Осудени при првиот клик – цената на пресудите под притисок на јавноста

октомври 5, 2026

Фотографијата е секогаш иста. Маж со наведната глава, со лисици на рацете стегнати зад грбот и по еден полицаец од секоја страна. Насловот е крупен, а зборот „осомничен“, доколку воопшто го има, се изгубил некаде меѓу поднасловот и копчето за споделување. Под објавата започнува пишувањето на пресудата. Некој бара враќање на смртната казна, друг доживотен затвор, трет ја препознава улицата. Кликот трае помалку од секунда. Толку трае и целата постапка пред овој суд. Без записник, без докази, без жалбена постапка, но пред публика каква што не видела ниту една судница.

Кога обвинетите ќе се најдат на обвинителната клупа, против нив течат две паралелни постапки. Првата, која се одвива во судницата е бавна, со изведување докази, сослушување сведоци, бранител и право на жалба. Втората завршува при првиот клик. Овде пресудата не ја изрекува судија туку јавноста. Таа не се објавува на судскиот портал туку во коментари. Не подлежи на ревизија затоа што не е правен туку медиумски факт. Правото познава застареност, но пребарувачот не. Европа се обиде да го поправи тоа со „правото да се биде заборавен“, пренесено и во македонскиот Закон за заштита на личните податоци.[1] Но за граѓанин надвор од Европската унија, пред глобален пребарувач и медиумски архиви заштитени со слободата на информирање, тоа право е илузорно. Овој текст е за таа втора пресуда, како настанува и кој ја плаќа нејзината цена.

Пред половина век, во 1976 година, на телевизиска прес-конференција во Париз, министерот за внатрешни работи и полициски функционери го посочиле Алене де Рибемон како поттикнувач на убиство, пред воопшто да биде обвинет. Постапката против него запрела, но зборовите останале. Две децении подоцна Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) пресуди дека токму тие зборови ја повредиле пресумпцијата на невиност од членот 6, став 2 на Европската конвенција за човекови права. Начелото гарантира дека секој треба да се смета за невин додека вината не биде законски докажана.[2]

Оттогаш Судот во Стразбур постојано повторува дека ниту суд ниту носител на јавна функција не смее однапред да поаѓа од вина, без разлика дали изјавата ја дава обвинител (Дактарас против Литванија) или премиер и министер за внатрешни работи по спектакуларно приведување (Гуцанови против Бугарија).[3] Дополнително, „жестоката медиумска кампања“ може да влијае врз самото судење, вклучително и преку емитување снимки од осомничен на телевизија (Рупа против Романија).[4] Неоправданото прикажување обвинети во лисици и затворска облека само по себе ја нарушува пресумпцијата, независно од текстот под сликата (Жига против Романија).[5] Фотографијата од почетокот на овој текст не е украс на веста туку нејзината пресуда.

Судот во Стразбур никогаш не побарал, ниту ќе побара, медиумите да замолчат. Тие уживаат слобода на изразување, а транспарентноста за правдата е темел на демократијата. Но границата ја исцртуваат два предмета што се надополнуваат. Во Бедат против Швајцарија Судот потврди дека е оправдано да се казни новинар кој објавува тајни истражни документи, бидејќи заштитата на фер судењето има предност пред новинарскиот интерес да се објават доверливи документи.[6] Во Алене де Рибемон Судот прифати дека властите смеат да ја информираат јавноста за тековни истраги, но само со сета дискреција и обѕирност што ја бара пресумпцијата на невиност.[7] Меѓу тие два исхода лежи целата разлика меѓу информирање и јавно пресудување, границата што сензационализмот редовно ја прескокнува.

Пресумпцијата на невиност е уставна категорија (член 13 од Уставот) и е вградена во член 2 од Законот за кривичната постапка. Кодексот на новинарите, во членот 13, бара при известување за кривични дела и за судски постапки, новинарот да ја почитува пресумпцијата на невиност и никого да не прогласи за виновен пред тоа да го направи судот.[8] На хартија домашниот стандард е европски, но проблемот е во сето она што се случува меѓу нормата и насловната страница.

Во анкета што ја спроведе Институтот за човекови права во 2017 година меѓу 1.203 испитаници, 38,4% сметале дека медиумите не ја почитуваат пресумпцијата на невиност, наспроти 36,7% кои сметале спротивно, а 22,4% се изјасниле дека не знаат. Дури 82% сметале дека медиумите често или понекогаш го нарушуваат достоинството на личноста.[9] Советот на честа при ЗНМ повеќепати реагирал кога медиуми објавиле идентитет на непознати осомничени.[10] Притисокот е најголем кога се работи за најголемите предмети какви што се „Онкологија“, „Модуларна болница“, „Рекет“, „Феникс“ и „Пожарот во Кочани“[11] зад чии наслови стојат вистински жртви и разбирлив гнев. Иронијата е сурова, колку е поголем јавниот интерес, толку е поголем притисокот за итни објави. Но економијата на кликот не е неутрална, внатрешните документи на Фејсбук објавени во 2021 година открија дека алгоритамот со години им давал на емоџи-реакциите, вклучително и на „гневот“, петпати поголема тежина од „ми се допаѓа“, а внатрешните истражувања укажуваат дека објавите што жнеат гнев вклучуваат дезинформации.[12] Насловот од судница што повикува на линч не е случајност туку оптимизиран производ.

Нема посилен тест за овие начела од случај во кој гневот е неизбежен и оправдан. Во ноември 2023 година грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и убиството на велешанецот Панче Жежовски ја потресоа земјата. Тагата и бесот беа општи, легитимни и длабоко човечки. Но токму тука се одигра и најдрастичната домашна пресуда при првиот клик. По пронаоѓањето на телото на девојчето, во полициска станица беше приведен нејзиниот татко, Александар Ѓорчевски. Следното утро, министерот за внатрешни работи на прес-конференција одржана во Јавното обвинителство изнесе како факт дека таткото им кажал на киднаперите кога неговата ќерка ќе замине од дома. Во тој момент не беше изминат ниту еден ден откако таткото беше приведен на сослушување. Четириесет и седум години по Париз сцената е идентична, министер за внатрешни работи, прес-конференција, име.[13] Порталите веќе пишуваа дека таткото „го организирал грабнувањето на ќерка си“.[14] Зборот „осомничен“ исчезнуваше од насловите побрзо од вообичаеното. Следуваа притвор, па куќен притвор од речиси деветнаесет месеци низ кои обвинетиот беше истовремено татко во жалост, а за јавноста соучесник во грабнувањето на сопствената ќерка. Во јуни 2025 година, Основниот кривичен суд ги осуди четворицата обвинети во прв степен на доживотен затвор, а Ѓорчевски го ослободи. Според судот, обвинителството не докажало надвор од разумно сомневање дека тој го сторил делото за кое се товари.[15]

Првата судска постапка за таткото заврши со ослободување, но не и онаа при првиот клик. Обвинителството се жалеше на ослободувањето, осудените на казните. Пред Апелациониот суд во мај 2026 година самиот Ѓорчевски рече дека се чувствува како „заложник“.[16] Во јули 2026 година Апелациониот суд ги потврди доживотните казни, а ја укина ослободителната пресуда за таткото и го врати предметот на повторно судење.[17] По скоро три години од апсењето, тој е на почетокот. Пресумпцијата на невиност не е симпатија кон злосторството ниту попуст за виновните. Таа е единствената линија што го дели гневот од линчот и гаранција што секој ја поседува со надеж дека никогаш нема да ја употреби.

Ослободителните пресуди доцнат зад медиумските. Тројцата обвинети за убиството на маж во велешкото село Ореше двапати беа осудувани на по дванаесет години затвор[18] врз исказ на еден-единствен „заштитен сведок“ кој по многу години призна дека полицијата го принудила да сведочи за убиство за кое не знаел ништо. Судот запиша дека сведокот „не бил заштитен, туку лажен“, а новинарот Томислав Кежаровски, кој тоа го обелодени уште во 2008 година, за својот текст доби четири и пол години затвор.[19] Тој помина шест месеци во притвор, а потоа беше испратен во домашен притвор. Казната потоа беше намалена на две години затвор, а во 2019 година делото застаре. Кежаровски бараше ослободителна пресуда, но тоа не се случи.[20] Претседавачот на Советот на Општина Центар Мирослав Шиповиќ во 2014 година беше уапсен на виенскиот аеродром со меѓународна потерница и помина осум месеци во притвор, под наслови за „милионски криминал“ во „Машинопромет“, предмет што и тогашниот печат го читаше како политичка пресметка.[21] Апсењето го паметат сите. А колкумина знаат дека предметот заврши со ослободителна пресуда? Само оние што го следеле предметот, затоа што за неговата ослободителна пресуда не може да се најде ниту еден новинарски запис. Пресудата живее токму во таа асиметрија, спектакл на почетокот, тишина на крајот.

Европската комисија во извештајот за 2025 година констатира „ограничен напредок“ во слободата на изразување и никаков напредок во функционирањето на судството, со постојани притисоци врз независноста на судството.[22] Двата наода се хранат меѓусебно и во нивниот пресек е одговорот зошто јавноста воопшто суди онлајн. Кога луѓето не веруваат дека судот ќе испорача правда коментарот станува единствената судница каде нивниот глас тежи. Споделувањето е глас, коментарот сведочење, реакцијата пресуда. Така се раѓа дигиталната толпа со вили и факели најчесто составена од пристојни луѓе што искрено сакаат правда. Токму тоа ја прави истовремено разбирлива и опасна, толпата казнува затоа што не верува дека некој друг ќе казни. А секоја нејзина пресуда дополнително ја поткопува довербата во вистинската и кругот е затворен.

Цената е распределена пошироко отколку што изгледа. Ја плаќа осомничениот чие име пребарувачот засекогаш го врзува за делото. Пред работодавач, пред банка, пред соседи. Цената ја плаќаат и ослободените, а тие не се малкумина. Во 2025 година, Државниот завод за статистика евидентирал 6.996 обвинети полнолетни лица од кои 6.371 биле осудени. Останатите 625, односно околу еден од единаесет, не биле прогласени за виновни.[23] Според ЕСЧП, пресумпцијата има и втора димензија да ги штити ослободените и оние против кои постапката е запрена,[24] но ослободителната пресуда многу ретко е на насловната страница, а исправката собира само дел од кликовите на оригиналот. Ја плаќаат и жртвите. Во април 2026 СЕММ и Советот на честа реагираа што медиуми, известувајќи за судски процес по семејна трагедија, објавуваа интимни детали од животот на жртвата, со наслови за евтина љубопитност, претворајќи ги платформите во простор за „морални пресуди и јавен линч“.[25] Кога кликот е единствената валута, сеедно е дали се продава вината на осомничениот или болката на жртвата.

Притисокот не го произведуваат само редакциите, дел доаѓа од самите институции. Спектакуларни апсења пред камери и без прикриен идентитет, каде кадрите со лисици понекогаш стигнуваат од службени извори. ЕСЧП утврдил повреда кога полицијата сама повикала новинари да го снимаат приведениот (Тома против Романија).[26] Медиумскиот притисок така станува алатка која гради институционален рејтинг и подготвува терен за определување притвор. Судија што ќе одбие притвор за човек кого јавноста веќе го осудила ризикува следниот наслов да биде за него. Сликата ја комплетира економијата што ја наградува брзината, редакции во кои од судницата известува недоволно искусен новинар, новинарски прилози без барањето на Стразбур за „дискреција и обѕирност“,[27] судови без прес-служби и анонимни „извори блиски до истрагата“.

Добрата вест е што намалувањето на цената не бара нов закон туку нови навики. Новинарството насочено кон решенија не значи помека критика кон судството туку дополнување со контекстот на класичниот триаголник конфликт–осомничен–жртва. Тоа почнува од јазикот на претпоставка „обвинението тврди“, а не „тој сторил“. Граматиката е првата линија на одбрана на невиноста. Продолжува со воздржаност, идентитетот и фотографиите на лица што не се јавни функционери се објавуваат по подигнување обвинение, не по приведување. Сликите со лисици немаат место таму каде што пресумпцијата сè уште важи, зашто таквата слика пресудува сама. Потребна е и рамнотежа, ставот на одбраната се бара и се објавува секогаш, не само кога е при рака. Но најважна е последната навика, за епилогот се известува исто толку гласно колку и за апсењето. Ослободителната пресуда и запрената истрага се вест. Ако јавноста го памети само првиот ден од постапката, тогаш известувањето не било информирање туку пресуда.

Дел од одговорноста и решението се институционални. Судовите можат да понудат проактивно, но одмерено информирање преку прес-служби, бидејќи кога институцијата молчи зборуваат гласините. Акредитирани, специјализирани судски известувачи би значеле дека од судницата известува некој што разликува претпоставка од факт. Одлуките на саморегулаторните тела би тежеле повеќе доколку редакциите беа должни да ги објавуваат исто толку видливо колку и спорниот текст. Обуките и медиумската писменост се пореалистичен пат од нова регулација, која во кревка демократија лесно преминува во цензура.

На крајот, вратете се на фотографијата од почетокот, само што таа веќе не е хипотетичка. Судската постапка може да заврши со ослободување. Втората постапка не познава ослободување, освен ако ние, новинарите, уредниците и читателите што споделуваат не ѝ го напишеме крајот. Известувањето од судница нема потреба од помалку критичност, туку од повеќе прецизност и од подготвеност да се раскаже и последната страница од приказната, а не само првата. Разликата меѓу тие две страници е разликата меѓу новинарство и предвремена пресуда, меѓу кликови и правда.

[1]Суд на правдата на ЕУ, Google Spain SL и Google Inc. против AEPD и Mario Costeja González, C-131/12, пресуда од 13 мај 2014; Регулатива (ЕУ) 2016/679 (GDPR), член 17; Закон за заштита на личните податоци, „Службен весник на РСМ“ бр. 42/2020, член 21.

[2]Allenet de Ribemont против Франција, бр. 15175/89, пресуда од 10 февруари 1995, Series A no. 308, §§ 37, 41.

[3]Daktaras против Литванија, бр. 42095/98, ECHR 2000-X, § 42; Gutsanovi против Бугарија, бр. 34529/10, ECHR 2013 (извадоци), §§ 194–198.

[4]Ninn-Hansen против Данска (одлука), бр. 28972/95, 18 мај 1999; Anguelov против Бугарија (одлука), 2004; Rupa против Романија (бр. 1), бр. 58478/00, 16 декември 2008, § 232.

[5]Jiga против Романија, бр. 14352/04, пресуда од 16 март 2010, §§ 101–103.

[6]Bédat против Швајцарија [Голем совет], бр. 56925/08, ECHR 2016, § 51.

[7]Види фуснота 2, § 38.

[8]Кодекс на новинарите на Македонија (2026), член 13, Здружение на новинари на Македонија. Достапно на: https://znm.org.mk/kodeks-na-novinarite-na-makedonija/

[9]Институт за човекови права, Граѓаните и новинарите за професионалноста во медиумите. Достапно на: https://www.ihr.org.mk/storage/app/media/Publications/Profesionalnost%20vo%20mediumite_MK_WEB%20.pdf

[10]Исто.

[11]ЗНМ и СЕММ, Апел за внимателно и етичко известување за трагедијата во Кочани, 16.3.2025. Достапно на: https://znm.org.mk/знм-и-семм-апел-за-внимателно-и-етичко/

[12]Merrill, J. B. и Oremus, W., Five points for anger, one for a ‘like’: How Facebook’s formula fostered rage and misinformation, The Washington Post, 26.10.2021. Достапно на: https://www.washingtonpost.com/technology/2021/10/26/facebook-angry-emoji-algorithm/

[13]Спасовски: Таткото споделил информација за времето на излегување на Вања од дома со Палчо, Телма, 4.12.2023, https://telma.com.mk/2023/12/04/zivo-spasovski-tatkoto-na-vanja/

[14]Таткото на Вања го организирал грабнувањето на ќерка си, убиецот ја киднапирал, се исплашил и ја убил и закопал пред да ја напушти државата, Сакам да кажам, 4.12.2023, https://sdk.mk/index.php/makedonija/vana-bila-kidnapirana-za-da-iznudat-pari-od-majkata/; Таткото го организирал киднапирањето на Вања за да изнуди пари од мајката: Палевски со пиштол ја усмртил девојката, А1он, 4.12.2023, https://a1on.mk/macedonia/video-tatkoto-go-organiziral-kidnapiranjeto-na-vanja-za-da-iznudi-pari-od-majkata-palevski-so-pishtol-ja-usmrtil-devojkata/

[15]Доживотен затвор за сторителите на грозоморните убиства на Вања и Панче, таткото ослободен, Радио Слободна Европа, 25.6.2025, https://www.slobodnaevropa.mk/a/dozivoten-zatvor-ubistvo-vanja-/33454466.html

[16]Пред грабнувањето Александар им праќа порака на децата да се облечат како да одат на планина – обвинителство бара и таткото да одговара, Телма, 11.5.2026, https://telma.com.mk/2026/05/11/pred-grabnuvaneto-aleksandar-im-praka-poraka-na-deczata-da-se-oblechat-kako-da-odat-na-planina-obvinitelstvo-bara-i-tatkoto-da-odgovora-za-pomagane-za-kidnapirane-na-vana/

[17]Официјално: Повторно ќе му се суди на таткото на Вања, Апелација не е сигурна дека не е виновен, Република, 15.7.2026, https://republika.mk/vesti/hronika/oficzijalno-povtorno-ke-mu-se-sudi-na-tatkoto-na-vana-apelaczija-ne-e-sigurna-deka-ne-e-vinoven/

[18]„Ореше“ ќе се суди во Велес, МРТ, 18.12.2013, https://mrt.com.mk/node/1322

[19]Ослободителни пресуди за сите тројца обвинети во случајот убиството во Ореше (Основен суд Велес); Кежаровски кој велеше дека „и’ брцнал во око на тогашната власт“ нема да одговара во случајот „Ликвидација“, Фактор, https://faktor.mk/kezarovski-koj-veleshe-deka-i-brcnal-vo-oko-na-togashnata-vlast-nema-da-odgovara-vo-sluchajot-likvidacija

[20]Кривичното дело за Кежаровски е застарено, Независен, 2.7.2019, https://nezavisen.mk/krivichnoto-delo-za-kezharovski-e-zastareno/

[21]Што го премисли Мирослав Шиповиќ: Од пишман аџија до конструктивен колега, Фактор, https://faktor.mk/shto-go-premisli-miroslav-shipovikj-od-pishman-adzija-do-konstruktiven-kolega; Шиповиќ во фокусот на неделниот печат, Радио Слободна Европа, 27.7.2014, https://www.slobodnaevropa.mk/a/25470330.html; 12-мина осомничени за милионски криминал во „Машино промет“, Точка, https://tocka.com.mk/vesti/107794/12-mina-osomniceni-za-milionski-kriminal-vo-masino-promet

[22]European Commission, North Macedonia Report 2025, ноември 2025. Достапно на: https://enlargement.ec.europa.eu/document/download/267b368e-6b55-4a42-bb72-6395593de4da_en?filename=north-macedonia-report-2025.pdf

[23]Државен завод за статистика, Пријавени, обвинети и осудени полнолетни сторители на кривични дела, 2025, мај 2026; MakStat, Обвинети полнолетни лица според групите на кривичното дело и видот на одлуката. Достапно на: https://makstat.stat.gov.mk/PXWeb/pxweb/mk/MakStat/MakStat__Sudstvo__ObvinetiOsudeniStoriteli/150_SK2_Mk_T9_ml.px/ (под обвинет се смета оној „против кого кривичната постапка со одлука на судот правосилно е завршена“)

[24]Allen против Обединетото Кралство [Голем совет], бр. 25429/05, ECHR 2013, §§ 93–94; види и ECHR Knowledge Sharing Platform, Key Theme – Article 6 (criminal): Presumption of innocence. Достапно на: https://ks.echr.coe.int/documents/d/echr-ks/presumption-of-innocence

[25]СЕММ и Советот на честа при ЗНМ: Довербата на јавноста се гради врз етика, а се губи со сензационализам, Либертас, април 2026. Достапно на: https://libertas.mk/semm-i-sovetot-na-chesta-pri-znm-doverbata-na-avnosta-se-gradi-vrz-etika-a-se-gubi-so-senzacionalizam/

[26]Toma против Романија, бр. 42716/02, пресуда од 24 февруари 2009 (полицијата повикала новинари да го фотографираат приведениот – повреда на член 8); види и ECtHR, Guide on Article 8, точ. 25.

[27]Fatullayev против Азербејџан, бр. 40984/07, 22 април 2010, § 159; види и Allenet de Ribemont против Франција, § 38.

 

Автор на текстот е Воислав Стојановски, во рамки на проектот„MEdIA – Lit (Media Enhancement and Information Literacy for Democratic Engagement)“, кој е дел од програмата „Support to regional thematic networks of Civil Society Organisations (CSOs); Regional networks promoting independent pluralistic media and freedom of expression; and EU Award for Roma Integration“ (Референца: EuropeAid/179703/DH/ACT/Multi, Лот 11: Freedom of Expression and Media).