Извештај на Европскиот комитет против тортура и нехуман третман: Во затворите владее корупција, власта да усвои стратегија против полициската бруталност
мај 16, 2024
Комитетот за превенција од тортура и нехуман третман (КПТ) на Советот на Европа го објави својот извештај за состојбата со третманот на затворените лица во четири затвори во Северна Македонија.
Во 2023 година, претставниците на Комитетот за превенција од тортура на Советот на Европа го проценувале третманот особено во затворот „Идризово“ и во воспитно-поправната установа за малолетници. Комитетот (КПТ) ги испитувал третманот и правните заштитни мерки за лицата лишени од слобода од страна на полицијата и ја разгледал ефективноста на истрагите за поплаки за наводно лошо постапување со тие лица.
На пример, се нотира дека многу лица изнеле наводи за малтретирање од страна на полицијата. Имало жалби за шлаканици, тупаници и клоци, како и удари со палки и кундак од оружје, нанесени на лица при нивното апсење или во текот на испрашувањето од страна на инспектори.
Дополнително, бил истражуван третманот на пациентите сместени во две психијатриски болници и на резидентите сместени во домот за социјална грижа. КПТ во врска со тоа изготви извештај со препораки, во кој повикува македонските власти да ги имплементираат овие препораки.
Наодите од Извештајот на Комитетот за превенција од тортура и нехуман третман на Советот на Европа во голем дел се поклопуваат со Извештајот за состојбите и условите во казнено – поправните установи во 2023 година и со Извештајот за состојбите и условите во психијатриските болници и установи за социјална заштита што ги изработи Хелсиншкиот комитет за човекови права заедно со Македонското здружение на млади правници, во соработка со Управата за извршување на санкции, односно Министерството за здравство.
Во врска со затворите, во Извештајот се наведува дека има подобрување на состојбата во затворите во Шутка, Штип и Прилеп, но ситуацијата во затворот Идризово останува алармантна.
КПТ смета дека нема значително подобрување споредено со 2019 и 2020 година. Комитетот дава препораки надлежните институции да развијат стратегија со која ќе има мултидисциплинарен пристап може ефективно да го спречи и да се бори против лошото постапување од страна на полицијата, а тоа треба да се состои од низа усогласени, добро осмислени и истовремени мерки, кои се надоврзуваат на веќе направените напори од надлежните институции во оваа област. Комитетот како позитивни практики ги потенцира обуките за полициски службеници, системот на одговорност за полициска бруталност, редовен медициснки скрининг на новодојдените затвореници.
„Ситуацијата во затворот Идризово останува алармантна. Во извештајот се нагласени физичкото злоставување од страна на персоналот и пролонгираната изолација на проблематичните затвореници, високо ниво на насилство меѓу затворениците и нехигиенските и небезбедните услови. Сериозната пренатрупаност во затворениот дел ги влошува овие проблеми. Дополнително, распространетата корупција на персоналот го поткопуваат исправното функционирање на затворот и тоа резултира со тоа најобесправените затвореници да бидат држени во најлоши услови. Се нотира дека здравствената заштита во затворите и понатаму е неадекватна, има недоволно персонал, слаба медицинска заштита и несоодветно менаџирање на затворениците зависници. “, се вели во соопштението за извештајот.
Во делот на извештајот за психијатриските установи, Комитетот забележува дека во Демир Хисар и Демир Капија, пациентите генерално се третираат коректно. Но, има критика за Демир Капија, каде што е забележано врзување на пациенти за кревет со метални синџири, што може да се смета како нехуман и деградирачки третман и мора да престане веднаш.
Претставниците на Комитетот откриле дека неодамна е формирано неформално одделение за сегрегација во Одделот за судска медицина во Психијатриската болница во Скопје. „Функционирањето на одделението поттикна неколку сериозни грижи, вклучувајќи и отсуството на јасни и експлицитни медицински причини за поставување на одделението, отсуството на медицински надзор и без индивидуализирани терапевтски активности – вклучувајќи и пристап до отворено. Исто така, имаше отсуство на здравствен персонал на одделението, што резултираше со тоа што пациентите останаа под единствен надзор на приватно обезбедување без посебна обука“, се вели во извештајот. Комитетот смета дека оваа продолжена сегрегација без каков било психотерапевтски пристап не е погодна за воспоставување терапевтска средина и е штетна за пациентите.