Годишен извештај за состојбата со човековите права во 2003 година

мај 10, 2004

Извештајов не претендира да даде сеопфатна слика на целокупната ситуација со човековите права и слободи во Република Македонија. Анализите и оценките дадени во него се базираат на сознанијата со кои располага Комитетот врз основа на случаите кои биле пријавени во Комитетот, односно кои биле регистрирани од страна на мониторинг мрежата на Комитетот.

Состојбата со човековите права во Република Македонија во 2003 година битно не се промени во однос на претходниот период. Во одделни сфери (посебно социјалните, здравствените и правата од работен однос) видливи се и ретроградни поместувања. Државата не само што не успеа да изгради систем на институции и механизми коишто ќе овозможат промоција и заштита на правата на граѓаните, туку таа сѐ уште се јавува како најголем прекршител на овие права.

Карактеристично за 2003 година е комплетирањето на потполната партизација на државната структура, развој на етнодемократијата, за сметка на граѓанската демократија, и натамошна ерозија на правото, како основен гарант на заштитата на човекот.

Во изминатата година, не е остварена ниту една од декларираните заложби на новоизбраната структура на власт, а тоа се, подобрување на сигурносно-безбедносната ситуација во државата, подобрување на економската ситуација и подобрување на животниот стандард на населението, глобална демократизација, почитување на правото и развој на правната држава, развој на интегративните наспроти дезинтегративните процеси во Република Македонија, и достигање ниво на генералното почитување и заштита на човековите права и слободи, со кое државата ќе им се приближи на европските текови, што ќе овозможи нејзино забрзано приклучување во европските структури.