март 9, 2018

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово – февруари, 2018 година

Месечниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово кој ги опфаќа темите: просторни капацитети и услови во камповите, институционално постапување и нерегуларната миграција, за периодот 01.02.2018 – 28.02.2018 година.

Гевгелија

Состојбата во ПТЦ Винојуг, Гевгелија во текот на февруари, 2018 година беше подинамична за разлика од претходните месеци. Покрај зголемената фреквенција на движење на групи кои транзитираат низ државата, се зголеми и бројот на бегалци кои беа сместени во кампот и поднесоа барање за азил. Се почести се случаите на фаќање на поголеми групи на бегалци кои надминуваат 15 лица.

Просторни капацитети и услови

Во почетокот на месецот во кампот престојуваа седуммина бегалци.

Од страна на претпријатието за Јавно здравје – Велес, извршена е целосна дезинфекција на сите простории во кампот. Генерално, хигиената е на задоволително ниво.

На почетокот на месецот посета во кампот остварија претставници на ИОМ и канцеларијата на Народниот правобранител односно Националниот превентивен механизам.

Во кампот и во околината на Гевгелија, присутни се полициските службеници од странските земји и тоа, Чешка, Хрватска и Австрија.

Легис и Ла страда одржуваат креативни работилници за жените и децата.

Во текот на месецот беше забележан прекин на интернетот во кампот, што е проблематично за бегалците кои престојуваат таму, имајќи предвид дека тоа им е единствениот пристап до информации и комуникација со надворешниот свет. Интернет мрежата не беше воспоставена до крајот на месецот.

Институционално постапување

Во текот на февруари, 2018 година, околу 110 бегалци беа севкупно донесени во ПТЦ Винојуг, На 03.02.2018 година, во кампот е донесено тричлено семејство со потекло од Иран односно маж и жена во вонбрачна заедница и нивниот шестгодишен син. Семејството е сместено во кампот, а по неколку дена пренесено кон Грција по сопствено барање. Во текот на истиот ден, во кампот пристигна бегалец со потекло од Авганистан кој одредено време живеел во Турција, а неговото семејство престојува во кампот во Винојуг, скоро една година. Наредниот ден се донесени во два наврати по двајца бегалци со потекло од Пакистан, кои по спроведената процедура се пренесени кон Грција.

Рано изутрината на 06.02.2018 година, во близина на село Селемли, Богданци пронајдена е група од 24 бегалци кои грчко-македонската граница ја преминале со помош на криумчари на кои им платиле повеќе од 2000 евра за еден човек. Во групата се затекнати 12 бегалци со потекло од Пакистан, 7 бегалци со потекло од Сирија, двајца Курди од Турција, еден со потекло од Иран и двајца со потекло од Ирак. Бегалците во групата се на различна возраст, од 18 до 38 години. Во групата се сите мажи, освен една девојка со потекло од Ирак која патува со својот брат. Девојката се пожали на здравствени проблеми поради што во неколку наврати е пренесена во градската болница во Гевгелија и ѝ е укажана медицинска помош. На сите бегалци од групата им е доделена храна и облека, а безбедносните служби извршија профилирање и регистрација. Во кампот се сместени бегалците со потекло од Сирија (7) и Ирак (2), од кои пак наредниот ден останале само двајца Сиријци, а останатите се пренесени кон Грција на свое барање.

Наредниот ден (07.02), во кампот е донесена повторно група од 16 бегалци, сите мажи со потекло од Пакистан, кои од страна на полицијата се фатени во близина на Богданци. Карактеристично е што во редовите на оваа група, пронајдени се 5 лица кои беа донесени во кампот во текот на претходниот ден и беа веднаш вратени кон Грција. Кон крајот на денот, откако им е обезбедена хуманитарна и медицинска помош, сите се пренесени кон Грција. Истиот ден во кампот е донесено и едно семејство со потекло од Ирак, мајка, татко и три малолетни деца кои веднаш се згрижени и сместени во кампот.

Во периодот од 08ми до 13ти февруари, 2018 година, во неколку наврати во кампот се донесени вкупно 21 бегалец во помали групи (индивидуалци и семејства), со потекло од Пакистан (3), Иран (7), Ирак (6), Авганистан (3) и двајца со потекло од Шри Ланка. Од нив, 9 лица (Ирак и Авганистан) се сместени во кампот поради потреба од медицинска нега. Сите останати се веднаш вратени кон Грција. Некои од нив, платиле по 6.000 евра на криумчарите за од Грција да бидат пренесени до Гевгелија. Карактеристичен е случајот со тројцата Авганистанци, кои според нивните кажувања се обиделе за стигнат до западно-европските земји преку Република Бугарија, каде што биле физички малтретирани од полициски службеници. Сите се здобиле со видливи повреди и лузни, а еден од нив тврди дека го изгубил видот на едното око поради тепањето од полицијата.

На 15.02.2018 година, во кампот повторно е донесена поголема група од 26 бегалци односно 5 семејства со потекло од Ирак, фатени од страна на полицијата во околината на Гевгелија. Сите се сместени во кампот поради премореност, со што бројката на бегалци се искачи на 48. Меѓу нив има 17 мажи, 9 жени и 22 деца.

На 21.02.2018 година, во кампот се донесени 3 бегалци кои првично кажале дека се татко и две ќерки (полнолетни) со потекло од Сирија. При разговорот со безбедносните служби се утврдило дека станува збор за Курди со потекло од Ирак, но и дека не се татко и ќерки туку дека се во подалечна роднинска врска. Привремено се сместени во кампот, а по неколку дена депортирани кон Грција, откако полицијата неколкупати оствари разговор со нив.

На 22.02.2018 година, во кампот се донесени 4 бегалци со потекло од Иран, меѓу кои една жена која патува со својот сопруг и брат. Според нивните кажувања им платиле на криумчарите по 4000 евра за од Грција да бидат пренесени до Германија. Нејасно беше од нивните кажувања дали стигнале до Србија или само до Табановце, од каде што со автобус се вратиле во Гевгелија. Обезбедена им е хуманитарна помош и облека, а безбедносните служби остварија разговор со нив.

При крајот на месецот, поголема група на бегалци односно околу 43 бегалци кои се сместени во кампот, поднесоа барање за азил. Се очекува во текот на наредниот месец Секторот за азил при Министерството за внатрешни работи да остави разговори со нив и следствено да бидат пренесени во Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово, Скопје.

Куманово

Во текот на февруари, 2018 година, состојбата во ПТЦ Табановце остана релативно непроменета, со повремени промени во бројот на бегалци и мигранти кои се сместени во кампот. Бројната состојба од почетокот до крајот на месецот се движи од 20 до 40 бегалци. По земја на потекло најчесто се среќаваа луѓе од Пакистан, Сирија, Иран и Авганистан во поголема бројка, а во помал број со потекло од Ирак, Либија, Алжир, Ирак и во еден случај од Турција. Движењата на групите се сè уште во два правци, односно и од Грција и од Србија.

Просторни капацитети и услови

Во кампот не се забележани поголеми инфраструктурни промени.

Редовно се одржуваат координативни состаноци со организации и институции присутни во камповите. Координативни состаноци се одржуваат со Министерството за труд и социјална политика, како и со гранична полиција одделно. На состаноците се разговара за тековните состојби, проблеми и предизвици со бегалците.

Институционално постапување

На почетокот на месецот во кампот се затекнати 25 бегалци со различно потекло, од кои 24 се мажи и една жена. По земји на потекло се од Пакистан (8), Сирија (7), Авганистан (6), Либија (4) и еден со потекло од Бангладеш. Бројката секојдневно се менува и варира зависно од групите или индивидуалците кои доаѓаат или заминуваат. Во најголем број се забележани мажи, додека во помал број се присутни жените и децата (како и непридружувани малолетници).

Двајца бегалци со потекло од Авганистан кои во кампот пристигнаа на почетокот на месецот, се пожалија на физичко малтретирање од страна на српската полиција. Притоа се здобиле со видливи физички повреди, за кои им беше укажана медицинска помош и во локалната болница.

На 14.02.2018 година, во кампот пристигна брачен пар со потекло од Авганистан со 19 месечно бебе. На 17.02.2018 пак во кампот пристигнаа десет лица со потекло од Иран, меѓу кои две семејства, две жени и седум малолетни деца. Сите се примени и сместени во кампот. Според нивните кажувања, со помош на криумчар стигнале од Грција во Македонија, кој ги оставил на автобуската станица во Куманово. Тие биле пронајдени и згрижени од мобилниот тим на Црвен крст, а добиле и закани по нивната безбедност од страна на криумчарите, поради што сакаат што побрзо да го напуштат кампот. Нивниот превоз до Гевгелија (кон Грција) е организиран за неколку дена.

Недостатокот на интернет мрежа е забележан и во кампот во Табановце, што претставува значителен проблем за бегалците кои престојуваат во моментот.

Нерегуларна миграција

Во текот на февруари, 2018 година, Министерството за внатрешни работи регистрирало три кривично-правни настани поврзани со криумчарење мигранти. Првиот настан се случил на 02.02.2018 година, кога во близина на С. Милетково, Гевгелија, полициска патрола забележала товарно возило управувано од страна на лице со потекло од Струмица. Во возилото се пронајдени 15 бегалци со потекло од Сирија (8), Пакистан (5) и двајца од Ирак. Лицето е лишено од слобода, а бегалците приведени за понатамошна постапка. Истиот ден, на граничниот премин Богородица, се пријавиле едно товарно и едно патничко возило, кои биле задржани за вонреден претрес поради поголема тежина од пријавената. Притоа, во него биле затекнати 5 лица со потекло од Авганистан меѓу кои 3 малолетни лица и едно лице од Бангладеш. Според нивното кажување, тие се качиле во Турција. По извршениот увид, сите се предадени во Прифатно-транзитниот центар Винојуг, Гевгелија за понатамошна процедура.

Во третиот случај, на 04.02.2018 година, во близина на с. Речица, полициски службеници при при контрола на патничко возило затекнале 5 мигранти и тоа, тројца Курди, и двајца Сиријци на возраст од 18 до 35 години. На возачот на возилото му е одредена мерка притвор.

Воедно, Министерството известува за поднесена кривична пријава против две лица со потекло од Кичево, кои на 09.02.2018 година биле затекнати како превезуваат 8 мигранти со потекло од Иран, Турција, Ирак и Пакистан, на возраст од 19 до 38 години.


„Овој извештај е овозможен со поддршка на Фондацијата отворено општество (FOSI) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на FOSI.“

Документи