јануари 23, 2024

Нема голем напредок во подобрувањето на условите во затворите и психијатриските болници

Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници (МЗМП) на 22 јануари го одржаа завршниот настан на проектот „Борба против тортура и нехуман третман” спроведуван од Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници, поддржан од Европската унија. 

Преку панел дискусиите беше даден осврт на состојбата на пенетецијарниот систем, како и на состојбите и условите во психијатриските болници и Специјалниот завод – Демир Капија. Свои излагања имаа претставници на Министерството за труд и социјална политика, Управата за извршување санкции, Омбудсманот, претставници на граѓанските организации, како и останати засегнати страни. На настанот беа презентирани наодите на извештаите изработени во рамки на проектот: Сеопфатен извештај за влијанието на реформите во пенетенцијарниот систем, извештај за состојбите и условите во психијатриските болници и установи за социјална заштита – посети во ЈЗУ Психијатриска болница Скопје, Негорци и Демир Хисар и Специјален завод Демир Капија во период  од октомври до ноември 2023 година. Беше промовиран и извештај за состојбите и условите во казнено поправните установи во 2023 година.Настанот го отворија извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска и претседателката на Македонското здружение на млади правници Александра Цветановска. 

Уранија Пировска истакна дека извештаите што ги изработуваат невладините треба да претставуваат водич за институциите за имплементирање на препораките, бидејќи препораките се речиси исти со оние на Комитетот за борба против тортура при Европската комисија. „Нашата држава не вложува во она што значи одржување на овие установи. Сето она што ќе се направи или реновира со помош на меѓународните организации, по неколку години од тоа ништо не останува, бидејќи државата не вложува во нивно одржување“, рече Пировска и додаде дека во извештаите никогаш не се посочува  дека вината е во луѓето што раководат во тие институции, туку во државата. Затворите се огледало на една држава и покажуваат колку една држава води сметка за човековите права. За жал, нашата држава не се грижи за човековите права на оние кои се едни од најранливите во општеството. Пировска порача дека нема напредок, освен дека Управата за извршување санкции соработува со граѓанските организации. „Единствена светла точка е воспитно поправната установа во Тетово каде што децата имаат можност да бидат рехабилитирани и понатаму да се реинтегрираат во општеството. „За затворот во Идризово тврдам дека таму не владее правната држава, таму владее осуденичко општество и оттаму и толкав процент на рецидивизам, бидејќи се’ уште не постои соодветна програма што ќе му овозможи на осуденикот да ја сфати тежината на делото “, рече Пировска и посочи дека пренатрупаноста на затворите се должи на тоа што правосудните органи не ги користат алтернативните мерки туку веднаш одредуваат казна затвор.  

Александра Цветановскасе согласи дека напредокот во оваа област оди премногу бавно иако проектот бил успешно реализиран. Биле остварени повеќе од 30 посети на казнено поправните домови и психијатриски болници, а на околу 317 лица им била укажана бесплатна правна помош. Поведени се многу судски постапки, стратешки, се работело на градење на капацитети на вработените, сепак треба уште да се работи на подобрување на условите во затворите, особено пренатрупаноста и пристапот до здравствената заштита кој не е соодветен. „Суштината на проблемот лежи во финансиите во однос на тоа колку средства се издвојуваат за овие установи. Потребна е политичка волја во насока на подобрување на овие состојби“, рече Цветановска и додаде дека се надева дека и правосудната пракса ќе допринесе за промените.  

Панел дискусиите кои ги модерираше Елена Мујовска Трпевска учествуваа: Билјана Зефиќ од Управата за извршување санкции, која истакна дека се изработени две национални стратегии за развој на пенолошкиот систем. Визијата на стратегијата за периодот 2021 – 2025 година е тој систем да се развива во согласност со меѓународните стандарди. Зефиќ рече дека системски проблем е пренатрупаноста во затворите и дека професионалното работење на пенетенцијарните установи , примената на алтернативните мерки на затворските казни, кадровското пополнување на установите и соодветен образовен процес можат да дадат позитивни резултати. Професорката Ангелина Станојоска говореше за слабостите на пенитенцијарниот систем во државата и како клучни ги наведе пренатрупаноста на казнено поправните установи што се решава со привремени мерки и неуспешната ресоцијализација.. За материјалните услови рече дека се лоши, а насилството не носи намалување на криминалитетот, иако дел од полициските службеници го застапуваат тој став. Тона Карева Талеска, правна советничка во Хелсиншкиот комитет го презентираше извештајот за состојбите и условите во казнено – поправните установи направен според последователните посети во КПД Идризово, КПД Штип, КПД Прилеп и атвор Куманово, во периодот мај – јуни 2023 година.  

Ирена Здравкова од Македонското здружение на млади правници кажа дека со овој проект била дадена правна поддршка и застапување на осудениците и жртви на тортура и нехуман третман.  

Во вториот панел посветен на состојбите во психијатриските болници и установи за  социјална заштита, професорката Лилјана Игњатова истакна дека средствата потребни да се подобри овој систем треба да се сфатат како инвестиција, а не како трошок, бидејќи сегашниот систем е најскапиот начин и видно дека не вродува со плод. Д-р Стојан Бајрактаров кажа дека се потребни реформи во системот на психијатриски болници во кои треба да се вклучат и Центрите за социјална грижа, односно Министерството за труд и социјални работи и Министерството за правда. Светлана Цветковска од Министерството за труд и социјални работи истакна дека извештајот е реален, а препорактите се поклопуваат со оние на кои веќе работи министерството. Децентрализацијата и деинстиуционализирањето се клучни, рече таа. Александар Тренковски, член на Националниот превентивен механизам во Канцеларијата на Народниот правобранител ја истакна потребата од зголемена волја на државните институции со цел реално да влијаат врз намалувањето на ризиците од нехуман третман и тортура.  

Тона Карева Талеска рече дека материјалните услови во болниците не ги задоволуваат ниту основните стандарди  и ги презентираше наодите од посетите на ЈЗУ Психијатриска болница Скопје, Негорци, Демир Хисар и ЈУ Специјален завод Демир Капија. Душица Нофитоска од МЗМП истакна дека посетите на овие болници се потребни и е неопходно често да се зборува за овие проблеми со цел да се поттикнат промени и да се бараат решенија и истакна дека потребно е преземање на акции за постигнување на промени.  

 

Документи