Основните белези на криминалитетот од омраза со посебен осврт на говорот на омраза

декември 15, 2020

Изразот „казнено дело на омраза“ е често присутен во секојдневниот говор, но поради различните значења што му се придаваат, нужно е да се направи попрецизно правно определување на неговата содржина. Тавтологија претставуваат и изразите:

„казнено дело од предрасуда“, „казнено дело од пристрасност“ и „казнено дело од срдба“. По однос на одомаќинетиот назив на овие дела како „дела на омраза“, а кој доаѓа од англискиот термин hate crime, потребно е да се каже дека во Северна Америка се употребува и терминот bias crime, што би значело криминалитет од пристрасност/необјективност. Некои американски теоретичари, сепак, отворено се заземаат за ставот овие дела да бидат нарекувани „дела на предрасуди“. Ваквиот став најде своја интерпретација и во легислативата на САД.

Терминот „дела на омраза“ е кус и не успева да ја долови подлабоката политичка димензија во случаите кога овие дела вклучуваат практикување на моќ на режимот, како на пример „државниот тероризам“.

Според некои автори и меѓународни организации (ОБСЕ/ОДИХР), дело на омраза може да постои и кога сторителот кон конкретната жртва можеби чувствува сомилост или жал, која, сепак, не може да го надвладее чувството на омраза кон групата на која таа и припаѓа. Поради тоа, изразот „омраза“ честопати се заменува со изразот „пристрасност“ како негов синоним. Поимот на „пристрасност“ има пошироко значење од омразата и подразбира однос кон друг, заснован врз некој облик на предрасуда во врска со неговите карактеристики како припадник на одредена група (bias crime, bias-motivated crime). Но, пристрасноста може да означува и позитивна емоција, како што е на пример љубовта, па со оглед на истото овој термин не би можел да се прифати како најекспликативно решение за ословување на делата на омраза. Освен тоа, и изразот „предрасуда“ не може да биде барометар за дефинирање на овие дела. Навистина „предрасудата“ е никулецот на сиот антагонизам, но зборот е премногу благ, од аспект на психолошката состојба на лицето кое ја има. Во принцип, не постои човек кој нема предрасуди, но за да стори казнено дело, предрасудата треба квалитативно да прерасне во омраза, па истото да стане мотив за пројавување агресија и сторување казнено дело. Во САД на пример постојат и ставови во академската средина дека предрасудите можат да предизвикуваат само инциденти (читај: прекршоци и дисциплински повреди), а омразата предизвикува казнени дела.