август 27, 2020

Како да ѝ верувам на правната држава која не ги штити правата на работниците?

Како да ѝ верувам на правната држава која не ги штити правата на работниците? title

Џејлан Велиу Mагистер по казнено право, комунист, долгогодишен активист за човекови права и социјална правда

Оваа колумна ја пишувам во прво лице затоа што сакам да  го споделам моето искуство како работник во односот со „правната држава“ и „флексибилниот“ пазар на трудот. Моето име е Џејлан. Имам 28 години и од моите 16 години сум активист. Не можам да се определам во однос на тоа за што сум активист (ЛГБТИ, права на животните, работнички права, човекови права, активист за животна средина, за социјална правда и така натаму), затоа што да бидеш активист ги опфаќа сите овие категории. Сепак вниманието најмногу ми го привлекувале работничките права, затоа што работникот е оној кој создава нова вредност, работникот е оној кој го создава капиталот на газдата, а тој капитал потоа него го експлоатира.

Со овие сфаќања, во втората половина на 2015 година, се приклучив на иницијативата за формирање на работничка/левичарска партија, што резултираше со формирањето на политичката партија Левица. По две години од постоењето на Левица јас бев и првата вработена во партијата на работното место партиски секретар. Работењето во политичка партија воопшто не е едноставно и лесно, затоа што при најмали превирања можете да го загубите работното место. Така се случи и со мене. Кон крајот на 2018 година и почетокот на 2019 година, во Левица имаше низа на судири предизвикани од политички несогласувања. Јас се најдов во таборот кој беше мнозинство, но не го поседуваше партискиот печат, па стана мета на малцинството кое го започна бруталниот подземен инженеринг за преземање на партијата со невидена хајка против секој што размислува различно од самопрогласеното раководство на партијата во тој момент.

На 15-ти февруари минатата година, во ноќните часови, беше сменета бравата од влезната врата на централната канцеларија на Левица, местото каде ги извршував моите работни задачи како партиски секретар. Неколку денови подоцна, започнав да ги примам известувањата „за подобрување на моето работење“. Со нив започна хајката и мобингот против мене чија крајна цел беше, целосно непочитувајќи ги моите работнички права, да ме избркаат од моето работно место. Сето тоа од страна на партија која се залага за правата на работниците…но само декларативно!

Во тие моменти тоа воопшто не ми беше битно. Знаев дека сум во право и затоа очекував дека ќе имам институционална заштита. Веднаш отидов во Државниот инспекторат на трудот и го пријавив мојот доскорешен работодавач (партијата во чие основање сесрдно се вложив), а поради кршење на моите работнички права, се обратив и до Хелсиншкиот комитет, кои исто така преземаа дејствија во комуникација со ДИТ. 

Работодавачите се заштитени како бели мечки – Државниот инспекторат на трудот е немоќен

ДИТ изврши инспекциски надзор, констатирајќи низа неправилности во „постапката“ за суспензија, при што го задолжи работодавачот да ги отстрани утврдените неправилности.

Извадок од задолжението на ДИТ со кое му се наложува на работодавачот да ги отстрани утврдените неправилности

Сепак, за правниот застапник на партијата задолженијата на ДИТ немаа никаква важност, па наместо задолжително да постапи по истите, тој земајќи си улога на државен орган констатираше дека Решението на ДИТ станало беспредметно. Така, со цел да ги избегне задолженијата на ДИТ, а истовремено да ја продолжи хајката против мене,  тој само го смени основот на мојата суспензија по што ми врачи отказ без отказен рок. За таа цел тој смисли ново обвинение – дека сум ја украла партиската архива. Имајќи го партискиот печат во свои раце, создал и фиктивна дисциплинска комисија што наводно констатирала дека јас сум ја украла целокупната партиска архива.

Во оваа насока морам да дообјаснам зошто Државниот инспекторат на трудот е немоќен во својата основна функција – да ги заштити работниците од незаконски откази. Имено, во мојот случај, ДИТ послужи само како советодавно тело за работодавачот за отказот да добие поцврст законски основ (така основот за отказ „неисполнување на работните задачи“ преку ноќ стана „кршење на работниот ред и дисциплина“). Во комуникација со инспекторката, откако и посочив дека мојот работодавач измислува нови обвиненија за мене со цел по секоја цена да ме избрка од работа, од страна на ДИТ ми беше посочено дека тие не се суд за да изведуваат докази.

Затоа, не ми преостануваше ништо друго освен да поднесам тужба, нешто на што секогаш ги охрабрував другите работници, убедувајќи ги дека правдата ќе ги стигне работодавачите.

Поднесов тужба со несоборливи докази во прилог, за неоснованоста на врачениот отказ без отказен рок. Судската постапка започна, се одржаа вкупно четири рочишта од кои на едно рочиште јас и правниот застапник на партијата дававме исказ за тоа како дошло до оваа ситуација. Видно од неговиот исказ – тој претпоставувал дека сум сторила кражба на архивата на партијата (во одлуката за отказ објаснувањето беше, цитирам „бидејќи сте сториле кривично дело во врска со работата“), а дополнително беше контрадикторен. Во еден момент тој тврдеше дека јас ја имам украдено цела архива, за веднаш потоа да напомене дека бил украден само дел од архивата.

Со оглед на тоа како се одвиваше целата постапка, бев убедена дека јас ќе го добијам спорот, затоа што другата страна не приложи никакви докази за сторено кривично дело кражба, згора на тоа основот на отказот беше ПРЕТПОСТАВКА.

Се закажа рочиште за објавување на пресуда на 26.12.2019 година, но пресуда немаше. Судијата оценил дека спорот е доста сложен и донесувањето на пресудата беше одложено за по новогодишните празници, но, пресудата ја добив дури на 6.3.2020 година. 

Законот за работните односи е мртво слово на хартија – Товарот на докажување важи само за работникот

Пресудата, иако сеуште неправосилна, сама по себе е скандалозна затоа што се одбива моето тужбено барање како неосновано и сум задолжена на спротивната страна да и надоместам трошоци од 63.000 денари. Во пресудата пишува дека судот му поклонува верба на исказот на тужениот и врз тој исказ ја темели пресудата. Значи без разлика што тој само претпоставува и без да располага со ниту еден доказ ми врачува отказ, сепак судот му поклонува верба нему.

Имено, во членот 72 од Законот за работни односи (со поднаслов „Причина и обврска за докажување“), предвидено е следното, цитирам: „ако работодавачот го откажува договорот за вработување, е должен да го наведе основот за отказот, утврден со закон, колективен договор и акт на работодавачот, да ја докаже основаноста на причината која го оправдува отказот и истите да ги наведе во образложението.“

А сè што е наведено во образложението на одлуката за отказ е дека сум сторила кривично дело во врска со работата – кражба. И толку!

Докази за такво нешто ниту се наведени во одлуката за отказ, ниту беа понудени од страна на работодавачот во текот на судската постапка!

Спротивно на предвидениот товар на докажување за работодавачот од членот 72 од Законот за работните односи, судот не ги ни изедначува странките, туку товарот на докажување го става исклучиво врз работникот. Така, во образложението на пресудата, судот го констатираше следното, цитирам: „Судот при одлучувањето го имаше предвид исказот на тужителката сослушана во својство на странка… истиот го ценеше, но не му поклони верба… Во случај кога неспорно за странките, клучот од ормарот за архивата го имале само законскиот застапник на тужениот и тужителката, во случај кога неспорно не е утврдено сторено обивање на вратата, а имајќи ја во предвид за законскиот застапник важноста на класерите со документацијата која недостасувала, не може да се прифати навод дека истите исчезнале по вина на законскиот застапник, туку дека е сторена дисциплинска повреда – кражба од страна на тужителката.

Очигледно е дека, првостепениот суд со двојни аршини го ценеше распитот на странките. Имено, во текот на распитот на законскиот застапник на работодавачот, на моето прашање од каде тогаш користеше дел од архивата во судски постапки против останати партиски другари – политички неистомисленици, тој го смени својот исказ, и наведе дека дел од архивата била украдена, а дел не била.

Со други зборови, доколку било кој работодавач реши да му врачи отказ на работник, а за тоа нема никакви основи, тој едноставно доволно е да измисли дека работникот нешто украл. Во судската постапка, судот ќе бара од работникот да докаже дека не сторил никаква кражба, што го отвара прашањето каков доказ може да понудите за нешто што секако не сте го сториле. Спротивно на ова, работодавачот може самиот да го сокрие она за што подоцна ќе ве обвини дека сте го украле, па повелете вие пред суд докажете го спротивното…

Го потенцирам овој дел, затоа што врз мојот грб чувствувам дека се создава погубна судска пракса. Имено,  моето искуство вели дека предвидениот товар на докажување при отказ на договорот предвиден во членот 72 од Законот за работните односи, работодавачите можат да го задоволат само со исказ даден при распит на странки, па дури и тогаш кога само ноншалатно ќе кажат дека  претпоставуваат дека работникот ја сторил посочената повреда, а без да понудат за тоа никаков доказ.

 Оправдан е стравот на работниците да поведат работен спор – трошоците на постапка се превисоки.

Судот, знаејќи дека сум работела за минимална плата од 12.000 денари, ме задолжува да надоместам трошоци на постапка од 63.000 денари.

Дискриминација во однос на работничките права се забележува и кај трошоците на постапката, кои изнесуваат двојно повеќе од која било друга постапка. Како работник кој работел за минимална плата може да надомести процесни трошоци од 63.000 денари? Дали за да ги отплатам трошоците треба да земам кредит и да заглавам во тој банкарски лавиринт? Или пак да чекам извршители да ми извршуваат од плата, бидејќи јас како и 90% од работниците немам заштеда.

Јас, сега прашувам, како работниците се заштитени, како нивните права се заштитени, кога третманот на „правната држава“ кон работодавците е како кон бели мечки чиј вид е загрозен? Како јас како активист понатаму можам да убедувам работници да тужат за да си ги заштитат своите права? Како јас да верувам на оваа „правна држава“?

Заклучокот од ова што мене ми се случи е дека правната држава воопшто не постои, дека работниците и натаму се најдискриминираниот сталеж во општеството и дека доволна е само една претпоставка на работодавецот за работникот да остане без егзистенција.

Поднесов жалба до апелационот суд, што ме изложи на дополнителни трошоци.

Како работник се надевам дека апелациониот суд ќе одлучи праведно. Во спротивно ќе продолжи не само судската, туку и општествена пракса, каде што работодавачот има одврзани раце (како робовладетел) да те отпушти од работа без око да му трепне и притоа да заработи од тоа, бидејќи институциите и „правната држава“ го штитат токму него.

Џејлан Велиу е магистер по казнено право, комунист, долгогодишен активист за човекови права и социјална правда.