Годишен извештај за состојбата со човековите права во 2011 година
мај 14, 2012
Годишниот извештај за 2011 година претставува сублимат на работата на Комитетот во текот на целата година и истиот се однесува на состојбите на човековите права и слободи во Република Македонија, кои Хелсиншкиот комитет активно ги следеше и за истите пишуваше во месечните извештаи. Врз основа на ова, генералната оценка која може да се изведе е дека во 2011 година во Република Македонија се регистрирани сериозни нарушувања на основните граѓански и политички права кои не се обични инциденти, туку напротив истите се показател за системски проблеми во заштитата на човековите права и владеењето на правото. Овој извештај претставува преглед и анализа на причините и состојбите во следните области: • Судство • Полиција • Процеси на лустрација • Заштитата и третманот на граѓаните, особено на припадниците на маргинализираните групи • Слобода на медиумите и слобода на изразување • Казнено-поправни установи • Економски и социјални права.
Постојат силни индикации дека судството и натаму се наоѓа под перманентно влијание од извршната власт и политичките моќници. Критични точки се изборот, разрешувањето и преместувањето на судиите. Судскиот совет и Советот на јавните обвинители останаа алатка за влијание на политиката со прикриени или отворени притисоци врз судството заради донесување на политички подобни одлуки и создавање на општа клима на несигурност и загрозеност меѓу судиите и јавните обвинители. Загрижува продолжувањето на трендот на појава на кривични пријави и судења кои се политички мотивирани. Хелсиншкиот комитет е особено загрижен за одложувањето на примената на гаранциите за правата на осомничените во полициската и судската постапка согласно востановените меѓународни стандарди. Комитетот континуирано реагира на лошата пракса на судовите, во поглед на мерката притвор, гледана преку носење на решенија со непоткрепени образложенија за изрекување и продолжување на оваа мерка, неприменување на поблагите мерки и користење на истата како казна.
Јавното обвинителство не успеа да се издигне над своите блиски релации со МВР и да докаже дека сите еднакво одговараат според законите, па макар тоа се и полициски службеници. Случајот на Мартин Нешковски покажа дека обвинителството нема непосредна и ефикасна контрола врз водењето на кривичните истраги против наводните полициски злоупотреби, ниту постојат јасни упатства и процедури за водењето на ваквите истраги.
И натаму не постои систем на ефикасна и постојана надворешна контрола врз примената на посебните истражни мерки во смисла на обезбедување дека мерките навистина се применуваат само со наредба на суд и во законска процедура со сите гаранции од арбитрерност и злоупотреби. Кога станува збор за подрачјето на одбраната и безбедноста во Република Македонија во изминатиот период, се детектираат две значајни негативни тенденции: Непостоење на системски закон за целосно заокружување на нормативната рамка за функционирање на институциите на безбедносниот сектор во контекст на начелото на правната држава и непостоење на lex specialis закон за демократска и цивилна контрола над безбедносниот сектор.
Лустрацијата продолжува да се одвива директно против одлуките на Уставниот суд , но и се појасно да добива форма на инструмент за кршење на човековите права. Хелсиншкиот комитет, упатува јасни пораки и предупредувања за сериозноста на кршењето на човековите права и проблемите со почитувањето на принципот на уставност и законитост кои ги создава ваквиот процес на лустрација во Република Македонија.
Во првата година од примената на Законот за спречување и заштита од дискриминација излегоа на површина сите недостатоци на овој Закон, за кои граѓанското општество предупредуваше во процесот на негово усвојување. Слабата применливост ја зголемува дискриминацијата а со тоа и нетрпеливоста меѓу различните групи и поединци, со што се зголемува тензијата во општеството. Во 2011 година дискриминацијата врз основ на политичка припадност продолжи да биде една од водечките основи по кои се дискриминира, особено во јавната администрација. Трендот на уназадување на родовата еднаквост беше изразен и во 2011 година. Силни пораки со патријархален поттекст секојдневно доаѓаат на различни начини, а особено е загрижувачки, што вакви пораки доаѓаат од државните институции, што е во спротивност со декларативната заложба за родова еднаквост. Слабата политичка, медиумска и културна застапеност на заедниците под 20% укажува на затворено и дискриминаторско општество, кое сè уште не ги прифаќа различностите. Ромите, и покрај активностите со Декадата на ромите, понатаму се една од најмаргинализираните заедници во Р. Македонија. Исто така, ЛГБТИ заедницата останува една од најранливите заедници во нашето општество, подложна на манипулација и дискриминација.
Во 2011 година Комитетот констатира големо назадување во промоција и заштита на слободата на изразување и слободата на медиумите. Имено, првата независна телевизија А1, после 18 годишно постоење згасна со емитување на програмата на 30.07.2011 година. Во рамките на слободата на информирање, Комитетот особено ги потенцира предлозите за измена на законската регулатива на медиумите и уредување на медумскиот пазар во државата, кој наиде на остри реакции во општата и стручната јавност, како и во меѓународните медиуми.
Изминатата година забележителен беше трендот на ескалацијата на говорот на омраза во медиумите. Говорот на омраза во голема мера беше насочен кон сите кои јавно истапуваа со критики кон владата и владејачката партија. Повеќе десетици интелектуалци беа изложени на говорот на омраза главно промовиран од медиумите и новинарите со јавно декларирана провладина ориентација.
Условите за сместување во казнено-поправни установи (затвори и притвори) се под минималните стандарди во меѓународното и домашното законодавство. Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда и натаму одбиваат да допуштат граѓанските организации да вршат мониторинг врз состојбите во полициските станици и затворите, со цел да се унапредат условите и процедурите кои треба да гарантираат заштита на минималните стандарди на лицата лишени од слобода како особено ранлива група.
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Р. Македонија во годишниот извештај нотира неколку категории на повреди на човекови права и слободи во економските и социјалните права и тоа: – Права на работникот (работни односи и заштита при работа); Закон за здравствено осигурување ; Право на образование; Права на децата и семејно насилство (Заеднички протокол за постапување во случај на семејно насилство).