Кој зборува, а кој е слушнат? Медиумската писменост и моќта на видливоста во дигиталната ера
октомври 10, 2026

Во современото дигитално општество, медиумите повеќе не претставуваат само средство за пренесување информации, туку и простор во кој се обликуваат јавните ставови, вредности и општествени процеси. Брзиот развој на дигиталните технологии создаде нови можности за информирање и активно учество во општествениот живот, но истовремено отвори и бројни предизвици поврзани со начинот на кој информациите се создаваат, селектираат и дистрибуираат. Во такви услови, медиумската писменост станува неопходна вештина за разбирање на механизмите што влијаат врз јавната комуникација и видливоста на содржините. Сè почесто се поставува прашањето дали денес навистина има повеќе гласови од кога било или едноставно се создава впечаток дека сите зборуваат, а всушност малкумина навистина се слушнати. Доволно е да се пристапи до дигиталните платформи за да се влезе во простор каде секој има можност да изрази мислење и каде јавната дебата изгледа бескрајна. Но, суштината е колку од тие гласови навистина стигнуваат до јавноста, кои механизми одлучуваат што ќе биде видливо и кои пораки исчезнуваат во брзиот тек на дигиталните содржини. Во овој контекст се појавува нов парадокс, можноста секој да зборува не значи и можност секој да биде слушнат.
Токму овој однос меѓу изразувањето и видливоста претставува нов предизвик за разбирањето на медиумската писменост Па така, видливоста станува нов облик на општетвен капитал, каде не е доволно поединецот да поседува знаење, аргументи или експертиза, туку потреба да биде забележан. На тој начин, борбата за внимание постепено станува еднакво важна како и борбата за информации, што отвора дискусија за рамноправноста и демократскиот карактер на јавната комуникација. Клучна улога во оваа распределба на вниманието имаат алгоритмите на социјалните мрежи. Наместо како неутрални технички алатки, тие функционираат како системи дизајнирани да ја максимизираат ангажираноста на корисниците. Поради тоа, содржините што предизвикуваат силни емоции често добиваат поголем досег од аналитичките и проверени информации. [1] Дополнително, дигиталните платформи можат да придонесат кон создавање таканаречени filter bubbles и echo chambers [2] Информациите и начинот на кој тие се дистрибуираат, покажува дека тие еволуираат во многу посуптилен феномен, кој директно го таргетира менталниот капацитет на поединецот. Ова е исклучително видливо во дигиталниот простор, каде што борбата за внимание, диктирана од алгоритмите, не резултира само со идеолошка поларизација, туку и со т.н. синдром на информативен замор (Information Fatigue Syndrome) [3]. Ова феномен јасно се забележува преку феноменот на ,,кликбејт’’ информирање преку социјалните мрежи. Македонските корисници сe’ поретко ги отвораат целосно статиите за да ги проверат изворите, туку своите ставови ги градат исклучиво врз основа на сензационалистички наслови и коментари. Алгоритмите ги
засилуваат овие содржини бидејќи будат силни емоции, создавајќи постојан проток на информации кој го преоптоварува корисникот. Во таква состојба на когнитивен замор, капацитетот на проверка на факти (fact-checking) драстично опаѓа. Оттука, во рамите на концептот за медиумска писменост се наметнува еден нов, суштински аспект, модерната писменост веќе не е само вештина за препознавање лажни вести, туку развивање на дигитална хигиена. Таа подразбира капацитет за заштита на сопственото когнитивно здравје од алгоритамски индуцирано преоптоварување. Токму во вакви услови на когнитивна преоптоварност, алгортмичката селекција на содржина директно влијае врз перцепцијата на јавноста за ранливите категории на граѓани. [4] Пример за тоа се маргинализирани групи кои често се соочуваат не само со стереотипни претставувања, туку и со нееднаква дигитална видливост. Алгоритмите можат да ги засилат најконфликтните пораки, додека посложените и аргументирани содржини остануваат помалку забележани. Ова јасно се согледува и во конкретни општествени настани и дебати во кои се засегнати различни ранливи групи. Во дигиталниот простор често се појавуваат спротиставените наративи за мигранти, лица со попреченост, припадници на етнички и верски малцинства, како и ЛГБТ+ заедницата, пришто содржините неретко се темелат на стереотипи и предрасуди наместо на проверени информации. Овие спротивставени дискурси често се засилуваат преку социјалните мрежи, каде кратките и емоционално засилени пораки добиваат поголем досег од аргументираните објаснувања. Во овој процес проблемот не е само присуството на негативни содржини, туку и фактот што алгоритамските системи можат да им дадат поголема видливост на конфликтните и емоционални пораки, додека маргинализираните групи остануваат изложени на погрешни претставувања.
Ваквите наративи не остануваат само во дигиталниот простор, тие се прелеваат и во начинот на кој јавноста ги перципира овие заедници во реалниот живот. Дезинформациите и стереотипите лесно се пренесуваат во секојдневната комуникација, што придонесува кон продлабочување на предрасудите и намалување на општествената кохезија. Во такви услови, медиумската писменост станува клучна не само за разбирање на информациите, туку и за препознавање и деконструкција на манипулативни наративи и говор на омраза. Таа не се однесува само на медиумите, туку претставува општествена вештина неопходна во секојдневниот живот. Како одговор на овој предизвик, потребно е воведување на нов, иновативен концепт, алгоритамска емпатија (algorithmic empathy) [5], како способност на корисникот/чката да препознае кога алгоритмите влијаат врз нивните емоции, ставови и перцепција, како и свесно да избере емпатичен и одговорен пристап кон другите.
Овој пристап не подразбира само техничко препознавање, туку развивање на свесност за тоа како алгоритамски индуцираниот когнитивен замор ја компромитира нашата критичка емпатија. Да се поседува алгоритамска емпатија значи активно да се препознае кога платформите не’ вовлекуваат во т.н. ,,емоционални замки’’ насочени против одредени
заедници, општествени теми и свесно да се избере деескалација и солидарност наместо пасивно прифаќање на поларизирачките наративи. Со ова, медиумската писменост еволуира од алатка во активен механизам за заштита на општествената кохезија во реалниот свет. Предизвиците поврзани со алгоритамското обликување на информациите не завршуваат со алгоритмите на социјалните мрежи. Во последните години тие добиваат нова димензија со брзиот развој на вештачката интелигенција (АИ). Оттука, современата медиумска писменост мора да ги опфати и предизвиците што ги носи развојот на вештачката интелигенција. Но, дали навистина разбираме што значи тоа или само гледаме дел од нешто многу поголемо, кое сè уште не знаеме целосно да го именуваме?
Доколку порано централно прашање беше дали една информација е точна или неточна, денес сè почесто се поставува прашањето дали воопшто можеме да го утврдиме нејзиното вистинско потекло, автентичност и авторство, но уште позначајно намерата зад начинот на кој алгоритмите ни ја прикажуваат во тој емоционален момент. Ризикот од вештачката интелигенција не е само создавање убедливи лажни содржини, туку создавање општа несигурност во која граѓаните почнуваат да се сомневаат и во вистинските информации. Пример, сè почесто се појавуваат содржини и профили што имитираат стручни лица, создавајќи лажен впечаток на експертска препорака. Ваквите практики директно ја поткопуваат довербата во експертизата и ја замаглуваат границата меѓу проверено знаење и неточни или манипулативни содржини. Особено во здравствениот контекст, овој проблем добива дополнителна димензија. Дигиталниот простор сè почесто станува место каде луѓето се информираат за здравје, симптоми и терапии, но не секогаш постои јасна разлика меѓу проверени медицински информации и содржини што се базираат на лични искуства или неточни извори. Во таков контекст се отвора прашањето колку е тешко денес да се задржи довербата во стручното мислење, кога информациите се достапни од толку многу различни извори. Ова не се гледа како критика кон пациентите, туку како природна последица на дигиталната средина во која секој има пристап до огромна количина податоци, без секогаш јасни критериуми за нивна веродостојност. Со други зборови, граѓаните не треба само да ги читаат медиумите, туку и да ги разбираат системите што ги организираат нивните дигитални искуства.Во македонскиот контекст, развојот на медиумската писменост не треба да се гледа само како одговор на појавата на лажни вести, туку како потреба граѓаните да разберат како функционира дигиталниот простор во кој секојдневно учествуваат. Иако невладиниот сектор преку различни проекти, работилници и кампањи има значајна улога во оваа област, долгорочниот ефект зависи од тоа дали овие вештини ќе станат дел од пошироката образовна и општествена култура. Сепак, овие активности не се доволни ако не се поддржани и од формалниот образовен систем. Затоа е потребно медиумската и дигиталната писменост во поголема мера да се интегрираат во наставните програми, со цел учениците уште од најрана возраст да развиваат критичко
размислување, да препознаваат манипулативни содржини и да ги разбираат механизмите преку кои информациите се создаваат, препорачуваат и дистрибуираат во дигиталниот простор. Затоа сè повеќе се бара поголема транспарентност и одговорност од дигиталните платформи, особено во начинот на кој нивните алгоритми одлучуваат кои содржини ќе добијат поголема видливост. Регулацијата мора да биде балансирана, за да не ја загрози слободата на говор, но истовремено да спречи злоупотреби и манипулативни практики.
Покрај транспарентноста на алгоритмите, корисно би било да се воведе индикатор за дигитална видливост, кој би овозможил проценка на тоа дали алгоритмите обезбедуваат рамноправна застапеност на различни извори, теми и општествени групи. За разлика од постојаните показатели што се темелат претежно на ангажманот на корисниците, овој индикатор би ја вреднувал и разновидноста на информациите што допираат до јавноста. Индексот би се засновал на три компоненти, како разновидност на изворите, застапеност на различни општествени групи и баланс помеѓу комерцијално популарните и содржините од јавен интерес. Ваквата алатка директно одговата на суштинскиот предизвик на дигиталната ера, фактот што слободата на изразување сама по себе не гарантира дека сите гласови ќе бидат еднакво слушнати. Проблемот со дезинформациите не се сведува само на точноста на информациите, туку и на условите под кои тие стануваат видливи и влијателни. [6] Вредноста на овој пристап не е во тврдењето дека дезинформациите или алгоритамското посредување се нови појави, туку во нивното поврзување преку прашањето на видливоста. Наместо медиумската писменост да се ограничува само на препознавање на неточни информации, потребно е таа да се сфати и како способност за анализа на распределбата на вниманието, што всушност претставува форма на дигитална моќ. Во таков контекст, веќе не е клучно само дали една информација е точна или лажна, туку кои механизми одредуваат дали таа ќе биде забележана, засилена или потисната во јавниот простор.
Во рамки на европскиот регулаторен простор, потребата од институционализирање на овие механизми е веќе препознаена како примарен стратешки приоритет. Документите на Европската Унија, со посебен акцент на ревидираната Директива за аудиовизуелни медиумски услуги (AVMSD), јасно ги обврзуваат државите да развијат национални стратегии кои нема да се ограничат само на класично медиумско образование, туку активно ќе ги адресираат предизвиците наметнати од алгоритмите за селекција на содржини. Европската комисија нагласува дека медиумската писменост во 21-от век мора да вклучува разбирање на економијата на вниманието, со цел граѓаните да станат свесни за начинот на кој нивните податоци се користат за насочување на дигитална видливост. Дополнително, новиот Акт за дигитални услуги (Digital Services Act – DSA) на Европската Унија воведува строги правила за транспарентност на системите за препорачување соджини што ги користат големите онлајн платформи. Регулативите на ЕУ бара од овие платформи да
обезбедат јасни и разбирливи информации за параметрите што ги користат нивните алгоритми, како и опции кои на корисниците ќе им овозможат да ја модифицираат или целосно да ја исклучат алгоритамската селекција базирана на профилирање. Оваа европска правна рамка ја потврдува тезата дека без јавен увид во алгоритамските процеси, невозможно е да се заштити информативниот суверенитет на поединецот. Македонскиот контектст не смее да заостанува зад овие регулаторни трансформации. Напротив, преки инкорпорирање на европските практики во домашниот граѓански и образовен сектор, медиумската писменост ќе се трансформира од апстрактен теоретски поим во практичен столб за заштита на демократскиот дијалог. [7]
Па така, одговорот на прашањето „Кој зборува, а кој е слушнат?“ не зависи само од тоа кој има пристап до дигиталниот простор, туку и од тоа како се обликуваат информациите, кому му се дава видливост и колку сме способни критички да ги проценуваме содржините што секојдневно ги примаме. Токму затоа медиумската писменост не е избор, туку неопходен предуслов за информирано, демократско и одговорно општество.
[1] Vosoughi, S., Roy, D., & Aral, S. (2018). The spread of true and false news online. Science https://doi.org/10.1126/science.aap9559
[2] Cinelli, M., et al. (2021). The echo chamber effect on social media. PNAS (Proceedings of the National Academy of Sciences). https://www.pnas.org/doi/10.1073/pnas.2023301118
[3] Micallef, N., et al. (2022). The Role of Clickbait and Sensationalism in Misinformation Spread on Digital Platforms. Journal of Online Trust and Safety.
[4] Liu, H., et al. (2021). The impact of information overload on social media fatigue: A cognitive load theory perspective.
[5] McStay, A. (2020). Emotional AI: The Rise of Emphatic Media. SAGE Publications.
[6] Vrijenhoek, S., Kaya, M., Metoui, N., Loftis, B., & Helberger, N. (2021) Recommenders with a Cause: Public Service Recommender Systems
[7] European Commision. (2020) Directive (EU) 2018/1808 of the European Parliament and of the Council amending Directive 2010/13/EU (Audiovisual Media Services Directive). Official Journal of the European Union.
Автор на текстот е Јован Спасовски, во рамки на проектот„MEdIA – Lit (Media Enhancement and Information Literacy for Democratic Engagement)“, кој е дел од програмата „Support to regional thematic networks of Civil Society Organisations (CSOs); Regional networks promoting independent pluralistic media and freedom of expression; and EU Award for Roma Integration“ (Референца: EuropeAid/179703/DH/ACT/Multi, Лот 11: Freedom of Expression and Media).


