДООЕЛ-и вклучувајќи го и акционерското друштво. Додека пак за месец август 2012 година ќе бидат намирени вработените од сите ДООЕЛ-и со исклучок на Акционерското друштво и ДООЕЛ-от „Производство“, од причина што немало доволно средства. Покрај ова, оспорените 100-тина побарувања сеуште не се заведени и 100-тина фамилии немаат право ни да се надеваат дека некогаш ќе го добијат заслуженото.

Од отворањето на стечајната постапка, па сѐ до денес, заштита на своите законски и уставни права побарале голем дел од поранешните вработени во АД Охис и друштвата основани од АД Охис. Притоа поранешните вработени, како директно засегнати, во повеќе наврати апелирале до надлежните институции за криминалните дејствија во спроведувањето на стечајната постапка и неправилностите при нејзиното водење. Со надеж дека истите не се заборавени и дека некој мисли на некогашните работници кои поминале низ тешка голгота и без нивна волја го изгубиле работното место, се обратиле до сите надлежни институции и оствариле средби со нив надевајќи се дека некој ќе има разбирање за нивните проблеми.

По принцип на „пинг-понг”, со години талкаат од една до друга врата, но никој не одговара на нивните барања. Вратите од институциите се затворени за некогашните вработени. Десетици поднесени дописи и барања и затворени лавиринти на државната и судската администрација. Силна шлаканица која доаѓа од зад ридот, од затворени врати. Силна шлаканица од целиот систем. Настрана маката, опасно е што се има изгубено чувството на човечност, добрина и хуманост.

И каде ќе се затвори овој круг?

Да не заборавиме, за секој проблем има соодветно решение! Но, гордиевиот јазол за евентуално исполнување на Охисовските барања е заплеткано околу продажбата на Охис. Продажбата на Охис е една од најгорчливите теми на кои се дебатирало на средбите со надлежните, но ниту средбите со нив не ја расчистија дилемата по однос на ова прашање, туку создадоа дополнителна забуна. Ова е скандалозно бидејќи навистина станува збор за криминал!

Текот на стечајната постапка

Целиот недвижен имот на АД Охис – Скопје, како и движниот имот во сопственост на ДООЕЛ-ите е продаден на третиот јавен оглас објавен на крајот на 2017 година за 7.100.000,00 евра, каде изречно е предвидено дека 1.600.000,00 евра од овие средства ќе бидат наменети за чистење на отпадот во АД Охис – Скопје. Народски кажано, ќе земеме од платата на вработените и ќе платиме да се исчисти, иако државата, градот Скопје и општината Кисела Вода имаат уставна и законска обврска да го направат тоа. На првиот оглас не се јавил ниту еден заинтересиран понудувач. На вториот се јавил само еден кој дал безмалку идентична понуда со понудата на Хемиски инжињеринг ДОО – Скопје чиј управител и сопственик е г-дин Горјан Максимовски чија понуда (на 3-тиот оглас) е прифатена, а причината зошто при втората објава не е продаден имотот никогаш не е објавена. Вредно е да се напомене дека истата оваа компанија пред да биде завршена стечајната постапка станува разлачен доверител откупувајќи ги побарувањата на Комерцијална банка која ги има спрема стечајниот должник АД Охис – Скопје во вредност од 600.000,00 евра, па по завршувањето на постапката, имотот врз кој воспоставил заложно право преминува во сопственост на компанијата. Со ова ако направиме проста математика ќе заклучиме дека Хемиски инжињеринг ДОО – Скопје за 7.700.000,00 евра добил објекти со вкупна површина од 171.000 м2, а со право за само 7 евра по 1м2 да изврши приватизација на земјиштето под објектите.

Слика од 146-тиот протест на поранешните работници на фабриката „Охис“ за неисплатените 24 плати. Извор: Хелсиншки комитет за човекови права

Охис се продаде, е сега кој ќе го чисти? И драмолетката (за кој – како) продолжува…На собрание на доверители одржано на ден 18.07.2018 година со единствена точка на дневен ред: Донесување одлука по однос на објавениот оглас во дневниот весник Вечер на ден 11.04.2018 година за прибирање на понуди на најповолен понудувач за вршење на услуга отстранување, дислокација, уништување или неутрализација на хемиски материи од локации и производни погони од кругот на стечајниот должник АД Органска хемиска индустрија НАУМ НАУМОВСКИ БОРЧЕ ОХИС – Скопје – во стечај – Скопје, стечајниот управник г-дин Маринко Саздовски, а видно од Записникот од 21.11.2019 год. составен пред стечајниот судија г-ѓа Сашка Трајковска, најблаго речено од само за него познати причини малициозно ја претставува понудата од АГОН ГРОУП ДОО 1200 ТЕТОВО за сметка и фаворизирање на понудата од ЕКО ЦЕНТАР 97 ДООЕЛ Скопје.

Дали стечајниот управител е во својство на посредник или партнер со сопственикот на ЕКО ЦЕНТАР 97 ДООЕЛ Скопје г-дин Владо Момировски? Чии интереси штити и кој го штити неговото „надриписарско работење” во улога на стечаен управник? Би требало и би можеле да одговориме на овие, а и на ред други прашања, доколку ни беше овозможен увид во списите на предметот, кој во повеќе наврати како адвокатска канцеларија го побаравме директно од него, а и од стечајниот судија г-ѓа Сашка Трајковска.

Од која причина судијата и покрај две ургенции не ни овозможи да го извршиме бараниот увид во списи и што се крие? Со кое право и по кој основ стечајниот судија го поканил управителот и сопственик на ЕКО 97 ДООЕЛ Скопје, г-дин Владо Момировски лично да присуствува на Седницата на доверители одржана на 21.11.2019 година, па подоцна да се правда дека истиот е присутен во својство на јавност, додека не дозволи ниту еден од поранешните вработени да присуствува на седницата поради немање на просторни услови? Штета, ова рочиште поради немање на технички можности нема да има аудио запис (како и другите)!

А да, на 11.05.2020 година стечајниот управник г-дин Маринко Саздовски телефонски не информираше, дека судијката го известила (исто телефонски) за нашите поднесени Барања. Тој сѐ уште официјално ги нема добиено и нема да ни достави писмен одговор, меѓутоа бевме известени за закажано, па одложено Собрание на доверители на кое требало да се разговара за второ продолжување на Договорот со ЕКО ЦЕНТАР 97 ДООЕЛ Скопје.

Ќе престане ли оваа драмолетка каде стечајниот судија е адвокат на стечајниот управник, стечајниот управник е застапник на газдата на ЕКО ЦЕНТАР 97 ДООЕЛ Скопје, а пак овој веројатно соработник од интерес за двајцата? 

Слика од 155-тиот протест на поранешните работници на фабриката „Охис“ за неисплатените 24 плати. Извор: Хелсиншки комитет за човекови права 

„Никогаш човек не треба да мисли дека е сигурен, ни дека е умрено тоа што е минато!

Борбата продолжува, бидејќи коренот на злото со кое се соочуваме, не можеме ниту смееме исклучиво да го бараме кај „несреќно споменатите”, на друго место или кој знае каде. Коренот на злото е овдешно, во системот.

Спасе Николов од март 2019 година се здобил со Лиценца за адвокат при Адвокатската комора. Во моментов работи како Адвокат, а претходно како административен службеник во ФПИОМ и АВРМ. Долгогодишен синдикален активист, претседател на синдикална администрација и борец за работничките права и против класната дискриминација и непотизмот..