Анализа на степенот на задоволство од механизмите за заштита на работничките права во Република Северна Македонија
март 1, 2019
Анализата насловена „Мерење на степенот на задоволство од механизмите за заштита на работничките права во Република Македонија“ е подготвена во рамките на проектот „Зголемување на продуктивноста преку подобрување на законската рамка за работните односи во Македонија” финансиран од Фондот за добро владеење на Велика Британија.
Анализата има за цел да ги истражи ставовите на граѓаните во поглед на задоволството и ефикасноста од заштитните механизми за работничките права. При оценувањето на овие механизми, студијата доаѓа до заклучок дека синдикатите се најнепопуларен заштитен механизам, а најмалку непопуларни се невладините организации и апелационите судови. Целта на вака поставената студија е да им посочи на работниците и работодавачите на механизмите преку кои најбрзо можат да добијат исход на работните спорови пред институциите, без притоа да навлегува во содржината на таквите исходи. Студијата ги носи овие заклучоци преку три истражувачки алатки, а тоа се: истражување на јавното мислење, организирање на фокус групи и прибирање на информации од јавен карактер за работата на институциите.
Битно е да се напомене дека за мерење на задоволството за секој институционален механизам се употребени минимум две од трите расположливи алатки. Користењето на минимум два извори и дава поголема објективност на анализата. Додека ја читате анализата ќе забележите дека методолошки е поставена на следниот начин: прв е описот на институционалниот механизам и позитивните законски прописи, а потоа следуваат резултатите од алатките. Врз основа на таа методологија, подоцна се извадени заклучоци и наоди кои се наменети за секој институционален механизам одделно. На крајот од анализата се приложени сите собрани податоци во форма на анекс. Целта на овие анекси е да се споделат резултатите со социјалните научници кои подоцна ќе можат да ги употребат овие податоци за други анализи и наоди.