Осврт на првата парада на гордоста СКОПЈЕ ПРАЈД 2019 – ЛАКМУС ЗА ЦЕЛОТО ОПШТЕСТВО
јули 12, 2019
Скопје Прајд 2019 не беше тест само за ЛГБТИ заедницата и за државните институции, туку и за медиумите, за нивото на демократска зрелост и за јавниот дискурс во целина. Првата парада на гордоста го стави Скопје на мапата на над 70 градови во светот, каде на овој начин се протестира и се слави различноста. Резултат на ова се стотици написи во светските и регионалните медиуми и огромен интерес и бројни реакции дома.
Медиумско известување
Водени од искуството со мноштво дискриминаторски прилози и написи од минатото, организаторите на Скопје Прајд уште на првата прес конференција апелираа за фер и коректно информирање. На тоа се надоврза Повикот на Советот за етика во медиумите и здружението на новинари на Македонија за професионално и одговорно известување од страна на медиумите и третирање на темите што ја засегаат ЛГБТ заедницата низ призма на афирмација на човековите права. Во таа насока, генералната оценка е дека телевизиските, печатените и најголем дел од релевантните интернет медиуми во земјава коректно и професионално информираа за Скопје Прајд 2019. Сепак, паралелното одржување на контрапротестот – Марш на гордоста, значеше и поттик за т.н. ,,балансирано’’ известување, во кое изостана отворена осуда на говорот на омраза и дискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет – што беше исто така една од препораките во повикот на еснафските здруженија.
Понатаму, неизбежно е да се искоментираат нијансите кои ја прават разликата помеѓу коректното информирање и давањето поголем простор за првата парада на гордоста, како пресвртна точка во борбата за права на ЛГБТИ заедницата, но и за напредокот во демократските процеси. Таа градација е јасно видлива кај телевизиските куќи: Канал 5 – чиј прилог на самиот ден на одржување на Прајдот беше и единствената содржина на оваа тема; Алфа и Клан – кои покрај самиот настан известија и за последната прес конференција на Организацискиот одбор пред одржувањето на Прајдот; МРТ, Телма, Сител и 1ТВ – кои ги покрија сите медиумски активности во пресрет на Прајдот и, на крај, ТВ 24, ТВ 21, Алсат/360 степени кои издвоија дополнителен простор/минутажа пренесувајќи интервјуа со организаторите, со ЛГБТИ активисти од земјава и соседството и/или со потемелно објаснување на историјатот и значењето на парадите на гордоста.
Од останатите медиуми, го истaкнуваме издвоениот простор од страна на Нова ТВ, Слободен печат и Фокус. Со позначајни написи и/или поголем број објави околу Прајдот се издвојуваат Макфакс, А1он, Сакам да кажам, Призма, Плусинфо, Либертас, Дојче Веле, Радио Слободна Европа, Независен, Нова Македонија, МКД, Радио МОФ. Поголемо внимание на Скопје Прајд му обрнаа и Прес 24, Република, Скопјеинфо, Емагазин, Локално, Пресинг ТВ,Точка, Таратур. Но, кога сме кај интернет медиумите, интересно е да се забележи дека за еден од најчитаните портали во земјава – Курир, парадата на гордоста во Скопје речиси и не се случила.
Како и да е, со оглед дека сè уште се свежи сеќавањата на порнографски насловни страници кога се илустрираа ЛГБТИ теми и на омразата која во живо ја ширеа ТВ водители, слободно може да се оцени дека и медиумите направија позитивен исчекор. Но, за жал, тоа не го намалува огромниот предизвик за справување со омразата онаму каде што не вирее саморегулацијата – социјалните мрежи и опскурните портали кои ја иницираат или долеваат масло за нејзино разгорување.
Говор на омраза
Веднаш по најавата за одржување на првата парада на гордоста, на социјалните мрежи следеше еден од најсилните бранови омраза кон луѓето со различна сексуална ориентација и родов идентитет. На посебната платформа на Хелсиншкиот комитет govornaomraza.mk се регистрирани огромен броj пријави од граѓани и од набљудувачите на овој феномен.
Комитетот поднесе формални пријави до МВР за десетина случаи на говор на омраза и една за загрозување на безбедноста. Поради тоа што институциите сè уште не се доволно сензибилизирани за ефектот кој го има оваа појава во поттикнувањето на злосторствата од омраза, останува отворен апелот до МВР соодветно да постапува и до Јавното обвинителство, од кое се очекува поенергична борба против овој феномен.
Бруталниот натпревар за најголем излив на омраза беше најзастапен во коментарите под соодветните постови на Фејсбук страните на медиумите, што го остава отворено и прашањето за неопходноста од нивно модерирање/отстранување на повиците на насилство.
Како што напоменав, изливи на омраза и неприфаќање и извртени факти за ЛГБТИ луѓето беа пласирани на маршот на здруженија за заштита на семејните вредности и свештеници на МПЦ. И покрај немањето официјален став на двете најголеми верски организации во земјава, нејзини претставници отворено застанаа против парадата. На овој, во суштина, контрапротест закажан во исто време со Прајдот, беа присутни и претставници на римокатоличката, методистичката и евангелистичката црква, како и на муслиманската заедница. Во периодот пред парадата на гордоста, дел од медиумите на албански јазик ги пренесоа и ставовите против нејзино одржување на Исламскиот младински форум и соопштението со религиозен призвук на партијата Алтернатива
И покрај сето ова, а за да не остане впечатокот дека поларизацијата е целосно ненадминлива, споделувам личното сведоштво дека меѓу луѓето на Прајдот беа присутни и граѓани со православна, муслиманска и католичка религиозна определба.
Масовно обелоденување на ставови
Несреќно пласираната и на полноќ повлечена изјава на министерот Венко Филипче за овозможување медицински интервенции за трансродови лица на товар на ФЗО извади на површина и ставови кои дотогаш се криеја во плакарот. Во предвечерието на Прајдот, оваа вест докажа дека дека хомофобијата/трансфобијата е распространета во сите слоеви, политички партии, возрасни групи. И на суров начин уште еднаш ја потврди потребата и од прајдови и од сите форми на протест и видливост, со кои ќе се возврати на дехуманизацијата и стигматизацијата на овие луѓе.
Ставот на раководството и членството на ВМРО ДПМНЕ е прилично јасен во својата негативност и останува само надежта дека оваа партија еден убав ден ќе тргне по примерот на нејзините сестрински европски партии, барем кога станува збор за односот кон човековите права. Но, во конкретниот случај, останува блуткавиот впечаток дека функционери, членови на СДСМ и селективни прогресивци како да добија едвај чекан повод за да ја демонстрираат насобраната лутина поради институционалната поддршка на ЛГБТИ заедницата, која се случува после долг период на игнорирање и репресија.
,,Средствата и бројката на луѓе кои годишно би побарала ваква медицинска услуга е толку мала што може да се спореди со статистичка грешка’’ се наведува во Реакцијата на Коалиција Маргини и Трансформа . Но, омразата оди рака под рака со тесноградоста и неукоста, па затоа видовме цел спектар на ставови – од отворено дискриминаторски и антидемократски како изјавата на градоначалникот на Куманово, сè до апели до владата да приоретизира едно здравје пред друго.
За среќа, постојат и тие кои не се вредносно залутани и кои ги осудија своите сопартијци за ваквото однесување.
Ова е едно од искуствата кое покажува дека е важно партиите да се погрижат за подобро политичко/идеолошко образование на своето членство, но далеку поважно од тоа е владите, без оглед на идеолошкта провиниенција, да се залагаат за воведување сеопфатно сексуално образование во училишните програми. Неинформираноста е еден од клучните фактори за креирање негативен став кон ЛГБТИ луѓето и кон маргинализираните групи воопшто.
Напредок во постапувањето на институциите
Голем чекор напред во борбата за унапредување на состојбата на ЛГБТИ луѓето во општеството е воспоставената соработка со институциите. Од големо значење е дејствувањето на Министерството за труд и социјална политика, кое во пресрет на Прајдот организираше дводневна конференција за ЛГБТИ права со што станавме првата земја во регионот која организира настан на ваква тема на државно ниво. Министерката Царовска се обрати на Скопје Прајд 2019, а во име на Интерпартиската парламентарна група за ЛГБТИ, свое обраќање имаше и пратеничката Маја Морачанин. На Прајдот присуствуваа и други пратеници, вицепремиерката Шекеринска и поранешниот министер за култура Роберт Алаѓозовски.
Претседателот Пендаровски, кој во изборната кампања изјави дека би поддржал и присуствувал на парада на гордоста, на настанот испрати претставник од својот кабинет. Премиерот Заев не дојде на Скопје Прајд, но фер е да се напомене дека тој беше првиот политичар кој извршува висока државна функција кој што го ,,скрши мразот’’ со присуство и обраќање на петгодишнината од отворањето на ЛГБТИ центарот за поддршка во 2017 година.
Скопје Прајд му оддаде јавно признание на Министерството за внатрешни работи за одличната соработка пред и во текот на одржувањето на Скопје Прајд и за професионално извршената работа. МВР доследно ја спроведе својата превентивна улога во текот на настанот, без притоа да го наруши чувството на сигурност кај учесниците. Исто така, полицијата веднаш интервенираше при напад врз активист во Сарај, непосредно по завршувањето на Прајдот.
Наспроти отровот излеан по социјалните мрежи, Прајдот сепак покажа зголемена свесност кај граѓаните за состобата во која живеат ЛГБТИ луѓето и прифаќање на неделивоста на човековите права. Најголем доказ е бројноста на учесниците, неочекувана за првото издание на еден ваков настан, поддршката преку присуство и пораки на јавни личности, активисти од целиот регион и многу пошироко. Најважно од сè е што покрај сите закани, многу луѓе од заедницата се охрабрија и гордо излегоа на улица. Посебно трогателна слика беа родителите излезени заедно со своите ЛГБТИ деца или во поддршка на сите деца што се малтретирани и избркани од дома затоа што се различни.
Павлина Симоноска Арсиќ