јануари 8, 2016

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 28.12.2015 – 03.01.2016 година

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот и Институционално постапување за периодот 28.12.2015 – 03.01.2016 година.

Гевгелија

Просторни капацитети и услови

Во овој период се регистрирани 16.014 бегалци, што е за 24% помалку од бројот на регистрирани бегалци во минатата седмица, кој изнесуваше 21.036.
На двата големи шатори во кампот е поставена двојна изолација, со цел побрзо и подобро загревање на шаторите. Иако греењето функционира, понекогаш е потребна интервенција на волонтерите на терен за да се приклучат грејните тела.
Во поголем дел од времето хигиенската состојба во шаторите е особено лоша, поради задоцнетата реакција на хигиеничарите да исчистат после бегалците кои го напуштиле шаторот. Со ова се зголемува и опасноста од ширење на заразни болести меѓу бегалците.
Билетарницата на Македонски железници работи со два шалтери и во време кога не е стигнат воз, со што се овозможува брз проток на бегалците и нивно помало задржување на отворено.
На 29.12.2015 кампот беше празен поради протестот на таксистите кои повторно ја блокираа пругата. Блокадата траеше се до следниот ден. Во наредните денови, групи на бегалци се пропуштаа и со автобус и такси возила.

Институционално постапување

Бројот на полициски службеници во кампот е редуциран односно присутни се околу 10тина.
Во последната седмица, видливо е и присуството на српската полиција, најчесто со двајца полициски службеници.
Граничната полиција се соочува со нов предизвик. Наводно, бегалци кои пристигнуваат од грчката страна, доаѓаат со веќе изготвени македонски документи (фалсификати) кои регуларно треба да им се издадат во кампот во Гевгелија. Ваквата пракса се истражува од полициските служби, додека бегалците со такво документи се враќаат назад на грчката страна.

Куманово

Просторни капацитети и услови

Поради протестот на таксистите, кампот во Табановце беше празен на 30.12.2015 година. По завршувањето, првите бегалци во кампот пристигнаа со такси возила, а подоцна пристигна и првиот воз.
Во деновите со подобри временски услови, бегалците веднаш го продолжуваат патот за Србија и многу малку се задржуваат во кампот.
Поради врнежите од снег, условите се доста отежнати бидејќи греење нема во сите шатори.
Зголемена е потребата од зимска, топла облека и обувки, како и од топли оброци.

Институционално постапување

При полициска акција во близина на Куманово, на бензинска пумпа беа откриени македонски државјани кои наводно илегално превезувале бегалци. Бегалците биле сместувани во бензинската пумпа од каде што биле превезувани во околните села.


„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.

Документи