Хелсиншкиот комитет за човекови права е здружение на граѓани регистрирано во 1994 година. Комитетот врши мониторинг на состојбата со човековите права, обезбедува правна помош, соработува со други организации и со државните органи во насока на зголемување на промоцијата, почитувањето и заштитата на човековите права и слободи. Цел на Комитетот е заштита и унапредување на човековите права и слободи гарантирани со Уставот на СРМ, меѓународните инструменти и Завршниот документ од Хелсинки од 1975 година и градење на демократски услови во кои тие можат да се практикуваат врз основа на владеење на правото. Комитетот поаѓа од тоа дека сите луѓе треба да имаат можност да ги уживаат и практикуваат нивните основни права и слободи и да имаат можност да ги заштитат во случај на нивно прекршување или ограничување. Ова претставува основа на владеењето на правото, човековите права и демократијата.

Во настојувањето за унапредување и заштита на човековите права и хармонизирање на домашното законодавство и практика со она на Европската унија, Хелсиншкиот комитет: Организира системско набљудување на состојбите со човековите права во земјата; Обезбедува бесплатна правна помош и ги штити индивидуалните, колективните и правата на другите правни субјекти на територијата на Република Северна Македонија и пред меѓународни организации; Подготвува месечни, годишни и посебни извештаи за состојбата со човековите права; Подготвува анализи и други стручни документи поврзани со состојбите со човековите права; Организира конференции, семинари, трибини, јавни акции и други законски форми на граѓанска активност; Го промовира и помага развојот на демократијата, владеењето на правото и граѓанското општество, и врши други работи од јавен интерес согласно Законот за здруженија на граѓани.