Годишен извештај за криминалот од омраза во 2014 година

јули 22, 2015

Годишниот извештај за криминалот од омраза во 2014 година опфаќа 87 инциденти кои се разработени според вид, локација, време на сторување, пристрасната мотивација, бројот на жртви и сторители и статус на случаите и е достапна на следниов линк.

Од прес-конференцијата на Хелсиншкиот комитет:

Втора година по ред, по повод Европскиот ден на жртви на дела од омраза, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија (МХК) ги изнесува наводите од она што е констатирано во текот на годината, а во врска со делата од омраза, односно бележење, документирање и постапување во врска со сознанијата од евентуални жртви.

Активностите од овој проект се овозможени со финансиска помош на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, имајќи ја предвид заемната согласност на МХК И ОБСЕ околу непостоењето на државни институции кои бележат и документираат дела од омраза, а тоа ја прави Македонија единствена земја во регионот на ОБСЕ која потфрла во систематскиот пристап кон делата од омраза. Таквиот факт е алармантен, особено затоа што Македонија се покажа како плодно тло за сторување дела од омраза, со тоа што мултикултурната структура на македонското општество доведува до тоа најголемиот број на сторени дела од омраза да бидат по основ на етничка припадност и во двете извештајни години.

Иако она што може да се забележи во втората извештајна година (2014) и понатаму во првите 6 месеци од 2015 година е застапеноста на инциденти и дела од омраза по основ на политичко уверување, врзано со актуелните политички случувања и процеси, односно зачестените и брутални напади на новинари, граѓански активисти и граѓани кои се опозициски настроени. Реагирањето на МХК во врска со овие инциденти и напади до надлежните институции или Министерството за внатрешни работи, јавните обвинителства и судовите, и нивните одговори, укажуваат на тоа дека во државата отсуствува добра политичка волја за справување со делата од омраза. Фактот дека има само пет пресуди низ кои се третира институтот дела од омраза, укажува на тоа дека судовите и понатаму не ги препознаваат и процесуираат соодветно делата од омраза и согласно со Казнениот законик.

Она што е значајно во врска со работата на МХК во областа на дела од омраза, е што е единствената организација која има систематски пристап кон овој институт, за разлика од државните институции кон кои се упатувани забелешки и преку извештајот на ОДИХР и  Европската комисија за отсуството на документација и статистика, обуки за судии и обвинители за третирање на таквите инциденти и дела.

За разлика од 2013 година кога беа забележани 116 дела од омраза на порталот https://www.zlostorstvaodomraza.com/, во текот на 2014 година бројот е намален на 87. И понатаму преку истата методологија и индикатори се собирани податоците околу делата од омраза, а во текот на 2014 година и понатаму мотивот на сторителите се однесува на етничката припадност на жртвите или 84% од сторените дела се дела од омраза по основ на етничка припадност и насилство помеѓу двете најголеми етнички заедници во РМ – македонската и албанската.

За разлика од минатата година, значително се намалени инцидентите во градовите Гостивар, Кичево и Струга, а Скопје е градот во кој најголем дел од делата омраза се забележани во текот на 2014 година, и тоа најмногу во општини со хомогена и мешана етничка структура какви што се Чаир, Аеродром и Центар. Воопшто основите на сторени дела од омраза се во најголем дел – 61% етничка припадност, на второ место е политичко уверување, на трето место се сексуална ориентација и родов идентите, а на четврто е верската припадност. Во врска со полот и возраста на жртвите, значајно е да се напомене дека често отсуствуваат овие карактеристики во официјалното третирање на делата од омраза, па така според податоците на мХК најмладата жртва има 10 години, додека жртви биле и пет девојки под 18 години, иако бројот може да биде и поголем.

Во овој извештаен период беа опфатени и спортските натпревари, при што беа евидентирани 6 инциденти од омраза, со обемно присуство на говор на омраза за време на самите натпревари.