Состојбата со работничките права, полугодишен извештај 1 ноември 2020 – 31 март 2021
април 19, 2021
Во полугодишниот извештај за периодот од 1 ноември 2020 до 31 март 2021 година е прикажано влијанието на здравствената криза врз работничките права во последните пет месеци. Овој извештај ги сумира податоците од 260 случаи во кои им обезбедивме правна и параправна помош на 1630 работнички.
Правното советување и/или информирање беше најзастапено во однос на прекршувањата на правата на текстилните работнички, односно, опфаќа 141 од вкупниот број случаи. Штипските текстилни работнички беа едни од најзасегнатите поради несоодветното справување со кризата (99 случаи). Прекршувања беа регистирирани на територијата на целата држава, но најчесто во Скопје (71), Неготино (23), Кочани (11) и Пробиштип (8). Токму прекршувањата на работничките права во текстилната индустрија ја покажаа родовата димензија на оваа криза. Жените кај нас се доминантно застапени во работната сила во текстилната индустрија, што е убедливо најслабо платена индустрија и текстилните работнички често добиваат плата која не е многу повисока од минималната. Дури 90 отсто од вкупниот број вработени во текстилната индустрија се жени. Ова значи дека женската работна сила во овој сектор е помеѓу најпогодените од економската криза предизвикана од справувањето со пандемијата.
Злоупотребите на трудовата легислатива и незаконските исплаќања на помала плата поради неправилно повикување на институтот „принуден одмор“, значеа дека некои од текстилните работнички што беа „испратени дома“, примаа плата во износ од околу 7500 денари. Во моментот на изготвување на овој полугодишен извештај, над 6000 текстилни работнички беа испратени на принуден одмор, поради тоа што работодавачите ја чекаа државната финансиска помош за субвенционирање на платите. Голем дел од текстилните работнички сè уште немаат земено плата за февруари и покрај тоа што трошоците за исхрана и основно живеење секојдневно се зголемуваат, а плаќањето на сметките за струја и за вода не се одложува, ниту пак чека на платите на работничките.
Останатите најчесто регистрирани повреди се однесуваа на неисплатен регрес за годишен одмор (К-15), отпуштања од работа, исплата на плата под минималната, неисплатени додатоци на плата (прекувремена работа, ноќна работа, работа на празник, минат труд), неисплатена плата и/или намалување на плата, повреда на прописите за безбедност и здравје при работа (повреда на работно место, непочитување на мерки за заштита од коронавирусот), принудно спогодбено раскинување на договорот за вработување, вознемирување на работно место, повреда на правото на годишен одмор и трансформации на работниот однос од неопределено на определено време.
Полугодишниот извештај за состојбата со работничките права и податоците поврзани со сите 260 случаи кои опфатија 1630 работници, се достапни за преземање на инфографикот подолу. Инфографикот го опфаќа периодот од 1 ноември 2020 до 31 март 2021 година и е изготвен во рамки на проектот ,,Зголемување на продуктивноста преку подобрување на законската рамка за работните односи во Северна Македонија’’, финансиран од Фондот за добро владеење на Британија. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Владата на Обединетото Кралство.