јануари 25, 2024

Извештај за состојбите и условите во казнено – поправните установи во 2023 година

Овој извештај е подготвен во рамките на проектот „Борба против тортура и нехуман третман“, финансиски поддржан од Европската Унија. За целите на проектот е склучен Меморандум за соработка меѓу Хелсиншкиот комитет за човекови права, Македонското здружение на млади правници и Управата за извршување на санкции.

Во периодот од мај до јуни 2023 година беа спроведени четири последователни посети во КПД Идризово, КПД Штип, КПД Прилеп и Затвор Куманово, вo согласност со проценката на тимот кој работи на проектот. Селекцијата на казнено-поправните установи се должи на согледаните услови за сместување на осудените лица констатирани при редовните посети, но и на бројните укажувања и поднесените претставки од осудените лица до Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Наодите во овој извештај се базираат врз податоците добиени од спроведените посети од страна на мониторинг тимот, кој изврши увид во просториите на казнено-поправните установи, обезбеди бесплатна правна помош, спроведе разговори со речиси сите директори на установите, како и со вработените од редот на припадниците на затворската полиција, социјалните работници, психолозите, правниците итн.

Беше забележано дека, и покрај многуте заложби од страна на државата, на меѓународните и домашните организации за подобрување на условите во казнено-поправните установи, системските недостатоци сè уште постојат. Очигледно е дека недостига соодветна меѓусекторска соработка меѓу надлежните институции, која е клучна за решавање на проблемите со кои се соочуваат лицата лишени од слобода во овие установи. Токму поради тоа казнено-поправните домови и потфрлаат во исполнувањето на своите законски обврски за надминување на проблемите што долго време се провлекуваат и оневозможуваат осудените лица да ги уживаат своите права и сооветно да се ресоцијализираат.

Осудените лица немаат соодветен пристап до здравствена заштита, ниту соодветни материјални услови за живеење, а програмите за ресоцијализација, условите за нивно имплементирање и постпеналната помош се сè уште недоволни и неприменливи. Истовремено, во овој период е забележано зголемено незадоволство на припадниците на затворската полиција, кои укажаа на тоа дека им е нарушена безбедноста и дека се соочуваат со сериозен проблем поради зголемениот број притисоци и закани кон нив лично, но и кон нивните семејства и блиски.

Корупцијата и понатаму претставува сериозен проблем во установите, за што осудените лица редовно нè информираат,. Но поради страв да не ги загубат своите права и погодности, формално не сакаат да ги пријават овие случаи. Дополнително, она што беше забележано, а што особено загрижува, е малиот број жалби поднесени од страна на осудени лица за донесени решенија за изрекувања дисциплински мерки. Праксата покажува случаи кога осудените лица не ги примиле решенијата за изрекување дисциплинска мерка. На пример, доколку тие се наоѓаат во самица, решението е прикачено на вратата од самицата, а осудените лица успеваат да стапат во контакт со некоја невладина организација, правник и/или адвокат откако ќе завршат со издржување на дисциплинската мерка. Сите установи не ја почитуваат редовната формална постапка за изрекување дисциплински мерки, па во некои случаи воопшто нема ни донесено решение за изрекување дисциплинска мерка.

Како позитивна пракса може да се забележи дека во некои казнено-поправни установи се прават напори за воспоставување мерки и активности за ресоцијализација, вокациски активности, како и зголемено работно агажирање на осудените лица.

Пренатрупаноста, особено во КПД Идризово, каде што се наоѓаат најголем број осудени лица од кои повеќето се со безбедносен ризик, е алармантен проблем за кој државата мора итно да најде решение. Само преку решавање на овој системски проблем може да се очекува остварување на ресоцијализацијата како една од главните цели на казната затвор и намалување на стапката на криминалот во државата. Во последните години е забележано зголемување на бројот на пробациски предмети и предмети за кои е изречена алтернативна казна, што секако претставува еден од позитивните примери за решавање на долготрајниот проблем со пренатрупаноста во казнено-поправните установи и за унапредување на ресоцијализацијата и реинтеграцијата на осудените лица.

За таа цел, граѓанските организации одблизу ќе го следат спроведувањето на Националната стратегија за развој на пенитенцијарниот систем во Република Северна Македонија 2021 – 2025 година, како и на Стратегијата за развој на пробациската служба во Република Северна Македонија 2021 – 2025. Со имплементација на овие стратегии, очекуваме правилна примена на законската и на подзаконската регулатива, подобрување на условите и на состојбата во затворите, но и јакнење на капацитетот и на професионалноста на вработениот персонал, како и зголемен надзор над работењето на пенитенцијарните установи, а во исто време и унапредување на пробацискиот систем.

Документи