Состојбата со работничките права, полугодишен извештај 1 Maj – 31 Октомври 2020
декември 8, 2020
Брзорастечката здравствена криза како резултат на пандемијата предизвикана од коронавирусот, произведе несогледливи економски и социјални последици, од кои човештвото допрва ќе се опоравува. Работничките и работниците беа први на удар, неизбежно давајќи ѝ на оваа ситуација карактер на работничка криза. Кризната состојба за нив значеше борба за зачувување на своето и на здравјето на најблиските, но и борба за спас на својата егзистенција.
За време на целата кризната состојба, вклучително и овој извештаен период од 1 мај до 31 октомври 2020 година, непрекинато продолживме да им обезбедуваме бесплатна правна помош на сите работници. Овој полугодишен извештај се базира на податоците од 155 случаи што ги евидентиравме при секојдневната комуникација со работниците и при редовното набљудување на состојбата со работничките права.
Прибраните податоци говорат за мерките за заштита што не ги рефлектираа потребите на работниците, а со тоа и не овозможија соодветна заштита на работничките права. Податоците за прекршувањата на донесените мерки, отпуштањата од работа, намалувањето и/или неисплаќањето на платите на работниците, покажуваат дека работодавачите незаконски профитираа на грбот на работниците за време на најголемата здравствена, социјална и економска криза на денешницата, со тоа зајакнувајќи ги и онака веќе нееднаквите односи на моќ меѓу работодавачите и работниците. Родовата димензија на кризата само уште еднаш ја потврди значително поголемиот број случаи на прекршувања пријавени од жените, што заземаат повеќе од 65% од вкупниот број регистирани случаи.
За споредба, нашиот Полугодишен извештај за периодот од 1 ноември 2019 до 30 април 2020 година сведочеше за 214 случаи на прекршувања и/или информации за работнички права. Ова се должеше на најкритичните шест недели веднаш по прогласувањето на вонредната состојба, кога беа пријавени 145 од вкупниот број регистрирани случаи.
Полугодишниот извештај за состојбата со работничките права и податоците поврзани со сите 155 случаи кои опфатија 757 работници, се достапни за преземање на инфографикот подолу. Инфографикот го опфаќа периодот од 1 мај до 31 октомври 2020 година и е изготвен во рамки на проектот ,,Зголемување на продуктивноста преку подобрување на законската рамка за работните односи во Северна Македонија’’, финансиран од Фондот за добро владеење на Британија. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Владата на Обединетото Кралство.