Државата во сценариото за десоросоизација

јануари 16, 2020

Кога поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски се качи на малата бина пред просториите на Државната изборна комисија на 17 декември 2016 и најави десоросоизација, тој процес веќе бил во напредна фаза. Три недели претходно, институциите почнале да го подготвуваат теренот за детални и интензивни финансиски контроли на 22 невладини организации.

Партијата на Груевски, не била само идеолог, туку и директен поттикнувач на процесот и заедно со тогашната Државна комисија за спречување на корупцијата биле двете клучни алки  во мрежата што се плетела околу критичкото граѓанско општество.

Истражувањето на БИРН открива дека операцијата што се случуваше пред и по парламентарните избори во 2016 година била координирана, политички мотивирана и вклучувала повеќе институции.

Документите до кои дојдовме и сведочењата на луѓето што биле инволвирани во процесот покажуваат дека институциите носеле одлуки во многу кратки рокови, некритички и неселективно ги прифаќале обвинувањата изнесени од партијата и ги користеле како единствен аргумент за иницирање максимални претреси на документацијата.

Државната комисија за спречување на корупцијата ја одиграла клучната улога, откако подлогата претходно ја подготвиле медиумите и ад-хок телото на АВМУ, а работата потоа во свои раце ја презеле Управата за јавни приходи, Јавното обвинителство, МВР, Финансиската полиција и подоцна Управата за финансиско разузнавање.

Овие повеќемесечни интензивни контроли врз 22 невладини организации, со кои не се најде ништо незаконско, не резултираа ниту со одговорност за нарачателите и за спроведувачите, ниту со системски измени што би спречиле по политички диктат институциите да бидат употребувани за пресметки со граѓанското општество.

Ново светло врз настаните

Тантуровски и Миленков од ДКСК (втор и трет од лево) биле двигатели на процесите | Фото: МИА, 2015 година

Невладините организации опфатени со оваа операција уште тогаш се сомневаа дека станува збор за злоупотреба на институциите од политичката партија што го има во рацете државниот апарат. Особено што заедно со контролите се одвиваше и интензивна политичко-медиумска кампања за „расчистување со деструктивните политики на СДСМ/Сорос и нивните платени мегафони“ – реторика што доаѓаше од тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и од други истакнати партиски членови познати по своите радикални ставови.

Документите до кои дојдовме и сведочењата на инволвираните покажуваат дека институциите носеле одлуки во многу кратки рокови, некритички и неселективно ги прифаќале обвинувањата изнесени од партијата и ги користеле како единствен аргумент за иницирање максимални претреси на документацијата

Документите до кои дојде БИРН од Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси (ДКСК), а кои ја содржат комуникацијата меѓу партијата, комисијата и истражните органи, ги потврдуваат сомневањата за силното партиско влијание врз целиот процес.

Тоа најмногу се гледа во роковите по кои било постапувано. Само еден работен ден ѝ бил потребен на тогашната комисија предводена од Игор Тантуровски да заклучи дека обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ, кои се потпираат на медиумски извештаи, се доволна основа за да побара детални финансиски контроли.

На 28 ноември 2016 година, партијата, преку нејзиниот адвокат и долгогодишен член Илија Илијоски, поднесува претставка до ДКСК, во која се повикува на наводи изнесени од телевизии и од портали што се однесуваат на сомневања за финансирање здруженија на граѓани од „Сорос“ (како што стои во документот) и за тоа дека граѓански активисти се претставувале како независни граѓани, но одработувале и ги застапувале ставовите на СДСМ.

Како „сторители на незаконското постапување“ се посочени членовите на граѓанската акција „Ние одлучуваме“ и се наведени имињата на сите 22 организации вклучени во неа. Цитирани се објави од Сител, ТВ Нова, Нетпрес и Телеграф, со наоди што со многу сличен наратив се повторуваат во поголем број медиуми, како Денешен, Република, Курир, Прес 24, Вистина и други.

Во текстовите се вели дека „Сорос ја почна кампањата на СДСМ“ и се опишува како камион на движењето „Ние одлучуваме“ возел низ Охрид и ширел пораки против владејачката партија, а на крајот, според видео што „било испратено до редакцијата“, се гледало како член на акцијата „зема пари за сработеното“ од човек во возило што е „правна сопственост на Институт Отворено општество“.

Се цитира и наодот од ад-хок телото за медиуми дека организациите треба да внимаваат нивните пораки да не бидат идентификувани со тие на учесниците во изборниот процес. Во написите, ниту се докажуваат овие наоди, ниту се консултира втората страна, само се пренесува впечатокот дека кампањата на невладините била слична со пораките на СДСМ.

Прифаќање на сомнежите по кратка постапка

 

На антикорупционерите им бил потребен само еден работен ден за да го обработат предметот и да заклучат дека наведеното е доволна основа за да побараат целосна контрола на финансиското работење на посочените организации за 12 месеци, од јануари до декември 2016. Веќе на 29 ноември, тие испратиле такви иницијативи до Управата за јавни приходи и до Јавното обвинителство.

Во овие дописи тие наведуваат дека постапуваат по пријава, но не пишуваат од кого и ја копираат речиси целата содржина од поднесокот на ВМРО-ДПМНЕ, на крајот додавајќи го своето барање за финансиски контроли. Месец дена подоцна, на 28 декември 2016, на идентичен начин е покрената иницијатива до Управата за финансиско разузнавање да изврши контрола за пет години.

Ниту на институциите не им требало долго за да одговорат на задачата. Од невладините организации сведочат дека  веќе следната недела од иницијативата, на 5 декември 2016  почнале да добиваат повици од УЈП дека ќе ги посетат инспектори за да им извршат контрола.

Во меѓувреме во обвинителството, според одговорот што оттаму го испратија до БИРН, биле ангажирани двајца обвинители од одделот за гонење организиран криминал и корупција, кои, поради обемноста на побараните материјали, формирале меѓуинституционални тимови за да вршат истрага.

Игор Тантуровски и Горан Миленков, не само што во јавноста беа поврзувани со тогаш владејачката ВМРО ДПМНЕ, туку беа и донатори на партијата пред да ги добијат функциите. Тантуровски во 2012, а Миленков во 2011. Двајцата дале по илјада евра.

На 6 декември 2016, ДКСК испратила допис до ВМРО-ДПМНЕ дека сомневањата им се основани и дека почнале постапка. Според извори од тогашниот состав на Антикорупциска, кои инсистираат на анонимност, прво имало обид од членот Горан Миленков (познат по изјавата дека „за век и векови треба да се затвори прашањето за анкетниот лист на Груевски“) комисијата самостојно да отвори предмет по допрен глас, но тоа не било прифатено од други членови.

Потоа пристигнала претставка за истата материја од ВМРО-ДПМНЕ, и Тантуровски му го доделил предметот на Миленков. Изворите од ДКСК велат дека предметот се работел со голема брзина, во напната атмосфера и во голема тајност, бил класифициран и не можел секој да има пристап до него. Никакви информации за него нема во годишните извештаи на комисијата, што е невообичаено.

Тантуровски и Миленков, како главниот мост преку кој се спровела партиската волја за прогон на невладините организации (инаку поранешни донатори на ВМРО-ДПМНЕ, пред да станат антикорупционери), одбија да ги коментираат случувањата од тоа време.

„Јас сум две години излезен од таму и веќе немам намера ништо да коментирам во врска со таа работа“, изјави Тантуровски за БИРН.

Сличен беше и одговорот од Миленков, кој рече дека сè што имало да се каже на темата, било кажано тогаш кога се случувале настаните.

А тие се одвиваа паралелно со изборната кампања, гласањето и пребројувањето на гласовите и со протестите на ВМРО-ДПМНЕ пред Државната изборна комисија против поништувањето на резултатите од изборите во дел од гласачките места, со што се загрозуваше нивната предност од две пратенички места (51 наспроти 49 за СДСМ).

Членови на партијата се собираа пред поранешната зграда на „Нова Македонија“, каде што е сместена ДИК, и секое попладне слушаа говори од истакнати партиски функционери, како Филип Петровски, кој им говореше за „расчистување со Соросовите медиуми“ или Валентина Божиновска, која повикуваше на „ноќ на долгите ножеви“.

На 17 декември 2016, во едно магливо попладне со трицифрени концентрации на ПМ 10 честички, во кое одвај се гледаа говорниците, на ниската бина се качи лично Груевски и го прочита прогласот на ВМРО-ДПМНЕ во пет точки, од кои последната се однесуваше на пресметката со критичкиот невладин сектор.

„Ќе се бориме за десороизација на Република Македонија и за јакнење на независен граѓански сектор, кој нема да биде под ничија контрола. Ќе се пристапи кон регулирање на областа на финансирање на фондациите и НВО, по теркот на најнапредните демократии во светот“, рече тогашниот партиски лидер.

Борбата што ја најави, според наодите, била веќе започната, со впрегнување на државните органи.

Што, всушност, беше „Ние одлучуваме“

Материјалите од кампањата „Ние одлучуваме“ сè уште може да се најдат на интернет-страницата со истото име. Станува збор за комбинација од јавни настани, издавање весник, видеа и други мултимедијални содржини изработени од  22 организации, поддржани од Фондацијата Отворено општество.

Со нив се повикуваат граѓаните да гласаат и да бараат од кандидатите да им ги решат клучните пробеми од економско-социјалната сфера, правната држава, животната средина, јавните услуги, како образованието и здравството итн. Притоа состојбите во сите овие области се опишуваа како неповолни.

Кампањата на невладините почна со јавен настан пред Собранието на 20 октомври 2016, а првите видеа беа објавени на 14 ноември. Еден ден подоцна по нив се произнесе Привремената комисија за следење на медиумското претставување или т.н. ад-хок тело за медиуми.

Тоа беше една од хибридните институции што ги произведе меѓупартискиот договор од Пржино, со кои требаше да се обезбедат услови за фер парламентарни избори. Во него, по двајца членови дадоа СДСМ (Горан Трпеноски и Љубомир Костовски) и ВМРО-ДПМНЕ (Цветин Чилиманов и Слаѓана Димишкова), а Љуљзим Хазири, како неутрален, беше назначен за претседател.

Само што се емитувале првите видеоспотови на телевизиите Телма и Алсат-М, ова тело издаде соопштение со кое предупредува да се почитува Изборниот законик.

„Привремената комисија го почитува правото на граѓанските организации да организираат кампањи од јавен интерес и едукација на граѓаните, но притоа да обрнат внимание нивните пораки да не бидат идентификувани со пораките на учесниците во изборниот процес“, се вели во соопштението.

Ова мислење беше вклучено во претставката на ВМРО-ДПМНЕ, како дополнителен аргумент дека кампањата на СДСМ незаконски се води и се финансира од невладини организации.

Од Фондацијата Отворено општество велат дека воопшто не станувало за помагање на опозицијата, туку за кампања што ја организирале во предизборен период заради едукација на гласачите. Се состоела од информативен и од едукативен дел.

Десоросоизацијата остана како пример за тоа како политичките партии можат да ги злоупотребат институциите за пресметка со неистомислениците. Особено ако од тоа може да се извлечат без последици.

„Сите наоди што ги пласираме се базираат на истражувања, анализи и мониторинзи. Ние стоиме зад сите наши согледувања, а дали некој наш наратив се поклопува со некој друг, тоа е прашање на коинциденција. Очекувано е мислењата на критичкото граѓанско општество делумно да се поклопат со гледишта на опозицијата, и тоа не значи дека ние сме работеле за некоја опција“, вели Фани Каранфилова Пановска, извршната директорка на ФООМ.

Од јануари 2017 година, членот на ад-хок телото назначен од ВМРО-ДПМНЕ, Цветин Чилиманов, како независен новинар, го иницира движењето „Стоп операција Сорос“, заедно со уште двајца соработници, новинарот Ненад Мирчевски и историчарот Никола Србов (кој тогаш не беше директно поврзан со партијата, но подоцна ќе стане член на нејзиниот Извршен комитет).

„Стоп операција Сорос“ одржуваше прес-конференции, на кои откриваше кои организации колку пари зеле од различни донатори, како ФООМ или УСАИД, притоа тврдејќи дека ги користеле овие средства за дестабилизација на македонската политичка сцена. Нагласуваа дека се потрошиле пет милиони долари во тек од пет години за таа цел.

Периодот од пет години се поклопува со периодот што ДКСК им наложи на дел од институциите да го истражат кај 22-те невладини организации. Билјана Бејкова од НВО Инфо центарот се сомнева дека дел од податоците што инспекторите ги собирале за истрагата завршувале кај членовите на СОС за да бидат употребени на нивните прес-конференции.

„Стоп операција Сорос“ знаеја за грант што ние го добивме во ноември 2016 година. Тој грант сè уште не влегол во нашите годишни извештаи, немале како да дознаат за него, освен од УЈП. Ја имаа само информацијата колкав прилив на средства имало“, вели таа.

Долги и стресни истраги

Десоросоизацијата се најави на протест на ВМРО-ДПМНЕ пред ДИК, а беше почната три недели претходно | Фото: БИРН

„Државата има право да истражува и да врши контроли и никој не може да ѝ го оспори тоа. Но, она што нас ни се случуваше, беше нејасна и небулозна постапка со која се блокираше нашата работа, ни се вршеше притисок и се ширеше страв“.

Оваа теза е заеднички именител на разговорите што ги имавме со претставници од Хелсиншкиот комитет, НВО Инфоцентарот, Метаморфозис, Евротинк, ЏЕФ и други организации опфатени со десоросоизацијата.

Стотици луѓе, вработени или активни во овие здруженија, велат дека половина година живееле во страв од апсење и од наместен процес.

Соочени со финансиски контроли однатре и медиумска кампања против нив однадвор, се сомневале дека е само прашање на време кога ќе бидат спектакуларно уапсени. Никој не се плашел дека ќе му најдат нешто. Стравувале од подметнувања и од флексибилни толкувања на законите со кои би биле обвинети за злоупотреби.

„Јас бев мирна кога се во прашање финансиите, знаев дека сè е чисто, но не бев мирна затоа што знаев дека зад тоа стојат зли намери“, вели Уранија Пировска, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет.

Инспекторите се однесувале професионално, но имале апсурдни барања што одвај биле возможни да се исполнат. Барале прегледи и фотокопии на сите документи, илјадници страници во секоја организација.

Собранието, во мај 2019 година изгласа автентично толкување, според кое, за патни трошоци, кетеринг, хуманитарна помош и слично не се плаќа персонален данок. Тоа е сè што направи државата по промената на власта како одговор на десоросоизацијата. Изостана очекуваната истрага за злоупотреба на службената положба.

„Се обидуваа да најдат докази дека преку невладините организации се плаќаат луѓе што не работат за нив, односно не работат на исполнување на задачите од проектите, туку наместо тоа, вршат некаква работа за СДСМ. Тоа, нормално, не го најдоа“, вели Филип Стојановски од Метаморфозис.

Контролите, според сведочењето на луѓето од организациите, предизвикале многу додатна работа, да им се подготват документи, да им се направат фотокопии, преводи, да им се објаснуваат ставки во сметководството. Тоа одземало време, пари, ресурси и луѓе, и сериозно ја попречувало редовната работа на невладините.

Освен тоа колку траеле, невообичаено било и како се одвивале контролите. Каранфилова-Пановска од ФООМ вели дека инспекторката на УЈП, која кај нив поминувала по цели денови, имала барања што не биле во рамките на дејноста на нејзината институција.

„УЈП како да се обидуваше да утврди дека сме работеле на индоктринација. Нè испрашуваа што сме правеле, ни бараа материјали, повеќе ги интересираше програмскиот и содржинскиот дел од нашата работа отколку финансискиот“, рече Каранфилова-Пановска.

Како што додава таа, ниту еден инспектор не поставил прашање во врска со кампањата „Ние одлучуваме“, иако таа била повод за целата серија истраги. Се истражувале сите активности за да се најде што било.

Интензитетот на контролите се намалил по крвавиот упад во Собранието од 27 април, а по промената на власта на 1 јуни 2017 година, имало само ретки контакти со истражните органи.

Една година подоцна, во 2018, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги викнал организациите на состанок, на кој биле и директорите на другите истражни институции. Им соопштиле дека истрагите против нив се прекинати и дека не им нашле ништо противзаконско.

Дел од соговорниците од организациите велат дека на средбата што ја имале со министерот Оливер Спасовски, тие побарале, а министерот прифатил да се направат внатрешни истраги за можна злоупотреба на службената положба за тие што го нарачале и што го спровеле процесот, но МВР не одговори на прашањето на БИРН дали министерот сторил нешто за исполнување на тоа ветување.

Што се случи на крајот

Протестите „За заедничка Македонија“ и против „Сорос“ кулминираа со крвавите настани од 27 април 2017, по кои се намалил интензитетот на контролите во невладините | Фото: Роберт Атанасовски

На крајот не се случи ништо. По прегледот на десетици илјади страници документи во секоја организација, некои добиле пријави за неплатен персонален данок за покривање патни трошоци, кетеринг на конференции, доделена хуманитарна помош и слични плаќања. Во законот не било прецизно наведено дали на овој тип трошоци треба да се плаќа персонален данок или не.

Собранието во мај минатата година, со автентично толкување прецизираше дека тоа не се трошоци што подлежат на такво оданочување, па ги ослободи од обврската. Тоа е сѐ што државата направи по промената на власта како одговор на десоросоизацијата.

Некои организации добиле писмени известувања од УЈП и од други организации дека завршила истрагата против нив. Никој не добил такво известување од Обвинителството, бидејќи станувало збор за предистрага. За БИРН од Обвинителството изјавија дека кога завршиле сè, решиле да ја затворат постапката.

„По темелната анализа на севкупниот доказен материјал, не беа утврдени основи на сомнение за преземени дејства насочени кон извршување на кривичното дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“, ниту елементи на друго кривично дело што се гони по службена должност, и беше оценето дека во конкретниот случај нема место за обвинителска интервенција, со што во декември 2017 година, случајот е затворен“, се вели во одговорот што до БИРН го достави службата за односи со јавноста на Обвинителството.

Оттаму не објаснија како дошло до тоа предмет за изборни злоупотреби да се претвори во истрага за перење пари и даночно затајување.

Дел од институциите не одговорија на нашите прашања, други рекоа дека не вршеле внатрешни контроли зашто работата ја извршиле професионално по налог на Обвинителството, кое немале законска можност да го одбијат ако им даде задача.

„Ниту сум ветил внатрешна истрага за предметот, ниту се прави такво нешто во оваа институција“, вели Арафат Муареми, директорот на Финансиската полиција.

Сè на сè, за овој процес биле ангажирани десетици лица, обвинители, инспектори од институциите, кои го трошеле своето работно време и државните ресурси за со месеци да вршат контроли врз основа на политичка одлука.