Скопје Прајд 2019: Поддршката е посилна од омразата, се гледаме на 29 јуни!
јуни 23, 2019
,,Откако објавивме дека ќе го одржиме првиот Скопје Прајд, евидентни беа обидите со омраза да се засени пораката за еднаквост и да се потцени можноста за зголемување на свесноста за хомофобијата, трансфобијата и бифобијата. Но и покрај тоа, добивме голема поддршка и многумина нè контактираат да ни кажат дека ќе дојдат со нас на 29-ти јуни, да го изодиме маршот – во спомен на сите борци за човековите права на ЛГБТИ заедницата во минатото, со поддршка на сите маргинализирани групи и борци за човековите права во оваа дестабилизирана сегашност и со идеја за општество каде сите ќе се еднакви – за идните генерации.’’ – со оваа порака Кочо Андоновски ја започна денешната прес конференција на Организациониот одбор на првата Парада на гордоста во Скопје.
Јована Јовановска информираше за деталите околу организацијата на овој настан: ,, Во сабота, ќе се собереме во паркот Жена борец во 11 часот, а маршот ќе започне точно на пладне. На самиот настан учесниците ќе добијат алка од Скопје Прајд, со која секој ќе може слободно да се движи во и надвор од определениот простор’. Јовановска посочи дека на крајната точка, Школка во Градски парк, низ програмата ќе не водат дрег кралиците Линда Социјалиста и Каја Мор. Покрај предвидените обраќања, ќе има и музичка програма во која ќе учествуваат Тамара Тодевска, Принцез Донатсу и диџеите Ивана Драгшиќ, Зоки Бејбе, Ири Скреч, Ана Мало и Узун Баба.
„Во организацијата на Парадата на гордоста ја имаме поддршката од извршната и законодавната власт, имаме најава дека дел од министрите и пратениците ќе учествуваат на самиот настан, а свое обраќање ќе има министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска. Нашите пријатели и пријателки – активистите и активистките за ЛГБТИ права од Грција, Бугарија, Албанија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора исто така ќе учествуваат, а дел од нив и ќе се обратат на насобраните присутни во Градски парк. Скопје Прајд е сигурен и безбеден настан за сите, па ги повикувам ЛГБТИ луѓето, поддржувачите, и сите граѓани и граѓанки кои се залагаат за еднаквост и инклузивност, да ни се придружат.“ – изјави Антонио Михајлов од организацискиот одбор.
Организациониот одбор на Скопје Прајд ја нагласи добрата соработка со Министерството за внатрешни работи во изминатиот период. Во таа насока, на прес конференцијата се обрати и портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тони Ангеловски кој нагласи дека се преземаат сите мерки за сè да помине во најдобар ред и дека МВР ќе санкционира какви било инциденти.