Говорот на омраза во земјите на Западен Балкан

декември 21, 2023

На 14 декември, 2023 година, се одржа презентацијата на анализата „Говор на омраза во земјите на Западен Балкан”, во рамките на проектот „Против говор на омраза“, кој го имплементираше Хелсиншкиот комитет за човекови права во партнерство со YUCOM од  Србија, Хелсиншкиот комитет за човекови права од Албанија и YIHR Косово, а поддржан од CIVIL RIGHTS DEFENDERS.

Анализата беше изработена од м-р Бојана Неткова, адвокат и експерт за областа на човекови права, која истакна дека говорот на омраза во регионот е во пораст, како по обем, така и според содржина. Најчесто, говорот на омраза се појавува врз основа на етничката припадност, сексуалната ориентација и политичката припадност.

Врз основа на добиените податоци од истражувањето, анализата дава заклучоци и препораки за секоја од државите во кои се имплементира проектот.

ПРЕПОРАКИ

Република Северна Македонија

· Да се воведе дефиниција за говорот на омраза во рамките на членот 122 од КЗ во согласност со ОПП бр.15 на ЕКРИ303 и Препораката за борба против говорот на омраза CM/REC(2022)16 на Советот на Европа

· Да се воведе дефиниција за говор на омраза во согласност со ОПП бр. 15 на ЕКРИ и Препораката за борба против говорот на омраза CM/REC(2022)16 на Советот на Европа

· Да се воведат нови одредби со кои се забранува говор на омраза на интернет и прекршочни одредби со предвидени прекршочни санкции за овие одредби.

Република Албанија

· Да се воведе специфична дефиниција за говорот на омраза во согласност со ОПП бр.15 на ЕКРИ и Препораката на Советот на европа за борба против говорот на омраза CM/REC(2022)16

· Да се декриминализизраат навредата и клеветата

Република Србија

· КЗ – Да се воведе специфична дефиниција за говорот на омраза во КЗ која ќе биде усогласена со ОПП бр.15 на ЕКРИ и Препораката на Советот на Европа CM/REC(2022)16.

· Законот Забрана од Дискриминација – Да ревидира дефиницијата за говорот на омарза и да се прошири во согласност со ОПП.бр.15 на ЕКРИ

· Законот за електронски медиуми – Да се измени и дополни ЗЕМ во насока да се уреди обврската за секој електронски медиум и уредниците на истиот да ги регистрираат своите корисници како предуслов за можноста за оставање на коментари и начинот и елементите за ограничување на штетните коментари.

Република Косово

· Да се воведе специфична дефиниција за говорот на омраза во согласност со ОПП бр.15 на ЕКРИ

· Да се дополни ЗЗД и да се воведат соодветни прекршоци за повреда на секој член кој го регулира говорот на омраза

Претставничката на Хелсиншкиот комитет на Албанија, Ардита Комарку, рече дека говорот на омраза е комплексен и мултидисциплинарен феномен кој влијае врз целото општество. Во албанскиот закон за антидискриминација два члена се занимаваат со оваа област и објаснуваат дека говорот на омраза е опасен заради влијанието во секојдневниот живот. Во 2023 година, Комисијата за антидискриминација во Албанија идентификувала 7 случаи на говор на омраза, од кои еден случај се одвивал во медиум. Комарку истакна дека законот кои ги опфаќа правата на ЛГБТИ заедницата е далеку од правилна употреба и во праксата Ромите и припадниците на ЛГБТИ заедницата се најмногу изложени на говор на омраза и дискриминација. Имало и случаи кога бил идентификуван говор на омраза насочен кон лицата со попреченост. Во најголем број сторителите се непознати, а проблем е долгата постапка во која можат да поминат повеќе од три години додека не се донесе конечна пресуда.

Бленде Пира од YIHR, Косово, рече дека говорот на омраза во Косово се појавува секојдневно на социјалните мрежи, иако постојат платформи и дигитални алатки како да се регулира овој проблем. Таа истакна дека Косово има одлични закони против говорот на омраза, но слаба имплементација. Говорот на омраза е најмногу присутен кон ЛГБТИ луѓето, на второ место се националните малцинства, загрижувачко е и нивото на говор на омраза кон жените и тоа особено кон лидерки на политички партии, следна категорија е ромската заедница. Дури и во косовскиот парламент бил присутен говорот на омраза упатен кон припадниците на ЛГБТИ заедницата, а тоа се оправдува со слобода на изразување. Повеќе од 20 учебници содржеле говор на омраза и дискриминаторски дискурс, а биле нападнати и меѓународно реномирани фестивали, а минатиот месец имало обид за убиство на ЛГБТИ активист. Пира истакна дека ситуацијата е загрижувачка и заради тоа што луѓето не пријавуваат дела од омраза заради недоверба во институциите.

Слична ситуација опиша и Велимир Петровиќ од YUCOM, Србија, кој рече дека Кривичниот законик што рефлектира на говорот на омраза содржи четири члена со премногу широка дефиниција во која нема дистинкција помеѓу одредени форми на дискриминација што не одговараат на меѓународните стандарди, но судската пракса во некои инстанци ги поправа овие пропусти, самите судиите се повикуваат на меѓународните конвенции. Според него, еден од најсериозните проблеми е што говорот на омраза во Србија е достапен секојдневно, на социјалните мрежи, во јавната сфера, традиционалните медиуми, но во моментот, секојдневно во онлајн медиумите каде ширењето на говорот на омраза е неконтролирано.