Сеопфатен извештај за реформите во пенитенцијарниот систем во Република Северна Македонија
Во контекст на пенитенцијарните установи, затворските органи имаат општа обврска да ги заштитуваат осудените лица од какви било видови на насилство, како и од прекумерна употреба на сила.
Тортурата, како феномен присутен во пенитенцијарните установи, го вклучува насилството како важен аспект, но и низа други фактори, како што се материјалните услови и начинот на постапување при почитувањето на правата на осудените лица.
Насилството во пенитенцијарните установи е појава што тешко се утврдува, пред сѐ, поради нејзиното поретко пријавување. Многу често, пријавувањето на насилството во казнено-поправните установи е поврзано со одмазда. Ситуацијата во која се наоѓаат осудените лица дополнително ја отежнува одлуката за пријавување, затоа што тие се лишени од слобода и поради тоа мора да останат во истата установа со оној кој го вршел или сѐ уште го врши насилството, што, пак, овозможува негова одмазда.
Со цел да се овозможи зајакнување на заштитата на правата на осудените лица предвиденa во членот 3 од Европската конвенција за човековите права со несудски средства и посети од превентивен карактер, донесена е Европската конвенција за превенција на мачење и нечовечко и понижувачко постапување и казнувања. Членот 3 од Европската конвенција за човековите права е надополнет со постоењето на Конвенцијата, кое се согледува преку тоа што со неа се формира независен комитет на експерти – Европски комитет за заштита од тортура и нечовечко или понижувачко постапување и казнување.
Правата на осудените лица, во согласност со КПТ и судската пракса на ЕСЧП, се разгледуваат од повеќе аспекти под опсегот на членот 3. Притоа се разгледуваат: условите за сместување, хигиенски услови, облека и постелнина, исхрана, вежби и рекреација, претреси и контрола, трансфер на осудени лица, медицинска нега, посебен режим во затворот (употреба на самица).
КПТ низ многуте извештаи за состојбата во казнено-поправните и воспитно-поправните установи во Република Северна Македонија има утврдено недостатоци во однос на материјалните услови, одредени практики кои влегуваат во опсегот на тортурата, како и повеќе други клучни проблеми во пенитенцијарниот систем.
Понатаму, потребата од надворешна граѓанска контрола КПТ ја има забележано во своите генерални и посебни извештаи уште пред 2018 година, посочувајќи дека во многу земји или не постојат механизми за поплаки или имаат недостатоци. Притоа, препораката е тоа да бидат надворешни тела до кои осудените лица ќе можат директно да ги достават своите жалби.
Со измените на Законот за јавното обвинителство во 2018 година е формирано и Специјализирано одделение за гонење на кривични дела извршени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција. Ова Одделение е содржано и во новиот Закон за јавното обвинителство од 2020 година.
Со измените на Законот за Народниот правобранител во 2018 година, Народниот правобранител на Република Северна Македонија, заедно со претставниците на надлежни организации (здруженија), во рамките на Механизмот за граѓанска контрола, треба да презема дејствија и мерки за обезбедување поддршка и заштита на жртвите и на нивните права и да ги застапува нивните интереси во сите постапки што се водат во органите на државната управа, како и во постапки пред обвинителството и судовите преку ефикасно и транспарентно истражување на постапувањето од страна на лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција за кривични дела при вршење на службено дејствие и за кривични дела извршени вон од службата со употреба на сериозна закана, сила или средства за присилба што за последица има смрт, тешка телесна повреда, телесна повреда, противправно лишување од слобода, мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување, доколу со закон е предвидено кривично гонење по службена должност. Но овој Механизам сѐ уште не е функционален, иако повикот за избор на надлежните организации кои ќе се дел од него беше објавен во февруари 2023 година, а Собранието на РСМ ја донесе одлуката за избор на две здруженија на својата седница одржана на 02.11.2023 година. Неговото нефукционирање и блокирањето на донесување на методологија за работа траеше уште од 2019 година.