Презентирани резултатите од проектот ,,Жените имаат права!’’- најголемо достигнување е првата претставка до ЦЕДАВ Комитетот
декември 19, 2019
По повод завршувањето на проектот ,,Жените имаат права!’’ денеска во Јавна соба се одржа прес конференција на која беа промовирани проектните достигнувања во изминатите две години и се образложи поднесената индивидуална претставка до Комитетот ЦЕДАВ. Ова е прва Комуникација од Северна Македонија доставена до Комитетот и доколку е прифатена како основана, државата ќе треба да обезбеди еднаков пристап до здравствени услуги за сите категории граѓани и да ги имплементира препораките од Комитетот.
Благородна Шопова од UNWomen истакна дека регионалната програма e насочена кон зајакнување на капацитетите на невладините организации за застапување за политики и закони во согласност со меѓународните документи, превенција на насилството врз жените, како и зајакнување на капацитетите на генералните и специјализирани даватели на услуги за обезбедување на услуги во согласност со стандардите на Конвенцијата на Совет на Европа за спречување на сите форми на насилство врз жените и семејното насилство (Истанбулска Конвенција). Во таа насока UNWomen поддржа девет граѓански организации од Република Северна Македонија.
Координаторката на проектот, Татјана Стоименовска, посочи дека поднесувањето на претставка до ЦЕДАВ Комитетот е најголемо достигнување од проектот, а се однесува на случајот со две жени-Ромки со оневозможено право на здравствена заштита, поради ограничен пристап до гинеколошки услуги. Претставката до ЦЕДАВ комитетот беше поднесена во мај 2019, а и претходеа серија обуки со вклученост на повеќе организации кои работат на оваа проблематика. Споменатиот случај ги исполни критериумите за допуштеност на Факултативниот протокол, што значи дека беа исцрпени сите правни лекови во државата. Стоименовска изрази надеж дека претставката ќе биде успешна, што ќе значи дека државата ќе биде обврзана да овозможи здравствена заштита на сите граѓани, ќе треба да го извести Комитетот и да ја смени судската пракса или легислатива. Таа нагласи дека клучен проблем е имплементацијата на законите, што е очигледно и во овој специфичен случај, бидејќи во Шуто Оризари на пример, во моментот има гинеколог, но имаме сознанија дека уште наплаќа за услуги кои треба да бидат бесплатни.
Во рамки на проектот, исто така беше изготвена видео кампања ,,Дали знаеш’’ наменета за подигнување на свеста за родовата еднаквост и дискриминацијата врз жените, беа испечатени и дистрибуирани постери, брошури и стикери за правата на жените кои се загарантирани со меѓународни конвенции и инструменти, а беше подготвен и Прирачник за примена на Факултативниот протокол на Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените. Особено е важно што со овој проект, над 50 претставници на институциите добија обука за примена на Истанбулската конвенција и новите концепти кои се воведуваат со нејзина ратификација. Во текот на проектниот период, а во рамки на компонентата за бесплатна правна помош, 8 жени- жртви на семејно насилство беа застапувани од адвокат во судски постапки, а 120 жени добија бесплатен правен совет.
Проектот ,,Жените имаат права!’’ беше спроведен од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права, во рамки на регионалната програма на Европската Унија и UN Women „Спречување на насилството врз жените во Западен Балкан и Турција: Имплементирање на норми– промена на ставови.“