Преглед на владините мерки за превенција и заштита од корона вирусот и нивното влијание врз работничките права
ноември 30, 2020
Ниту еден од донесените пакети економски мерки за справување со кризата не ги рефлектираше целосно потребите на работниците ниту пак овозможи ефективна заштита на работничките права од злоупотреба при нивната имплементација. Целта на државната финансиска поддршка за справување со кризата предизвикана од COVID-19 беше да се зачуваат работните места на работниците, а не работодавачите незаконски да профитираат на нивниот грб за време на најголемата здравствена, социјална и економска криза на денешницата.
Oвој преглед ги разгледува сите владини мерки донесени од почетокот на кризата предизвикана од справување со пандемијата, што директно ги засегнаа работниците. Анализираните податоци ги претставуваат повредите на работничките права и родовите нееднаквости како резултат на мерките и нивната имплементација, што неизбежно ја наметнува потребата да се вложат напори за структурна промена и системски пристап кон решавање на проблемите во овие аспекти од општественото живеење и по завршувањето на здравствената криза.
Документот е подготвен во рамки на проектот ,,Зголемување на продуктивноста преку подобрување на законската рамка за работните односи во Северна Македонија”, финансиран од Фондот за добро владеење на Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британската амбасада Скопје. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската Влада.