ноември 10, 2015

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 02.11- 08.11.2015 година

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот и Институционално постапување за периодот 02.11- 08.11.2015 година.

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови во кампот

Во текот на неделата во кампот имаше значително намалено присуство на бегалци, поради штрајкот на грчките морнари и прекин на ферибротскиот сообраќај.

Со оглед на ниските температури во текот на вечерите, бегалците кратко се задржуваат во камповите. Оние кои останале во текот на ноќта, се греат на логорски огнови кои ги палат во непосредна близина на кампот.  Со падот на температурите во ноќните часови, се зголемува и потребата од топла облека, особено за малите деца.

Покрај возовите, бегалците го напуштаат кампот со такси возила и автобуси до српската граница.

Во кампот се пуштени во употреба тоалетот за инвалиди и просторијата за бањање на деца и бебиња.

Институционално постапување 

Бројот на полициски службеници присутни во кампот е значително намален односно преполовен. Во одредени ситуации ова претставува проблем бидејќи бројот на присутни полицајци не е доволен за да се одржува редот и спроведувањето на поголем број бегалци, како и да се гарантира безбедноста на волонтерите и организациите на терен.

Однесувањето на кондуктерите на Македонски железници е коректно, со тоа што при качувањето во возовите им даваат предност на жени и деца. И понатаму продолжуваат недоразбирањата околу цената на билетите при промена на валути и враќањето на кусур помеѓу бегалците и кондуктерите.

Во последните денови од неделата, припадници на Посебна единица за поддршка, го заменуваат присуството на Единицата за брзо распоредување. Не се забележани пропусти и неправилности во нивното постапување.

Куманово 

Просторни капацитети и услови во кампот 

Кон средината на неделата, кампот беше потполно празен поради штрајкот на грчките морнари. По само два празни денови, таквата состојба се промени, односно во кампот започнаа да пристигнуваат поголем број бегалци и истите веднаш да го напуштаат.

Иако голем дел од бегалците се обидуваат да го искористат денот и што побрзо да го напуштат кампот, делот од нив кои се со деца и мораат да одморат остануваат и во ноќта, и покрај недостаток на греење во кампот.

Во подготовка е објект- детско село, на кој интензивно се работи секој ден, за што побрзо да биде пуштен во употреба.

При крајот на неделата, посета оствари тим од УНХЦР од Женева, кои правеле проценка на теренот и неговите капацитети и потреби, со цел да се утврди како може да се помогне за подобрување на условите во кампот.

Институционално постапување 

Расправии и недоразбирања меѓу бегалците се случуваат додека се дели храната или додека се качуваат во возот. Во случаите кога настанува физичка пресметка, поради слабото присуство на полицијата, активистите и волонтерите на терен се принудени да ги разделуваат.

Во посебен инцидент, двајца бегалци кои се движеле кон Србија биле ограбени од страна на вооружена група со пиштоли и ножеви. Бегалците се обратиле до полицијата и го пријавиле случајот. Во нападот им биле одземени сите лични работи кои ги имале на себе и сите пари, па бегалците не биле во можност да го продолжат патувањето и се вратиле во кампот во Куманово. Полицијата која била на терен, веднаш се упатила кон посоченото место на настанот но сторителите не ги пронашле.

Една група од бегалците кои патувале со такси од Гевгелија до Куманово, пријавила дека припадници на гранична полиција им наплатиле казни од 20 евра бидејќи немале врзани каиши, но не им издале никаков документ или потврда за изречените казни.


„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.

Документи